По изборите - турбуленции и во албанскиот блок | Северна Македонија | DW | 05.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

По изборите - турбуленции и во албанскиот блок

Градоначалникот на Студеничани од редовите на ДПА, Азем Садики, премина во Алијанса за Албанците. Го обвини лидерот на ДПА дека го продал многу евтино.

По локалните избори во Северна Македонија, турбуленции се случуваат и во албанскиот блок. Градоначалникот на Студеничани од редовите на ДПА, Азем Садику, премина во Алијанса за Албанците, со што партијата на Мендух Тачи остана без ниту едно градоначалничко место. Ескалираше и проблемот меѓу Беса и ДУИ, во врска со приговорите за изборите во Желино, по кои решаваше ДИК.

Политички трансфери

Алијанса за Албанците на Фејсбук ја објави веста за политичкиот трансфер. „Градоначалникот на Студеничани, Азем Садику сега е дел од големото семејство на Алијансата за Албанците. Нему му се придружија и локални структури кои не прифатија пазарење со актуелната власт. Победи праведноста и чистотата!“, велат од Алијанса за Албанците.

Студеничани беше единствената општина предводена од ДПА. Садику вели дека за неговата одлука е одговорен лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

„Бев кандидат на ДПА и на изборите победив како кандидат на ДПА. За жал по првиот круг, кога победив убедливо против кандидатот на ДУИ, лидерот на ДПА ме продаде многу евтино и се подготвија заедно со ДУИ да ја сменат волјата на Студеничани. Но, наидоа на клинец, иако државниот апарат беше силно ангажиран, со власта, со полицијата, но и покрај нив малку ги зголемија своите гласови со поддршка на Алијанса и со поддршка на граѓаните на Студеничани. Повторно победив на изборите. До крајот бев лојален на идеологијата на ДПА, но по ова предавство од ДПА, решив да влезам во редовите на Алијанса“, вели Садику.

Партијата на Тачи, која имаше слаб изборен резултат на локалните избори, по најавената оставка на премиерот Заев Заев, изјави дека неговата партија останува дел од владејачката коалиција и не гледа никаква причина да се случи нешто драматично. „Ако сакаат да зборуваат за легитимитет на Влада, оваа Влада и на овие избори има легитимитет“, порача Тачи.

Судир меѓу Беса и ДУИ

Има ли опасност Беса да ја напушти Владата? Ваквото прашање се наметнува откако генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, кој е и актуелен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска порача дека нема да седи на иста маса во влада со министри од ДУИ. Тој вели дека нема да дозволи натамошно непочитување на Беса како коалициски партнер и најави дека Беса како демократска партија ќе донесе одлука дали ќе истапи од Владата или ќе остане во неа. Судирот настана поради одлуката за прегласување на изборите за градоначалник во Желино, поради што е можно партијата да ја напушти владината коалиција.

Nordmazedonien Ali Ahmeti, Vorsitzender der DUI-Partei

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е убеден дека нема да се случи Беса да ја напушти Владата, зашто таквиот потег нема да биде од полза на таа партија

Но, лидерот на ДУИ, Али Ахмети е убеден дека нема да се случи Беса да ја напушти Владата, зашто таквиот потег нема да биде од полза на таа партија. Ахмети вели дека нема потреба да се врши притисок врз институциите и дека треба да се почитува одлуката на ДИК за прегласување на едно избирачко место во Желино.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, смета дека ќе се решат сите дилеми и нема да има никакви последици, и покрај заканата на Хоџа дека оваа партија може да излезе од мнозинството и да ја урне Владата. „Мислам дека низ разговори и состаноци ќе ги разрешиме сите тие дилеми. ДИК донела одлука и тоа не е само за Желино, така што ќе видиме. Не би требало да има тоа политички импликации“, вели Маричиќ.

Државната изборна комисија вчера прифати приговор на ДУИ и одлучи да се прегласува на едно избирачко место во Желино – општината во која кандидатот на Беса победи пред противкандидатот од ДУИ со 69 гласа разлика, а сега може да има прегласување на избирачкото место на кое се запишани 741 гласачи, а во вториот круг гласале 340.