По оставката на Барзани превирања кај Курдите | Свет | DW | 30.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По оставката на Барзани превирања кај Курдите

Претседателот на ирачки Курдистан, Масуд Барзани, најави дека ќе поднесе оставка. Во неговиот проштален говор тој изнесе тешки обвинувања против политичките ривали меѓу Курдите и против централната власт во Багдад.

По поразот во борбата за независна курдска држава, претседателот на автономниот курдски регион во Северен Ирак, Масуд Барзани, најави повлекување од функцијата. „Не прифатив под никакви услови, да го продолжам својот мандат“, изјави тој во телевизиско обраќање. Барзани по истекот на неговиот мандат на 1 ноември ќе ја напушти највисоката функција во автономниот регион во северен Ирак, по повеќе од 12 години. Барзани истакна дека тој ќе продолжи да му служи на Курдистан како пешмерга-борец. Тој претходно за своите намери писмено ги известил пратениците во регионалниот парламент во Ербил.

Барзани имено се пресмета со референдумот за независност на ирачките Курди на 25 септември. Иако огромно мнозинство од повеќе од 92 проценти гласаше за отцепување од Ирак, сепак централната влада во Багдад го отфрли гласањето и побара анулирање на резултатот и започна жестока офанзива во областите кои ги контролираат ирачките Курди, а се наоѓаат надвор од нивниот автономен регион. Станува збор главно за региони богати со нафта, како на пример провинцијата Киркук. Курдските пешмерга-борци во многу области се повлекоа без борби.

Барзани во врска со ова во своето телевизиско обраќање зборуваше за „велепредавство“. Со тоа очигледно мислеше на „Патриотската унија на Курдистан“ (ПУК), чии војници без борба се повлекоа токму од Киркук со неговите големи нафтени полиња, што претставува особено тежок удар за Курдите.

Повлекувањето на пешмергите ги заостри постоечките тензии меѓу големите курдски партии ПУК и Демократската партија на Курдистан (ДПК). Многу Курди го обвинуваат Барзани за актуелната ситуација. Поради спорот беа одложени и изборите во автономните регион, кои требаше да се одржат на 1 ноември. Барањата за оставка на Барзани во последниве денови беа сѐ погласни.

Тој инаку во телевизиското обраќање ја обвини и централната влада во Багдад дека го искористила референдумот како изговор за долго планираната кампања против Курдите.

Повлекувањето на Барзани би можело да доведе до намалување на тензиите со Багдад, со оглед дека неговиот однос со премиерот Хајдар ал-Абади е многу нарушен.

 

DW.COM

Реклама