По нападот во Вирцбург: Меѓу генерално сомничење и бегање од реалноста | Свет | DW | 20.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По нападот во Вирцбург: Меѓу генерално сомничење и бегање од реалноста

Денот по нападот во Вирцбург уште еднаш јасно покажа - германското општество е длабоко поделено околу бегалската политика на канцеларката, смета Феликс Штајнер.

За поимот „терор“ постои јасна дефиниција: терор е систематско ширење страв и трепет преку акции на насилство.

Следствено на тоа, нападот со секира и нож врз патниците во воз во близина на Вирцбург можеби не е терор. Во меѓувреме е познато дека наводно 17-годишниот Авганистанец им испратил видео на пропагандистите од Исламска држава, со најава за насилни акции врз „неверниците“. Но, дали тоа се вклопува во поимот систематика, кога терористите од ИД воопшто не издале налог, иако сега се перчат со неговото дело?

Консеквентно избегнување на поимот терор

Она што се случи во понеделникот вечерта во регионалниот воз кај Вирцбург, германските медиуми консеквентно не го нарекуваа терор, туку „напад“. Од моментот кога во просторот виси информацијата за можно радикализирање на младиот човек во рок од само неколку дена, веројатно откога дознал за смртта на негов добар пријател во татковината, повторно, како и неколку часа по настанот, се зборува за акт на дивеење, извршено во афект.

Проблемот при овој формално правилен избор на терминот во медиумите е што не мал дел од публиката веќе не ја следи оваа логика. За обичниот граѓанин се‘ позачестените поголеми и помали напади извршени исклучиво од муслимански лица, секако содржат систематика, и тоа токму онаа во која и самата ИД сака да не‘ убеди. Затоа, кај многумина расте стравот (со што теророт ја постигнува својата цел), дека секој од нас може да стане жртва на исламски мотивиран терор.

Steiner Felix Kommentarbild App

Феликс Штајнер

И како и секогаш кога во игра е стравот, луѓето тежнеат кон ирационалност, што посебно се отсликува низ социјалните мрежи. Таму, ден по нападот кај Вирцбург, повторно како извор на сите зла е детектирана одлуката на канцеларката Меркел за отворање на границите за бегалците во септември минатата година. Никој не обрнува внимание на фактот што извршителот стигнал во Германија како бегалец уште во јуни 2015. година. И дека атентаторите од Ница, Париз и Брисел без исклучок биле француски и белгиски државјани - значи, проблемот уште одамна е домашен.

Генералното сомничење не е од помош

Без оглед на ставот кон политиката на отворени граници, генерално сомничење на сите овде стигнати и одамна овде доселени муслимани, противречи на секој принцип на либерална граѓанска република. И гарантирано не помага натамошно во нивната интеграција, која патем, мора да успее, па и од внатрешно-безбедносни причини. Но, ваквите размислувања се веројатно премногу комплексни за социјалните мрежи - критикувањето на оние кои негуваат култура на добредојде кон бегалците е веројатно многу позабавно.

Истата ирационалност патем ја има и на другата страна на политичкиот спектар: под мотото: „не е можно она што не смее да е можно“, на секој кој укажува на религиозната припадност на сите овие извршители, веднаш му се лепи наци-етикета. Или бидува прекорен за јакнење на десничарските партии. Се бара дури и секакво можно оправдување на безумното дело: младиот Авганистанец кај Вирцбург гарантирано бил трауматизиран поради околностите на неговото бегство. Значи, бил безумник, а не атентатор. Со добра терапија сигурно тоа можело да биде спречено. Обичниот граѓанин со запрепастување ги прима ваквите мисловни застранувања.

Кога престапникот станува жртва

Лавината ја предизвика поранешната германска министерка од Зелените, Ренате Кинаст: неполни два часа по случајот кај Вирцбург, таа преку Твитер го проблематизираше тоа што полицијата го убила напаѓачот, наместо да го уапси. Без поседување детали околу конкретните околности во акцијата на теренот, злосторникот одеднаш стана жртва. Таа сосем го заслужи бранот критики кој ја опсипа на социјалните мрежи.

Она што во етаблираните медиуми се отсликува преку писмата на читателите, во социјалните медиуми е уште подрастично очигледно: германското општество од минатата есен е толку поделено колку што не било во последните децении. Воопшто не би сакале да си претставиме како би изгледала ситуацијата при поголем терористички напад со побројни жртви во Германија. Засега нема видлива поука од искуството на другите нации: „Обединети ќе успееме, разединети ќе пропаднеме“.

DW.COM

Реклама