Почна како „Пуч“, дали така и ќе заврши? | Северна Македонија | DW | 24.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Почна како „Пуч“, дали така и ќе заврши?

Многу обвиненија кои ќе се базираат само на прислушуваните докази, може да завршат со ослободителни пресуди, вели адвокатот Александар Новаковски по вчерашното сведочење на Верушевски

Nord-Mazedonien Zoran Verusevski Ex-Spionageabwehrchef (DW/P. Stojanovski)

Зоран Верушевски, бивш разузнавач

Посилно од бомба во јавноста одекна вчерашото сведочење на поранешниот разузнавач  Зоран Верушевски, во предметот „Таргет-тврдина“. Особено што се работи за капиталниот предмет на СЈО, кој треба да открие кој незаконски прислушкувал над 20.000 граѓани и кој наредил да се уништи опремата со која била извршено кривичното дело. Верушевски во претходни сведочења беше посочен како човекот кај кого се слевале доказите од  свиркачите,  што потоа тој му ги предал на лидерот на тогаш опозициската СДСМ. Но тој вчера тврдеше дека доказите не се слевале кај него, туку во СДСМ. Тој имал обврска само да ги анализира, за лидерството да гради своја стратегиска политика. Но, она што одекна посилно од бомба е неговата изјава дека „документацијата доживеала модификации и компромитирања после неговото лишување од слобода".

Верушевски немаше такви забелешки кога излезе од притвор на крајот од 2015 година. Бомбите јавно беа реемитувани од многу медиуми, се анализираа во јавноста, на тв- дебати, а СЈО работеше на предистраги и истраги за криминал што произлезе како индиции од тие снимки. Верушевски ниту еднаш не изјави дека некоја од тие снимки е модифицирана. На изненадување на јавноста, на 11-ти октомври 2016 година тој дури и учествуваше на протестен марш на СДСМ, и беше во првиот ред, рамо до рамо со партискиот лидер Зоран Заев, кој пак во повеќе наврати ја нагласи важноста на улогата на свиркачите во граѓанската битка за демократија и пад на режимот.

По вчерашното сведочење на Верушевски прв се огласи азилантот од Будимпешта, Никола Груевски.

„Конечно, помалку неочекувано, за многумина ‘неверници и оние кои свесно одбиваат да веруваат' дојде сведочењето на Зоран Верушевски, во кое тој самиот кажува дека аудио снимките биле сериозно сменети, или како што кажа ‘модифицирани и компромитирани' од оние кои тој му ги предал на Заев. Е ова е ‘бомба'. Поголема од сите досега. Ова е најсилната ‘бомба'!!! Извршителите на целата операција јавно и во суд потврдуваат дека владата на ВМРО-ДПМНЕ беше компромитирана", напиша Груевски на Фејсбук.

Gorgi Lazarevski (Privat)

Според Верушевски, Ѓорѓи Лазаревски (на фотографијата) ги носел материјалите директно во СДСМ

Обвинети во предмети на СЈО задоволно тријат раце по „подарокот“ што им го даде Верушевски. Адвокатите со внимание ја анализираат изјавата.

„Изјавата на господинот Верушевски отвора неколку правни и политички моменти, оценува адвокатот Александар Новаковски.

„Тој се оградува од учество во собирање прислушкувани материјали и во обликот и содржината на истите по неговото притворање. И господинот Заев се огради од содржината, и затоа со специјален закон беше формирано СЈО, екипирано и задолжено да ги истражи сите факти. Одговорноста за тоа дали истите се модифицирани или компромитирани ја остава на вештите лица, факти кои одбраната максимално ќе може да ги користи. Овде се отвора дилемата - дали материјалите доставени од свиркачите се модифицирани и дали СЈО било на висината на задачата да го утврди истото во истражната постапка. По најновите случувања со  СЈО,  оваа сериозна правна дилема ќе ја решава судот. Многу обвиненија кои ќе се базираат само на прислушуваните докази, може да завршат со ослободителни пресуди“, смета Новаковски.

Атмосфера на недоверба

Во политичките кулоари има разни шпекулации за мотивите на Верушевски да изврши „пуч“ врз предметите на СЈО, но засега изостануваат официјални оценки. За разлика од Груевски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера не се огласи со став, што кај дел од јавноста остава сомнеж по две линии: дали се случило одредено пазарање или можеби се` е дел од поширок политички договор вака да изгледа крајот - не само на СЈО, туку и на неговите предмети. Сомнежите растат, а сето тоа само ја потхранува недовербата – и во правдата, и во слободата на комункациите.

„Денес стана секојдневие да се најавуваат афери, па се замолчува, па се создава една атмосфера дека секој секого и на секое работно место го следи, и подметнува. Постои страв од слобода на комуникација и кај обичните граѓани, за секојдневни теми. Се прашувам, како мислиме да оди бизнисот и економијата при ваква недоверба. Ова мора правната држава да го реши или ние запаѓаме во општествена криза која не може ниту една влада да ја реши. Верушевски точно укажува дека политичките партии ги носат одлуките, а дали се добри, навремени -  е нивна одговорност. Сега последниот збор треба да го има судот. Ниту обвинителствата, ниту другите странки. Само така може да се надеваме на излез од оваа ситуација“, вели Новаковски.

 

DW.COM

Реклама