Почнува недела на протести и штрајкови во Македонија | Северна Македонија | DW | 19.01.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Почнува недела на протести и штрајкови во Македонија

За утре е најавен протест на новинарите и штрајк на просветарите, а не е исклучено дека такви чекори може да преземат и двата пленума кои не се согласуваат со измените во високото образование.

Протести и штрајкови ќе ја одбележат недлава во Македонија. Новинарскиот протест за ослободување на колегата Томислав Кежаровски најавен за вторник (20.01) добива широка општествена поддршка. Истовремено, Самостојниот Синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК) ќе започне генерален штрајк, а во Професорскиот и Студентскиот пленум ги договараат модалитетите за искажување на незадоволството од усвоените измени во Законот за високото образование.

На протестот закажан за утре напладне против пресудата на Апелацискиот суд за новинарот Томислав Кежаровски, на Иницијативниот одбор за негово ослободување, на Синдикатот на новинари и на ЗНМ, поддршка им најавија и од Професорскиот и Студентскиот Пленум, претставници на невладини организации и на опозициските партиии. Студентскиот пленум во својата поддршка на протестот за Кежаровски ги повика граѓаните да заземат страна.

„Во држава што ги затвора новинарите не може да се очекуваат слободни и непристрасни медиуми и медиуми што ќе известуваат за студентски марш. Неутралноста му помага на угнетувачот, никогаш на угнетуваниот. Молкот го охрабрува мачителот, никогаш мачениот. Ајде не улица“, повика Студентскиот пленум.

Protest von Journalisten in Mazedonien

Новинарскиот протест е закажан за утре (на фотографијата протести од 23.10.2013)

Политички опструкции

За вторник, на првиот училишен ден по распустот, СОНК најави почеток на генерален штрајк во градинките, основното, средното образование, ученичките домови и установите од културата. Второто полугодие ќе започне со присуство на работните места, но не и со извршување на работните задачи. Според претседателот на СОНК, Јаким Неделков, штрајкот е резултат на неуспешните преговори со Мининистерството за образование и наука (МОН).

„Советот, највисокиот орган на СОНК, реши да ја реактивира одлуката за генерален штрајк. Таа беше донесена на 14 септември, а ставена во мирување на 28- ми истиот месец, со цел да им дадеме шанса на преговорите со МОН. На 2 јануари завршија сите контакти со МОН. Тие преговори не дадоа никакви резултати, особено не за двете најважни барања - зголемување на платите и укинување на казните за наставниците одредени по екстерни тестови“, објаснува Неделков.

Иако од повеќе локални претставништва на СОНК стигнуваат соопштенија дека се против штрајкот, Неделков тврди дека тие се резултат на притисокот од општинските власти.

„Никој и ништо не може да нè натера да се откажеме од намерата за штрајк, освен ако нашите барања целосно не бидат исполнети. За штрајк е 87% од членството. И покрај огромните притисоци, најголемиот дел од членовите на СОНК ќе го започнат генералниот штрајк. Тогаш јасно ќе се види во кои општини биле најжестоки притисоците и како тоа огромниот дел на наши членови во тие општини сепак се сложуваат да бидат казнувани без никаква нивна вина и немаат никаква потреба да бараат зголемување на нивната плата, која за носителите на дејноста е под просечната плата на ниво на државата, и најниска во сите европски држави“, вели Неделков.

Lehrer in Klassenzimmer

За штрајк е 87% од членството, тврди претседателот на СОНК, Јаким Неделков

Тој потсети дека вакви притисоци се спротивни на Уставот и законите, а ги отфрли и гласините дека штрајкот се организира во функција на негов реизбор за претседател на синдикатот, бидејќи конгресот на СОНК, како што вели, „е далеку - во октомври!“

Согласно со законските измени во образованието, ако некој од вработените одлучи да се приклучи кон најавениот штрајк, раководните органи на училиштата преку Агенцијата за вработување ќе обезбедат соодветна замена со цел наставата да се одвива непречено.

Отворени сите опции

Незадоволството кулминира и во академската заедница. Деновиве во Професорскиот и во Студентскиот пленум се вршат консултации за идните чекори со кои ќе биде изразено незадоволството од усвоените законски измени во високото образование. Игор Јованоски од Професорски пленум, вели дека не преостанува ништо друго, освен уште поистрајна борба за остварување на целите за кои Пленумот бил формиран: одбрана на уставно загарантираната автономија, донесување на нов, суштински закон за реформи во високото образование и заштита на правата на студентите и академската заедници во целост.

„Сите опции се во игра - и краткорочно и долгорочно, и на институционален и вонинституционален план. Најпрво, на краток рок со нетрпение ја очекуваме одлуката на Претседателот на РМ во врска со законот и можноста за непотпишување на истиот. Таквата опција, иако, според убедувањето на сите, е малку веројатна, би дала простор за уште потемелно настојување за повлекување на законот и подготовка на нов, кој во целост би ги вклучил легитимните забелешки на академската заедница и демократската јавност. Доколку ова не се случи, тогаш, дозволете ми да потсетам на точката осум од писмото на Професорскиот пленум упатено до Собранието и потпишано од над 300 професори, доценти и асистенти. Таму се потенцира дека на крај ’нам ни останува граѓанскиот отпор’.

Studenten Demo in Skopje Mazedonien 10.12.2014

Во Студенскиот пленум се во тек консултации

Тоа подразбира не само постојан притисок кон респективните факултетски единици на членовите на Професорскиот пленум за нивна официјална реакција во врска со Законот, туку и отворена можност за бојкот, блокада на универзитетите и други форми на граѓанска непослушност, кои треба да бидат дискутирани на наредното заседание на пленумот“, потенцира Јованоски.

Тој вели дека во долгорочниот план на делување во оптек се повеќе опции: проширување на базата на Професорскиот пленум; разгледување на опцијата за синдикално делување, со што и опцијата за организација на генерален штрајк сериозно влегува во игра; подготовка на предлог-закон од Професорскиот пленум за суштинска реформа, не само на високото образование, туку и образованието во целост; можна претставка пред Уставниот суд за оценување на законитоста на измените на Законот за високото образование.

Колективна одлука

И во Студентскиот пленум во тек се консултации. Според Константин Битраков, одлуките се колективни и ќе бидат донесени со широка согласност од заинтересираните студенти.

„Начинот на однесување на предлагачот на законот (Владата) и на пратениците во текот на собраниската процедура и цврстото инсистирање на донесувањето на ваквиот Закон, го направи неговото донесување сосема извесно. Разочарувањето беше присутно, но студентите, професорите, а ценам и сите останати заинтересирани граѓани го очекуваа таквиот исход. Студентскиот пленум и натаму егзистира како движење. Активностите кои ќе бидат преземани допрва ќе бидат обликувани. Во овој момент се одвива процесот на координација меѓу студентите кои придонесуваат со нивните разни идеи и размислувања. По тој процес би требало да бидат донесени одлуки околу натамошното делување“, најавува Битраков.

Голем дел од аналитичарите сметаат дека протестите на разни категории граѓани постепено покажуваат сигнали дека сегментираното незадоволство може да се обедини и масовно да се излее на улица. Иако Македонија нема традиција на масовни протести, тие не ја исклучуваат можноста од „жешка протестна пролет“. Не поради чекањето прво да се стопи снегот, туку поради зреењето на сознанието дека нема друг начин да влијаат врз бараните промени.