Постои ли раскол во ЕУ – меѓу исток и запад? | Свет | DW | 29.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Постои ли раскол во ЕУ – меѓу исток и запад?

Почна Орбан, продолжи Качински, понекои пробуваат да ги копираат. ЕУ има проблем со демагозите во сопствените редови. Ситуацијата ја компликува тоа што двете страни имаат голем уценувачки потенцијал.

Летоска претседателот на Франција, Емануел Макрон, забележа дека континуираните политички приблеми во ЕУ со некои источни Европејци „не биле проблем на Виктор Орбан…туку нешто што е многу подлабоко вкоренето”. Зборуваше за фундаментална “„исток-запад” поделба во Европа. При неодамнешната посета на канцеларот Олаф Шолц во Варшава дијагнозата се чини се потврди. Го „поздравија” со плакати на кои Меркел и други политичари беа насликани заедно со Адолф Хитлер и Јозеф Гебелс. На Германија ѝ се префрла „немање правда” бидејќи наводно не сакала да плаќа репарации на Полска. Нескриена провокација.

Колку е цврст фронтот на нелибералните?

Кога летоска популистот Јанез Јанша го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ, на некои аналитичари им се смрачи. За Јанез Орбан е пријател, тој на Твитер објавува навреди за новинари, сака провокации. И уште на самиот почеток на претседателството имаше испад откако на непокорни словенечки судии со фотомонтажа им нанесе мети. Но, потоа сѐ се одвиваше повеќе или помалку незабележливо. Единствено во спорот во ЕУ со Унгарија околу дискриминирачки закон за хомосексуалците, Јанша се стави на страната на Орбан, исто како и на страната на  Полска  во спорот околу демонтирањето на правната држава во земјата. „Мислам дека држењето на таа Алијанса е сѐвкупно многу антиевропско. Покажува знаци за етаблирање на еден вид нива челична завеса", вели Марко Милосављевиќ, професор за медиумски науки на универзитетот во Љубљана. Но, малцинската влада на Јанша не е многу стабилна. На пролет има избори на кои опозицијата има реални шанси да изненади. 

И изборите во Прага покажаа дека популистите може да паднат. Премиерот Андреј Бабиш беше заменет од проевропска коалиција составена од многу партии. И во Бугарија на третиот обид беше успешно формирањето на проевропска коалиција. Во Романија Социјалдемократите во владината коалиција до сега не успеваат да пројдат со антиевропските иницијативи.

Политикологот Штефан Лене од Карнеги Европа заклучува дека кризата во ЕУ главно е фокусирана на Унгарија и Полска и дека „не е типична за регионот сѐвкупно. Настрана од оваа специфична ситуација не може да се зборува дека состојбата меѓу Истокот и Западот е генерално влошена”, смета тој. Тој смета и дека фондот за повторна обнова ќе има позитивно влијание контра вакви поделби.

Унгарија предводник на нелибералните 

Кога претседателот на САД кон средината на декември држеше Самит за демократија, една земја не беше поканета: Унгарија. Џо Бајден дури и ја смета за една од критичните држави во светски рамки. А опозицијата во земјата исклучувањето од Самитот го користи веќе против Орбан и неговиот режим. Неговиот опонент Петер Марки Зај вели дека „меѓународната заедница го третира Орбан како вирус”. А, тој долго и напорно работел за таквиот статус преку релации со Кина, Русија и Азербејџан. Орбан неговата форма на владеење ја нарекува „нелиберална демократија” и ја поврзува со постојана културолошка борба против  главните вредности во ЕУ.  

Polen I Treffen der europäischen Rechtsextremisten in Warschau

Виктор Орбан и Марин Ле Пен

„Ја заменивме потонатата либерална демократија со христијанска од 21 век", која имала за цел традиција и сигурност, вели Орбан. Стратешката грешка пред сѐ на германските Демохристијани беше што со години ја дозволуваа изградбата на таква држава под заштитничкиот чадор на Европската народна партија, најсилната фракција во Европскиот парламент. 

Зад грбот на таквата заштитничка сила Орбан од Унгарија направи „киднапирана држава”, ја уништи медиумската слобода, независноста на судството, институционалните сигурности, како и граѓанското општество. Државна пропаганда треба да го индоктринира населението и да даде оправдување на надвор. Унгарија стана магнет за деснопопулисти од цел свет, преку Марин Ле Пен до Мајк Пенс. 

Се заканува Полегзит?

И покрај од ЕУ гласно критикуваните демократски дефицити во земјата, Полска смееше да учествува на Самитот на Бајден. Дали затоа што анти-демократската преобразба таму уште не е толку напредната? Во секој случај владејачката партија во Полска од 2015 кога дојде на власт, го користи примерот на Унгарија како под индиго: демонтажа на медиумите, поткопување на независното судство, културолошка борба со хомосексуалците и забрана за абортус - проследени со дречлив национализам. Голем крах имаше во октомври годинава кога полскиот Уставен суд пресуди дека полското ораво има предност пред европското. Со тоа Варшава правно и политички расчисти со Брисел и се постави прашањето дали се стреми кон  Полегзит,  односно напуштање на ЕУ. Качински демантираше и  проевропски масовни демонстрации  покажаа дека јавното мислење во Полска уште не е толку сменето колку што неговата партија си посакува.

На ова претходеа серија пресуди на Европскиот суд против Варшава, особено против измени во Законите за судиите, кои ја поткопуваат независноста на судиите. Тоа се однесува на новопоставените судии во Уставниот суд, како и на судиите во Дисциплинскиот совет.  Судот во Луксембург ја казни Полска  со еден милион евра дневно бидејќи владата не ги укинува измените. 

Финансискиот притисок има ефект - можеби

„Илузија е да се мисли дека демократијата и правната држава може да одат како наредба од Брисел", вели Штефан Лене, и додава дека тоа се постигнува само преку демократски избори. Тука и гледа надеж бидејќи во двете земји големите градови се веќе под опозицијата. Во Унгарија во ликот на  Марки Зај  сега има издржан противкандидат за Орбан кој во анкетите стои добро, смета Лене. 

Polen | Urteil Verfassungsgericht | Demonstration in Warschau

Проевропски демонстрации во Варшава во октомври 2021

Европа мора ефективно да ги користи своите инструменти, не како до сега правно, туку и со финансиски санкции. „Големиот чекан е пристапот до средствата од фондот за повторната обнова”, вели тој. До средината на следната година за Варшава тешко дека ќе се одлеат пари, бидејќи потребниот компромис е блокиран од министерот за правда, кој важи за хардлајнер. Во Унгарија  Орбан пред изборите воопшто и не планира било какви промени на курсот. 

И покрај оптимизмот што се однесува до ефектот од  финансиските притисоци,  политикологот гледа „значителна опасност” дека ситуацијата околу правната држава може да ескалира. Ако Полска започне да го блокира носењето заедничка регулатива како во случајот со климатските промени, „тогаш ЕУ ќе има голем проблем”. Во моментов сепак сме во „интересната фаза меѓу ескалација и одредени компромиси кои може да ги намалат тензиите”. Потенцијалот за уцени изгледа на двете страни е огромен.