Почина британската филмска икона Шон Конери | Свет | DW | 31.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Почина британската филмска икона Шон Конери

Никој не беше поуверлив во улогата на Џемс Бонд како Шон Конери. Тој седумпати го глумеше тајниот агент 007. Но, Шкотланѓанецот беше брилијантен и во други улоги. Шон Конери почина денеска на 90-годишна возраст.

Во моментот кога Шон Конери во 1989 година - кога имаше 59 години - од страна на „Пипл Магазин“ беше прогласен за „најсекси маж на светот“, тој голем дел од својата актерска кариера веќе ја имаше зад себе. Се претвори во мит играјќи го Џемс Бонд, но со својата глума и улоги заслужи респект и од покритичните љубители на филмот. Доби еден Оскар и често се појавуваше во јавноста како заинтересиран и ангажиран човек за актуелни прашања и теми.

Перфектен џентлмен

Да се биде омилена ѕвезда кај дамите, а притоа да имаш речиси 60 години, тоа за себе не можат да го тврдат многу актери. Конери навистина си ја заслужи оваа „титула“. На 60 години изгледаше безобразно добро. Некои дури тврдат дека со стареењето стануваше се’ похаризматичен. Со сребреникава коса, висок и добро граден, и пред се’ - човек со неверојатен шарм: Шон Конери беше светска ѕвезда, пред и зад камерите.

Роден во Единбург, на 28 август 1930 година, во семејство со скромни приходи, уште на млади години морал да се снаоѓа и преживува работејќи се‘ и сешто. Уште како многу млад имал атлетско тело. Почнал да се занимава интензивно со бодибилдинг. Тоа му носи работа како модел во уметничко училиште.

Атлетски граденото момче го свртува вниманието на театарската и филмската сцена. Почнува да глуми во средината на 1950-те, но со умерен успех. Кога двајца холивудски продуценти почнуваат да бараат актер за шпионски филм, а неколку други актери откажуваат, Шкотланѓанецот се нуди и ја добива улогата. Останатото е (филмска)историја. Првиот филм за Џемс Бонд „Доктор Но“ во 1962 година бележи огромен успех. Следуваат неколку продолженија, а Конери станува ѕвезда во филмот и кино-салите.

Bildergalerie James Bond wird 50

Шон Конери како Џемс Бонд во „Се живее само двапати“

Но, тоа во одреден момент веќе не му е доволно. По петтиот филм за Бонд, Конери почнува да игра во филмови од други жанрови. Првиот камбек како Бонд, со повисок хонорар, следува во 1971 година, а 12 години потоа уште еднаш го убедуваат да го игра тајниот агент. „Никогаш не вели никогаш“ се претвори во триумф, но тоа беше и дефинитивно збогување со супер-агентот. Во меѓувреме во улогата на Џемс Бонд се најдоа уште неколку актери, но многу фанови се убедени дека подобар Бонд од Конери немало.

Geschichte des Badeanzugs Bondgirl

Конери со Ким Бесинџер во „Никогаш не вели никогаш“

Оскар за „Недопирливите“

Шон Конери во меѓувреме се етаблираше како добар актер во филмови со различен комерцијален успех. Впечатливи се неговите улоги во филмови како „Човекот кој сакаше да биде крал“ (1975), „Името на розата“ (1986) и „Недопирливи“ (1987). За улогата во „Недопирливи“ го добива и својот единствен Оскар.

USA Film Filmszene Die Unbestechlichen

Улогата во „Недопирливите“ му донесе Оскар на Конери

Со своите споредни улоги во неколку големи холивудски блокбастери, како „Хајлендер“ (1985), „Индијана Џонс“ (1989) и „Робин Худ“ (1991) придонесе за уште повеќе публика во кино-салите.

Во 1990-те Шон Конери играше во неколку не многу популарни филмови, но тој во тоа време и онака веќе имаше други интереси.

Sean Connery - Schauspieler

Шкотски патриот: Шон Конери по добивањето на титулата „Сер“

Од млади години се залагаше за независност на Шкотска, а основаше и фондација за млади Шктоланѓани. Во 2000 година од кралицата ја доби титулата „Сер“, а во текот на церемонијата патриотот Конери носеше шкотски килт! Сепак, признанието „Слобода на градот“, кое го доби една декада претходно од својот роден Единбург, му беше уште поважно.

Конери, кој во последните години ретко се појавуваше во јавноста, од филмскиот бизнис се повлече одамна. Иако постојано имаше гласини дека ќе глуми уште еднаш во продолжение на „Индијана Џонс“, филмот „Лига на извонредни џентлмени“ од 2003 година е последниот филм во неговата кариера. Добар наслов за финален настап на човекот кој со децении докажуваше дека е невообичаен џентлмен - на филмското платно и во јавноста.

Реклама