По брегзит на Европа не ѝ се потребни соништа туку дела | Свет | DW | 29.06.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

По брегзит на Европа не ѝ се потребни соништа туку дела

ЕУ луто негодува поради Британците и ги лиже своите рани. Но дали научи нешто од гласањето за брегзит? На крајот треба да станува збор за тоа да се решат проблемите на граѓаните, смета Кристоф Хаселбах.

Денот во Брисел за британскиот премиер Дејвид Камерон беше како одење по врел песок. Отровните стрели кои му ги делеа останатите шефови на држави или на влади се разбирливи: со несовесниот референдум Камерон во тешка криза ја турна не само својата земја, туку и целиот континент.

Сепак, кој сега сака да го казни Камерон или конзервативната влада во Лондон- ќе казни и една цела земја во која безмалку половина од гласачите се определија за останување во ЕУ. Ги казнува и младите Британци иако токму тие во најголем дел сакаа да останат.

Камерон ќе биде ставен под притисок што побрзо да го поднесе барањето за развод. Но веќе не се работи за неколку недели, помалку или повеќе, посебно бидејќи во Велика Британија се разви вчудовидувачка дебата за можен егзит од брегзит, односно евентуално одбивање да се постапи по резултатот на референдумот. Иако е тоа малку веројатно, дебатата покажува дека заговорниците на брегзит немале претстава што ќе сторат по победата.

Од полза за двете страни е врските меѓу Островот и континентот да останат што е можно потесни. ЕУ не смее да води преговори за истапување со намера да ја казни Велика Британија за да им покаже на другите како поминуваат „дезертерите“.

Бриселски меур од сапуница

Различни се причините за острината со која сега многумина им пристапуваат на Британците и злорадоста со која се следат економските турбуленции во кое западна Обединетото Кралство.

Тоа е повредената гордост на отфрлените.

Тоа е чувството на сатисфакција на оние кои наводно секогаш знаеле што се подготвува.

Тоа е страв од земјите кои евентуално би го следеле британскиот пример. Веќе сега цела низа десничарски европски популисти бараат слични референдуми во своите земји.

Тоа е, меѓутоа, и пренасочување на вниманието од сопствениот пораз. ЕУ и нејзините институции удобно си се сместени во сопствениот меур од сапуница. Се вртат околу сопствената оска наместо да ги застапуваат интересите на граѓаните.

Крај на илузијата

Гласањето за брегзит го изнесе на виделина она што под површината долго татнеше, нелагодноста, понекогаш дури и бесот што на „оние таму горе“ не им е грижа за потребите на граѓаните.

ЕУ сега мора да се концентрира на она што може да го стори за да ја поврати довербата на граѓаните. Мора да биде релевантна во нивниот живот- во малите работи, како заштитата на потрошувачите или големите кризи како илегалната миграција.

Најдобар пример од она што ЕУ не би требала да го прави се барањата на грчкиот премиер Алексис Ципрас. Тој како одговор на кризата бара итно укинување на „политиките на штедење“ и воспоставување „социјална “ Европа. Тоа секогаш звучи добро. А сепак, е повторно обид да се оттргне вниманието од сопствените реформски неуспеси и да се изврши санација на буџетот на товар на другите. Не, тоа не смее да биде европскиот одговор. Европа не смее да биде изговор за националните грешки.

И што остана од „европскиот сон“? Кој се потпира на патетика со големи зборови, како претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, навистина би можел да се разбуди разочаран. Бидејќи гласањето во полза на брегзит изгледа и на последниот сонувач му покажа дека засега нема ништо од идејата за сѐ поцврста политичка Унија или некакви Обединети Европски Држави. На граѓаните и онака не им требаат соништа, туку дела.

Реклама