Почнува 73. филмски фестивал во Венеција | Панорама | DW | 31.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Почнува 73. филмски фестивал во Венеција

Ѕвезди од Холивуд и оние од Европа... Режисерски великани од целиот свет... Сите тие овие денови се во Венеција, на прочуената Мостра. Вим Вендерс може да се надева на втор Златен лав, но и Емир Кустурица.

Овогодшната Мостра, 73. по ред, ја отвора американскиот мјузикл „La La Land“, на Демијан Чензел. Тоа е омаж на класичнен американски мјузикл во кој, покрај останатите, играат Ема Стоун и Рајан Гослинг, инаку гости на црвениот тепих кој Венеција и годинава го простре за ѕвездите. Поради трагичниот земјотрес кој ја погоди Италија, откажана е вообичаената прослава.

Прочуениот германски режисер Вим Вендерс, кој во 1982. година доби „Златен лав“, е еден од 20 режисери кои се повикани да учествуваат во официјалната конкуренција на најстариот филмски фестивал во светот (од 31.8. до 10.9.). Неговиот филм „Убави денови во Аранхуез“ е екранизација на театарската престава на Петер Хандке „Убави денови во Аранхуез: Летен дијалог“. Тоа е приказна во која една жена и еден маж, едно лето одат во трагите на љубовта и ги секцираат разликите меѓу половите.

Германија годинава во Венеција е добро претставена - барем кога станува збор за финансирање на филмови. Покрај во филмот на Вендерс, германски пари се вложени уште во 5 продукции. Документарниот филм „Voyage of Time: Life's Journey“ на Теренс Малик од САД се занимава со потеклото на светот.

Новиот филм на прочуениот француски режисер Франсоа Озон „Franc“, опишува нежна љубов помеѓу една Германка воена вдовица и еден француски војник, непосредно по крајот на Првата светска војна.

Германски продуценти учествуваа и во создавањето на новиот филм на стариот руски мајстор Андреј Кончаловски („Paradiese“), како и во филмовите на холандскиот режисер Мартин Колхофен („Brimstone“) и Мексиканецот Аманто Ескаланте („The Untamed“).

На крајот, со нетрпение се очекува и новото епско дело на босанско-српскиот режисер Емир Кустурица кое исто така ќе биде во трката за главната награда на фестивалот „Златниот лав“. „На млечниот пат“ е неговиот прв игран филм по речиси цела деценија. Кустурица во него раскажува приказна за љубовта во време на (босанската) војна.

Реклама