По нападите расте притисокот врз Меркел | Свет | DW | 27.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По нападите расте притисокот врз Меркел

Што значат нападите во Минхен, Вирцбург, Ројтлинген и Ансбах за кариерата на канцеларот Ангела Меркел? Од натамошниот развој ќе зависи дали таа ќе се стреми кон уште еден мандат или не, смета Кај-Александер Шолц.

Врз светлата слика на сестрано омилената канцеларка Ангела Меркел, минатата година, во екот на бегалската криза, паднаа многу сенки. Повиците „Меркел мора да си замине“, од приврзаниците на „Алтернатива за Германија“ (АфД, десно-популистичка партија – н.з.) и други критичари на Меркел, кои оттогаш можат да се се слушнат и прочитаат ширум земјата, беа незамисливи во годините пред тоа. Меркел самата се инсценира себе си како „бегалска канцеларка“. Тоа ѝ донесе големо признание кај еден дел од Германците, но многумина други само ја тресеа главата од вчудовидување.

Во изминатите недели малку се смири тоа поларизирано расположение. Тоа внатрешнополитичко релаксирање беше во упадлива корелација со многу намалената бројка на бегалци по затворањето на балканската патека. Во медиумите темата бегалци падна повторно длабоко во втор план. Во анкетите се опоравија показателите за нејзината партија ЦДУ.

Повторно пад на угледот на Меркел

Во прилог на Меркел многу ѝ одеше и новата внатрепартиска борба за превласт во АфД, толку опасна за нејзе и за нејзината партија. Челниците на АфД покажаа дека побргу ќе се караат политички до смрт, отколку да напредуваат тимски, што веднаш се одрази со губење на поени во анкетите на јавното мислење.

Scholz Kay-Alexander Kommentarbild App

Кај-Александер Шолц

Нападите од изминатите денови значат нова прелом во Германија. Во јавното мислење Меркел и бегалците во тандем градат поврзан поим. И, со оглед на тоа дека бегалците во најширока смисла на зборот повторно предизвикуваат негативни наслови, повторно ќе расте и притисокот врз Меркел.

И тоа сѐ едно дали Вирцбург, Минхен, Ројтлинген или Ансбах навистина биле сторени од бегалци или дали имале исламистичка заднина – истрагите уште се во тек. Многумина не сакаат или не умеат да го направат тоа неопходно диференцирање. Странци, мигранти, бегалци, германски Иранец – сите премногу радо се ставаат во ист кош. Кога како деновиве се натрупуваат, не е далеку ни краток спој во главата.

Плодна почва за АфД

Ментална поддршка на тие избирачи им дава АфД, за чии политички цели настаните се извонредно плодна почва. „Ние секогаш велевме дека неконтролирано доселување претставува опасност“ – ова или нешто слично може да се прочита на Твитер- или Фејсбук-профили на политичари на АфД. Виновна за тоа, како што се вели, била пред сѐ Ангела Меркел, која сакала отворени граници.

Меркел во моментов е на одмор во Укермарк, крај во кој растеше. Се разбира, како што беше речено, таа постојано е на служба. Фактички, тешко дека ќе може вистински да се исклучи од сѐ. Оти, покрај насилството во Германија, и пучот во Турција и неговите последици го разнишаа договорот за кој таа со мака се избори со ЕУ и Ердоган.

Сака ли Меркел уште еден мандат?

По околу една година ќе има сојузни избори. Меркел досега го стави отворено прашањето дали има намера уште еднаш да се кандидира. Нејзиното решение суштински ќе зависи од тоа како натаму ќе се развива тематскиот комплекс бегалци. Некој голем терористички напад како во Париз или Брисел би попречил уште еден мандат за Меркел како канцелар.

А што се однесува на АфД, тука може да биде возбудливо веќе во септември годинава. Можно е барем да се претпостави, АфД да биде најсилна партија на покраинските избори токму во Мекленбург-Предна Померанија, покраината од која доаѓа Меркел. Сѐ уште е вистински голема предноста на водечката ЦДУ. Но, ако има натамошни амок-напади или терористички акти, предноста може да се стопи. А борбата за превласт во АфД, според волјата на самоуверената Фрауке Петри, претседател на партијата, треба да се расчисти во наредните недели.

Реклама