Почина Роман Херцог, претседателот кој бараше „протресување“ на Германија | Свет | DW | 10.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почина Роман Херцог, претседателот кој бараше „протресување“ на Германија

Седмиот сојузен претседател Роман Херцог почина на 82-годишна возраст. Во сеќавање останува неговиот говор со барање Германија „да се протресе“.

„Никогаш не сакав да бидам претседател кој секој може да го допре, но сакав да бидам претседател кому секој може да му се обрати, претседател кој сакаше да ги сфати луѓето“, рече Роман Херцог во својот говор со кој се прости од претседателската функција во 1999 година. Сакаше да ги разбере Германците и истовремено од нив да бара обнова на земјата. Тоа јасно го порача во својот легендарен говор на 26 април 1997 година во Берлин:

„Германија мора да се протресе. Мора да се простиме од она што радо го поседуваме“, рече Херцог. Тој побара сите да се жртвуваат. „Губење на стопанската динамика, круто општество, неверојатна ментална депресија“ - со помош на овие поими Херцог тогаш ја сумираше кризата во Германија. Тој апелираше до Германците да покажат сила и капацитет за да се извлечат од кризата со сопствени сили.

Тежок почеток

Кандидатот на конзервативната Унија на изборот за сојузен претседател на 23 мај 1994 година потребното мнозинство гласови го доби дури во третиот изборен круг. Противник му беше Јоханес Рау од редовите на социјалдемократите. На новата должност Херцог имаше тежок почеток, меѓу другото и поради тоа што всушност беше втора, резервна опција за ЦДУ/ЦСУ. Тогашниот сојузен канцелар Хелмут Кол се залагаше за министерот за правда на покраината Саксонија, Штефен Хајтман, но тој брзо беше дисквалификуван поради спорните изјави за германското минато и, по притисокот од јавноста, ја повлече кандидатурата.

Откако на крајот стана сојузен претседател, Роман Херцог свесно им се обрати на оние кои од оправдани причини не можеле да му дадат свој глас: „Ќе се потрудам да ја извршувам својата должност така што на крајот ќе зажалите што не ми дадовте поддршка“, рече Херцог и собра аплауз и грoмогласна смеа.

Ehemalige Bundespräsidenten (picture-alliance/dpa)

Роман Херцог во 2010 година со своите колеги по функција: Хорст Келер, Рихард фон Вајцекер и Валтер Шил (од лево кон десно)

„Нормален“ и трезвен

Заштитен знак на Херцог станаа неговиот опуштен избор на зборови и иронијата која ја користеше во говорите. „Никогаш не стана гламурозен, секогаш беше нормален“ - така поранешниот канцелар Хелмут Шмит го окарактеризира Херцог во говор по повод една награда во 2003 година. Истовремено, беше храбар во својот начин на размислување и независен. И, „Роман Херцог можеше самиот себеси и останатите ... многу трезвено да ги процени“, рече Хелмут Шмит.

Баварецот Херцог е роден во 1934 година, во Ландсхут, а во 1970 година како професор по општа теорија на правото и државата влезе во ЦДУ. Три години подоцна почна да се занимава со политика, а десет години потоа замина во Сојузниот уставен суд во Карлсруе. Од 1987 година беше претседател на Судот. Иако цел свој живот беше поврзан со својата Баварија, „тој истовремено стана и космополит“, рече Хелмут Шмит.

„Молам за прошка“

Претседателот Херцог уживаше голем углед во странство. На меѓународната сцена направи многу работи за „подобрување на атмосферата“. „На тоа секогаш му придавав големо внимание и во тоа главно успевав“, рече Херцог во разговор за ДВ во 1999 година. Посебно при срце му беа источноевропските земји. По повод 50-годишнината од востанието во Варшавското гето против националсоцијалистичкиот окупаторски режим, тој на 1 август 1994 година, како што рече во својот говор, им се поклони на борците кои учествувале во востанието, но и пред сите полски жртви во војната: „Молам за прошка за сѐ што ви сторија Германците.“

Една од неговите најважни теми беше сеќавањето на нацистичката диктатура. На почетокот на јануари 1996 година, Херцог, со согласност на сите партии, го прогласи 27 јануари за Ден на сеќавање на жртвите на националсоцијализмот.

Во својот проштален говор, во 1999 година, иронично се пошегува дека намерно не сакал зад себе да остава некаков политички тестамент. Како што рече, она што му е важно веќе го нагласил во својот говор во Рајхстагот по повод 50-годишнината на Сојузна Република Германија, а освен тоа „јас денеска само ја напуштам должноста, но не и животот.“

Реклама