По три децении економски подем, Ковид-19 ја турна Австралија во рецесија | Економија | DW | 02.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

По три децении економски подем, Ковид-19 ја турна Австралија во рецесија

Корона-пандемијата ја погоди австралиската економија со погубна сила. Конкјунктурата во вториот квартал бележи историски пад, па земјата првпат по 1991 година се најде во рецесија.

Австралиската Служба за статистика денеска во Мелбурн соопшти дека бруто домашниот производ на земјата во периодот април-јуни се намалил за седум проценти. Тоа е најголем пад од 1959 година, од кога се води квартална евиденција.

Падот освен тоа е поголем од очекувањата на експертите. Со оглед дека земјата уште во првите три месеци годинава забележа намалување на БДП од 0,3 проценти, Австралија сега официјално првпат по 1991 година се најде во рецесија. За рецесијасе смета кога економскиот учинок назадува два квартали по ред.

Бројките ги покажуваат разорните последици на пандемијата на коронавирус врз австралиската економија, изјави министерот за економија Џош Фрајденберг. „Нашиот рекорд од 28 последователни години на економски подем со тоа официјално е завршен." Причината за тоа, истакна министерот, е „пандемија каква се случува еднаш во сто години."

Австралија можеше успешно да ја одмине дури и глобалната економска криза во 2008 година, како единствена од 37 членки на Организацијата на економска соработка и развој, ОЕЦД. Причина за гоемиот пад на економскиот раст во вториот квартал годинава е пред се намалувањето на приватната потрошувачка. 

„Ова е катастрофален ден за Австралија", изјави премиерот Скот Морисон во парламентот. Од март наваму работното место го загубија преку еден милион луѓе, зашто „локдаунот" парализираше цели бранши.

Владата вложи повеќе од 3.000 милијарди австралиски долари во конјунктурна помош, но неочекуваниот економски пад веројатно ќе покаже потреба и од дополнителни мерки. „Наша обврска кон австралискиот народ е да го поддржиме", истакна Фрајденберг. По потреба ќе се активира и Централната банка, таа во март ја намали основната каматна стапка на рекордно ниво од 0,25 проценти за да му овозможи евтин капитал на стопанството.

„Патот за излез од корона-рецесијата ќе биде напорен", изјави главниот економист на Институтот за економија БИС Оксфорд, Сара Хантер: „Сметаме дека на економијата ќе ѝ треба време до почетокот на 2022 година за да се опорави на ниво од пред пандемијата."

Отежнувачки фактор притоа е порастот на нови инфекции. Така, од оваа причина во Мелбурн владата реши да воведе нов повеќенеделен „локдаун."

Реклама