Постпразнично цунами - Омикрон ги наполни амбулантите | Северна Македонија | DW | 10.01.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Постпразнично цунами - Омикрон ги наполни амбулантите

„Пациентите се жалат дека се многу омалаксани, дел од нив велат дека се чувствуваат како да ги прегазил воз или камион“, вели д-р Бојан Трајковски, кој укажува на голем пораст на бројот на заразени по празниците.

Најновиотсој Омикрон ги наполни амбулантите по празниците. Пред клиниките и пред лабораториите уште од изутрината имаше редиците на граѓани кои што чекаа да се прегледаат и да се тестираат, но лекарите велат дека тестови нема ниту за лек. Повеќето граѓани се одлучуваат да земат брзи тестови, кои не секогаш се точни. Ако тестот им покаже позитивен резултат, повеќето се одлучуваат да не прават ПЦР тестови. Ако резултатот на брзиот тест е негативен, дел од граѓаните вршат уште една проверка со ПЦР тест, но и на тој чекор најчесто се одлучуваат ако им е потребен како потврда за патување во странство или пак за боледување, велат здравствените работници. 

Бројката на новозаразени особено почна да се зголемува по Новогодишните празници, кога граѓаните и покрај апелите, масовно прославуваа во кафулиња и дискотеки. На 6 јануари беа регистрирани 1.725 нови случаи и влупно 8.209 активни случаи во земјата. Четири дена подоцна бројката на активни случаи се искачи на 10.383.

Според податоците на Министерството за здравство, во последните 24 часа се направени 5.165 тестови, а регистрирани се 813 нови случаи на Ковид-19, од кои најголемиот број се во Скопје, Битола, Куманово, Кавадарци и Охрид. Бројката на починати од последиците на коронавирусот се зголеми за уште 10, од кои шест се нови случаи и четири лица починале претходно. Вкупната бројка на дијагностицирани случаи од почетокот на епидемијата изнесува 234.277, бројот на оздравени пациенти е 215.852, а починале 8.042 лица.

Наплив на пациенти

Зголемениот број на заразени се заканува да го оптерети здравствениот систем, кој веќе две години без престан се бори со Ковид-19 и мутациите на вирусот. Иако Омикрон се чини дека има поблаги симптоми, лекарите се загрижени поради зголемениот број на пациенти, на кои не можат навреме да им излезат во пресрет.

Nordmazedonien Skopje | Test auf Coronavirus

Пациентите се жалат дека се многу омалаксани, дел од нив велат дека се чувствуваат како да ги прегазил воз или камион.

„Имаме голем наплив на пациенти по празниците. Генерално повеќето се со лесна клиничка слика, но проблемот е што не можеме физички да постигнеме сите да ги прегледаме“, вели за ДВ доктор Бојан Трајковски од приватната здравствена установа по општа медицина Медика Вера. Тој додава дека изутрината кога дошол на работа, дваесетина пациенти веќе чекале пред ординацијата, додека во амбулантата имало над стотина други кои чекале на ред за преглед. Телефоните не престануваат да ѕвонат и за домашна посета - се повеќе заразени бараат лекарска помош во нивните домови.

А, тоа доведува до нови грижи - поради напливот на голем број пациенти, секогаш постои опасност некој да не добие навремена и соодветна здравствена нега. Ова особено се однесува за повозрасните лица, кај кои се и поизразени симптомите од новиот сој Омикрон. 

Südafrika Coronavirus

Кај повозрасните лица се поизразени симптомите од новиот сој Омикрон.

„Ова е данокот на лефтерното однесување за време на празниците. Сите се однесуваме како да не постои вирусот и покрај брзото ширење на новите соеви, забавите не престануваат и веќе се планираат нови журки за Стара Нова Година“, вели Трајковски. Со тоа, според него, новиот бран ќе се пролонгира за уште месец и половина, па и повеќе. 

Тој вели дека брзите тестови често знаат да покажат негативен резултат, иако личноста е позитивна, а причина за тоа, меѓу другото, е што тестирањето се врши прерано. Поради тоа, граѓаните треба да знаат дека е најдобро да се тестираат дома четири или пет дена по добивањето на првите симптоми. 

Кои се симптомите?

Заразените со Омикрон генерално се жалат на исти симптоми - омалаксаност, главоболка, кашлица, додека кај малкумина има појава на пневмонија. Кај дел од нив е забележано и течење на нос, кивање и болно грло,температура, болки во мускулите. Кај постарите лица, симпромите се поизразени. 

„Пациентите се жалат дека се многу омалаксани, дел од нив велат дека се чувствуваат како да ги прегазил воз или камион“, вели Трајковски. 

-повеќе на темата: Лекарите смируваат: Брзото ширење на Омикрон ќе доведе до крај на пандемијата

Дел од епидемиолозите прогнозираат дека Омикрон ќе значи и крај на пандемијата од која се очекува да се збогуваме за шест месеци. Но, д-р Харис Бабачиќ, лекар-истражувач кој магистрирал епидемиологија на Универзитетот во Минхен, укажува дека Омикронот треба многу сериозно да се земе, бидејќи со себе носи голем ризик за инфекција, поради поголема заразност и способност да го избегне постоечкиот имун одговор. Според него, брзиот пораст во бројот на случаи и да води кон пропорционално-помал број хоспитализирани, пак може да доведе до голем број луѓе хоспитализирани во болниците кои ќе го оптоварат здравствениот систем.

По огромниот скок на новозаразени граѓани со коронавирусот, Комисијата за заразни болести утре ќе ја разгледува епидемиолошката состојба во земјата, а се најавува и можност за скратување на времето на изолација за позитивните на вирусот.