Почнува борбата за наследник на Ангела Меркел | Свет | DW | 26.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Почнува борбата за наследник на Ангела Меркел

Тројца влијателни политичари од ЦДУ се кандидираа за лидерската партиска функција и ако се‘ помине во ред, наскоро и за наследници на Ангела Меркел на канцеларската позиција. За што се залагаат тројцата и кој е фаворит?

Доколку Христијанско демократската унија и по идните избори остане на власт, промената предизвикана со заминувањето на Ангела Меркел ни оддалеку не би изгледала толку драматично како пресвртот настанат во САД или Велика Британија со појавата на Доналд Трамп и Борис Џонсон.

Нешто како континуитет, но со големи промени, тоа во секој случај ветуваат тројцата кандидати за челната функција во ЦДУ, според она што го кажаа на одвоените прес конференции. Тројцата се: бившиот министер за заштита на животната средина Норберт Ретген (54), премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија- Армин Лашет (59) и поранешниот шеф на пратеничката група на партијата – Фридрих Мерц (64).

Сите тројца ветуваат придржување кон принципите на германската надворешна политика во поглед на ЕУ и НАТО, ја повторуваат желбата за јакнење на ЕУ во светската политика и се залагаат за тесен сојуз првенствено со Франција. Се чу уште едно постаро барање, дека ЕУ мора да работи на обезбедување посигурни надворешни граници заради контролирање на миграцијата.

Friedrich Merz

Втор обид на Фридрих Мерц за преземање на кормилото на ЦДУ

Но, со повторувањето на фразите дека во овие турбулентни времиња на Трамп и подем на Кина, кога Германија мора да преземе поважна улога во светот, кандидатите Ретген, Лашет и Мерц не можат да покажат во што меѓусебно се разликуваат.

Загрижени чувари на ЦДУ

Во неделата, на изборите во градот-покраина Хамбург, ЦДУ падна на историски минимум од 11 проценти гласови. Во источниот дел од Германија партијата исто така котира под 20 проценти. На сојузен просек поддршката изнесува 27 проценти, а иако таа бројка никогаш не била толку мала, ЦДУ и натаму е најсилна партија.

Согласно на тоа, тројцата кандидати се претставија како загрижени чувари на наследството на Демохристијаните, луѓе кои ќе се обидат да го одбранат пламенот на една голема партија, дури и во услови кога партиската сцена наоколу се раситнува.

PK Berlin Jens Spahn und Armin Laschet

Армин Лашет се потпира на поддршката од Јенс Шпан

Ниеден од кандидатите не сака напуштање на политичкиот центар, истакнуваат дека е потребно јасно разграничување од краевите на спектарот на обете страни, Левицата и десничарската Алтернатива за Германија. Но, сепак има различни акценти. Мерц, човек од крупниот бизнис, ја нагласува конзервативно-либералната насока.

Заедничко за тројцата претенденти за лидерската позиција е сфаќањето дека ЦДУ во последно време загуби значителна поддршка во прв ред кај младите избирачи. Кандидатите сметаат дека е потребно поведување нова политика кон климатските промени и издвојување повеќе пари за образованието.

Следува борба

До изборот остануваат два месеци. На вонредниот партиски конгрес на 25 април, 1001 делегат од цела земја,- освен Баварија, каде конзервативниот спектар го покрива сестринската партија Христијанско социјална унија- ќе изберат нов шеф. Други конкуренти за Ретген, Лашет и Мерц засега не се на повидок. Почнува тројна борба. 

Сегашната партиска шефица Анегрет Крамп-Каренбауер објави повлекување по настаните во Тирингија, каде се покажа дека нема обединета партија зад себе. Но, таа инсистира на една работа – неопходноста личноста која раководи со партијата воедно да биде и кандидат за канцелар, за бирачите да можат да разберат што и кого нуди ЦДУ.

Norbert Röttgen

Норберт Ретген прв ја објави кандидатурата

Редовните парламентарни избори би биле дури есента 2021 година. За волја на вистината, пред изборот на кандидат за канцелар, ЦДУ мора да се консултира со баварската ЦСУ и не може да се исклучи шефот на таа партија и покраински премиер, Маркус Зедер, да побара токму тој да биде кандидат. Баварците досега биле кандидати на конзервативците само двапати, во 1980 и 2002 година.

Ретген, Лашет и Мерц ќе се борат за пол-позиција. Во една анализа на јавниот сервис ЗДФ, Лашет е означен како фаворит од две причини – него би требало да го поддржи матичниот, најголем покраински огранок во Германија. Второ, министерот за здравство Јенс Шпан (39) изјави дека нема да се кандидира самиот, туку го поддржува Лашет. Ако Лашет победи, Шпан би бил потпретседател на партијата.

Шпан се смета за бунтовник во партијата. Млад, хомосексуалец и тврдо конзервативен, тој ја привлекува партиската младина, но и дел од конзервативните делегати. На тој начин одлично се надополнува со умерениот Лашет, кој меѓу кандидатите најмногу наликува на продолжувач на политиката на Ангела Меркел. 

Фридрих Мерц исто така има добри шанси како миленик на десното крило и стопанственик. Веќе ја доби поддршката од партискиот огранок во Берлин.

Поглед кон исток

Интересно е што и Фридрих Мерц и Норберт Ретген потекнуваат од Северна Рајна Вестфалија, исто како и Лашет, но фрлаат повеќе око кон источните делови од земјата. Мерц се надева на поддршка од делегатите од покраините кои порано ја сочинуваа Германската Демократска Република, зашто таму населението е поконзервативно.

Повеќе:

Партијата на Меркел се простува од политичкиот „центар“?

Германската демократија е загрозена

Партијата на Меркел во идентитетска криза

Земјотрес во ЦДУ: Меркел ја губи моќта

Ретген исто така нагласи дека има разбирање за источните Германци, кои од мирната револуција во 1989 година до денес се чувствуваат „оставени на цедило“. Ретген вели дека без заштита од државата, настанува страв, а од стравот профитира десничарската АфД, посебно во источна Германија.

Добро за ЦДУ е што сите кандидати сфаќаат дека ерозијата на партијата нема да запре ако се‘ остане по старо, вели политикологот Вернер Пацелт за Дојче веле. Но пред тоа, додава тој, ЦДУ мора да биде начисто зошто бележи пад на поддршката: „Затоа што скршна надесно или токму спротивно, затоа што ѝ го препушти теренот на АфД?“

Пацелт сепак е скептичен дека принципиелното идеолошко прашање ќе биде решено во овие два месеци. Зашто, истакнува тој, сите заобиколуваат оклу таа најважна тема и гледаат само „што им донесува мнозинство на партискиот конгрес.“

 

Реклама