Почина Ханс-Дитрих Геншер - дипломатскиот акробат | Свет | DW | 01.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Почина Ханс-Дитрих Геншер - дипломатскиот акробат

Геншер како политичар остави свој печат во Германија, како државник работеше и на повторното обединување на земјата, а уживаше и исклучителен углед во странство. Германија губи еден од своите најпрофилирани дипломати.

„Дојдовме за да ви соопштиме дека денес ви е издадена дозвола да отпатувате“. Ова е реченицата на Геншер која посебно ќе остане врежана во сеќавањето. Тој ја изрече на 30 септември 1989 година од терасата на западногерманската амбасада во Прага. Последните зборови се загубија во заглушувачките воодушевени повици на илјадници граѓани на Германската Демократска Република, кои по бегството од нивната земја, со денови чекаа во градината на амбасадата. Тоа е најемотивниот момент во неговиот политички живот, истакна подоцна Геншер во едно интервју: „Тоа беше еден речиси незамислив крик на радост.“

Die westdeutsche Botschaft in Prag am 30. September 1989

Западногерманската амбасада во Прага, 30.09.1989

Прекален дипломат

Ханс-Дитрих Геншер во текот на својот живот извршуваше повеќе политички функции, но ниедна не остави толкав печат врз него како онаа на чело на Министерството за надворешни работи. Уште од почетокот, во 1974 година, многумина го нарекуваа „вештиот адвокат на балансот“ меѓу Истокот и Западот. Преку иницијативата за разоружување на Конференција за безбедност и соработка во Европа, во 80-те години на минатиот век, тој креираше своја политика на попуштање.

Со нескршлива подготвеност за разговори и преговарачко истенчено чувство, Ханс-Дитрих Геншер се залагаше за крај на Студената војна: „Наша цел е да работиме на создавање состојба на мир во Европа, во која германскиот народ преку слободно изјаснување ќе дојде до своето обединување“, изјави тој во еден говор пред Генералното собрание на ОН во 1975 година во Њујорк.

Kohl und Gorbatschow im Kaukasus

Хелмут Кол и Ханс-Дитрих Геншер со Михаил Горбачов во Кавказ, архива

Мајстор на комуникација

Кредото на Геншер гласеше: „да се пристапи кон другиот“, да се слушне неговото мислење и да се разговара. Ваквата стратегија од една страна му обезбеди жесток настап, на пример остра осуда на навлегувањето на советските трупи во Авганистан во 1979 година. Од друга страна, преку дипломатска вештина, му успеа и натаму да биде прифатен како партнер во разговорите.

Ѕвездениот час на Геншер како министер за надворешни работи чукна кога се наѕре промена во политиката на Москва. Советскиот Сојуз спроведуваше политика на економски и општествени реформи, која на државите обединети во Варшавскиот пакт, значи и ГДР, им овозможуваше внатрешни реформи.

Повторно обединување со старата татковина

Ваквиот развој му послужи на Геншер како повод да го повика политичкото раководство во ГДР на преиспитување на ставовите. Протестите на луѓето кои во Источна Германија бараа слобода и илјадниците источногермански граѓани во својство на бегалци во западногерманските амбасади во Унгарија и во Чехословачка, помогнаа за засилување на неговото барање.

Со германското обединување, се оствари сонот на Геншер, кој и самиот потекнуваше од Источна Германија. „Дебелиот со големи уши“, како што го претставуваа карикатуристите, е роден во 1927 година во близина на Хале, каде постојано се враќаше по обединувањето. Како член на Либералната партија на Германија, тој ги доживеал почетните години на комунистичкото владеење во ГДР. Во 1952 година тој се сели во Бремен, каде работел како адвокат.

Тешки часови во политичката кариера

Како член на ФДП, Геншер во социјал-либералната коалиција на канцеларот Вили Брант од 1969 до 1974 година беше министер за внатрешни работи. Во овој период се случи нападот на палестинските терористи врз израелската олимписка екипа на Олимписките игри во Минхен. Во обидот за нивно ослободување загинаа сите заложници - израелски олимписки спортисти, еден германски полицаец и петмина терористи. „Тоа беше најтешкиот ден во целиот период во кој бев член на владата. Не му посакувам на ниеден човек да доживее вакво искуство“, рече Геншер подоцна. Тој тогаш направил обид да издејствува ослободување на заложниците по мирен пат.

Deutschland Hans-Dietrich Genscher in der Parteizentrale der FDP in Berlin

Верен до крај на либералите

Промена на страната

Од 1974 до 1992 година Геншер беше министер за надворешни работи и истовремено вицеканцелар, прво во кабинетот на Хелмут Шмит. Во 1982 ѝ сврте грб на оваа коалиција и склучи сојуз со конзервативните ЦДУ/ЦСУ, чекор критикуван од многумина во неговата партија. Поради критиката, Геншер во 1985 година го напушти кормилото на либералите, но остана верен на својата партија. Од 1992 година тој беше нејзин почесен претседател, иако се повлече од активниот политички живот. Тој почина во ноќта меѓу четврток 31.03. 2015 година и петок во својата куќа во Бон на возраст од 89 години, во присуство на семејството, по долго боледување.

Реклама