По средбата на Меркел и Путин: Тешко, но не конфронтативно | Свет | DW | 03.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По средбата на Меркел и Путин: Тешко, но не конфронтативно

Ангела Меркел и Владимир Путин во Сочи направија напор да водат конструктивен дијалог. На двајцата им е потребен успех на самитот на Г20 во Хамбург, оценува Андреј Гурков.

Меѓу Русија и Германија и натаму има „големи разлики во мислењата“. Тоа Ангела Меркел го стави јасно до знаење на заедничката прес-конференција со Владимир Путин во Сочи. Берлин и Москва и натаму различно гледаат на многу меѓународни проблеми. Особено кога станува збор за Украина.

Работна посета пред самитот на Г20

Но целта на посетата на Меркел на Русија и не беше да се постигне некаков пробив. Нејзе, како домаќинка на самитот на Г20 што треба да се одржи во јули во Хамбург, ѝ е пред сѐ важно да најде заеднички работи со еден од многу важните учесници. Барем така беше тоа претставено за медиумите од кругови блиски на канцеларката во предвечерјето на посетата. Во Берлин беа видливи напорите за одржување на очекувањата од средбата во Сочи на најниско можно ниво.

На заедничката прес-конференција темата Г20 меѓутоа играше подредена улога. Можеби затоа што двете страни се согласија со тактиката која Москва успешно ја има применувано на други разговори на врвни државници. Имено, прес-конференцијата не се одржа на крајот на средбата, туку меѓу две преговарачки рунди. Хамбуршкиот самит, според најавите, требало да биде тема на вториот дел од разговорите.

Дали Меркел посредува меѓу Путин и Трамп?

На тој начин суштинската тема на средбата беше елегантно исклучена од прес-конференцијата. Новинарите немаа можност да постават критички прашања и мораа да се задоволат со формулацијата на домаќинката дека Русија сака во рамките на Г20 и во мултилатералната соработка да биде конструктивен партнер. Дали тоа значи дека Путин, кој дома создава трговски бариери, во Хамбург ќе гласа за слободна трговија и против протекционизам? Зашто токму такво гласање ѝ е по волја на Германија во групата во која на маса седи и Доналд Трамп.

Gurkov Andrey Kommentarbild App

Андреј Гурков

Кога сме кај Трамп: одамна очекуваната прва средба на новиот американски и рускиот претседател ќе се одржи на маргините на самитот на Г20 во Хамбург, соопштено е од Москва само неколку часа по средбата Меркел-Путин. Дали германската канцеларка беше во улога на еден вид посредник? Дали прво во Вашингтон, а сега и во Сочи, работеше дискретно на тоа средбата на двајцата големи светски политички егомани да биде успех за сите? Дали е чиста случајност што телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп беше испланиран за вчеравечер, по посетата на канцеларката?

Овие, можеби најинтересни аспекти на посетата на Меркел, за жал, не беа тематизирани. Наместо тоа, на прес-конференцијата се зборуваше особено многу за конфликтот во Украина, иако нема што ново да се извести. Размената на мислења во Сочи сепак покажа дека и покрај сите разлики, постојат и заеднички работи. Двете страни правеа видливи напори тоа да го стават во преден план.

Така, и Германија и Русија се држат до Минскиот договор и не сакаат да го сменат со нов. Сакаат да ги продолжат и преговорите во т.н. Нормандија-формат, што фактички значи и негативен одговор за оние кои сакаат на масата за преговори покрај Украина, Русија, Германија и Франција, да седат и САД. Освен тоа, Москва и Берлин се за зајакнување на мисијата на ОБСЕ и против вооружени трупи на ОН во источноукраинскиот кризен регион.

Значи, има повеќе заеднички работи отколку што може да се претпостави. Дали тоа на крајот ќе биде доволно за конфликтот во источна Украина да почне да се решава, е прашање. Но, во најмала рака може да помогне да не се влошува лошата ситуација.

Едниот ја форсира економијата, другиот - хуманитарните прашања

Се разбира дека Меркел и Путин разговараа и за билатералните односи. Притоа, двајцата сигнализираа желба за приближување. Сепак, впечатливо е тоа што Путин ја става економијата во преден план, додека Меркел става акцент на хуманитарни прашања, размена на млади и дијалог на цивилните општества. Во тој контекст, таа отвори една исклучително актуелна тема - (опасната по живот) состојба на хомосексуалците во Чеченија, што наиде на голем одзив во руските медиуми.

Дали резултатот од ова патување е повеќе од интензивна размена на мислења (што во меѓународната политика е само по себе многу важно), ќе видиме најдоцна на почетокот на јули. Меркел, среде предизборна борба, сака организаторски и политички да блеска како домаќинка на самитот на Г20. Путин во никој случај не сака на самитот да делува изолирано и можеби ќе доминира во медиумските извештаи со својата средба со Трамп. И на Меркел и на Путин им е неопходен успех во Хамбург. Двајцата би можеле да си помогнат еден на друг. Можеби во Сочи и работеле на тоа зад затворени врати.

 

DW.COM

Реклама