Потребата од консензус ја јакне кохабитацијата меѓу Владата и Иванов | Македонија | DW | 18.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Потребата од консензус ја јакне кохабитацијата меѓу Владата и Иванов

Реформските и интеграциски предизвици кои бараат консензус и инклузивност на сите политички субјекти, ја ставаат опозицијата на тест. Претседателот Иванов засега има коректна кохабитација со Владата.

Редовна комуникација, информирање за тековните процеси и за прашања поврзани со претстојните реформи, со еден збор - коректна кохабитација. Вака владини извори ги илустрираат односите на Владата со претседателот, Ѓорге Иванов, во периодот кога пред Македонија стојат големи реформски предизвици, но и одлуки кои ќе водат кон деблокирање на интеграциските процеси, а бараат консензус и конструктивност од сите партии.

„Важноста на моментот“ за напредокот на Македонија, кој се оценува и како „историски“, го стави во длабока сенка незадоволството од поранешната одлука на Иванов за помилување на осомничените од СЈО (потоа поништена) како и неговото условување на мандатот за влада со одредени гаранции. Во овој момент настрана е оставено и непризнавањето на шефот на државата од страна на ДУИ. Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кадар на ДУИ, вчера имаше средба со претседателот Иванов на која го информирал за посетата на Брисел заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на која остварија средби со Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Фредерика Могерини и со еврокомесарот за проширување и добрососедство, Јоханес Хан. Османи го информирал претседателот и за пораките на шефовите на дипломатиите на земјите- членки на ЕУ, кои на Министерскиот појадок во Брисел - Пријателите на Македонија организиран од министерствата за надворешни работи на Бугарија и Шведска, изразиле подготвеност да ѝ помогнат на Република Македонија во нејзините европски и евроатлантски аспирации.

Кршење на мразот

Ваквата комуникација, отворениот пат за дијалог и консултации, не ги изненадува аналитичарите.

„Политичката динамика во Македонија е различна од пред неколку месеци, па поради тоа претседателот Иванов прави чекори кон нормална кохабитација“, вели аналитичарот Назим Рашиди.

„Всушност, ова не би требало ни да добие внимание ако имавме политичари со сенс на одговорност во, не толку далечното минато. А токму Иванов, беше во позиција да не ја оттргне Македонија од коловозот кон интеграциите. Сепак, изгледа дека се рефлектирал интересот на граѓаните, и преку политичката реалност го раздрмал за да делува како што се очекува. Истото мора да се каже и за Владата, особено за вицепремиерот Османи, кој, како прв човек на интеграциите мора да делува европски и со дијалог, начела кои се во сржта на ЕУ. Чекорите на Османи се надминување на политичките ставови кои се рецидив на една поинаква политичка реалност, а која не треба да биде замка за ненапредување кон интеграциите. Владата и вицепремиерот се обидуваат, тие самите или политичките причини да не бидат каква било пречка за напредување кон интеграциите. Од друга страна, се знае дека Македонија треба да биде уште поконкретна во реформите, па во никој случај 'банални' политички кавги не би требало да пречат на овој процес“, вели Рашиди. 

Mazedonien Parlament in Skopje (picture-alliance/PIXSELL/HaloPix)

Конструктивноста на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на тест

Како ќе се постави ВМРО-ДПМНЕ?

Ова не е прво кршење на мразот. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во февруари годинава присуствуваше на консултациите што ги закажа Иванов со лидерите на парламентарните партии, откако Никола Груевски не успеа да состави влада во законскиот рок, а партијата имаше свој претставник и кога заседаваше Националниот совет за безбедност. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, при добивањето на мандатот за влада, пред Иванов даде гаранции зазаштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Комуникацијата во изминативе месеци не е само од формален и протокаларен карактер, туку суштинска за сите прашања кои сега стојат пред земјата.Според дипломатски извори, „тоа е доказ за политичка зрелост и подготвеност на партиите да не ги пропуштат клучните процеси од интерес на земјата, а двонасочната соработка на релација Влада - Претседател е гаранција за координација во најдобра насока“.

На тест во наредниот период ќе биде конструктивноста на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Заев ја повика партијата да ги поддржи претстојните реформски процеси од интерес за иднината на граѓаните на Македонија. Илија Димовски пред неколку дена одговори дека ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка доколку процесот е реално инклузивен, дебатата отворена и дијалогот искрен, но не и ако се создава лажна перцепција дека такво нешто се случува. Со цел да се зголеми довербата, од Владата најавија дека сите законски проекти што таа ги предлага ќе и бидат доставувани на опозицијата пред да влезат во собраниска процедура, со цел да има повеќе време да ги разгледа. Од ВМРО-ДПМНЕ, партијата која во два мандата го кандидираше Иванов за претседател, јавно не сакаат да ги коментираат актуелните релации Влада - Претседател, кои во некои кругови биле оценети како „меко дистанцирање на Иванов од политиките на десницата“. По изборниот неуспех функционерите во партијата се позатворени за комункација, со образложение дека се работи за „чувствителен момент на постизборни анализи“. Сепак, некои од нив неофицијално велат дека не му се лутат на Иванов, бидејќи во голем дел од процесите клучна е неговата надележност.

Заокружен реформскиот пакет

Османи на вчерашната средба со Иванов потенцирал дека реформскиот пакет е заокружен и дека Стратегиите и акциските планови содржани во владиниот План 3-6-9, во себе ги имаат инкорпорирано сите забелешки од меѓународните партнери и релевантни институции, како што се препораките од Извештаите на ЕК, Венециската Комисија, ГРЕКО, забелешките на Високата експертска група предводена од Рајнхард Прибе и други извештаи.

„Имаме неповторлива шанса, во 2018 година да направиме историски исчекор и да го затвориме прашањето за ЕУ и НАТО. Потребно е да ги тргнеме настана нашите лични, партиски, па дури и етнички приоритети, да оствариме консензус за реформите, и да испорачаме резултат,“ рекол Османи на средбата, оценувајќи ја 2018 година како историска за напредокот на Македонија во европските и евроатлантските интеграции. Тој побарал од Иванов поддршка за реформскиот процес, но и поддршка за обезбедувањето консензус и вклученост на опозицијата, најмногу за законите за кои е потребен широк политички консензус, како и поддршка од двотретинско мнозинство во Собранието.

„Владата ја наведе кохабитацијата и во својот план '3-6-9', што укажува на свесност за потребата да се гради општествен консензус за клучните прашања во кои несомнено спаѓа и ЕУ- интеграцијата“, посочува Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ).

„Владата многу енергија посвети на надворешната политика, и подавањето рака на претседателот е чекор кој може да и помогне на тоа поле. Ова, пак, е од особено значење за ДУИ, чии гласачи очекуваат поместување на меѓународен план“, оценува Кацарска. 

ЕУ гледа со оптимизам во ваквите напорите кои ги прави Владата во однос на реформите. Спроведувањето на Планот „3-6-9“ ќе биде и главна тема на средбите што ќе ги има еврокомесарот Хан со претставници на политички партии, кој во понеделник доаѓа во дводневна посета на Скопје.

 

 

DW.COM

Реклама