Постидеолошка Македонија | Северна Македонија | DW | 08.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Постидеолошка Македонија

Убаво е да си играме идеологии во Македонија, убаво левицата да претендира на левичарски идеали а десницата на конзервативни позиции. А центар нема или се’ е центар и сѐ е ставено во центрифугата наречена постидеологија

Република Македонија, од независноста па сѐ до предвечерјето на новата Северна република,  се наоѓа во своевиден идеолошки пост. Младата република, приучена и недоучена за практицирање демократија, не успеа да изгради систем на вредности (идеи) кои во меѓупартиски натпревар ќе се артикулираат на јавна сцена а потоа победникот ќе може да ја вбризгува идејно-идеолошката матрица врз целото општество. Не е ново дека во Македонија не вирее идеологијата. Не е новост и дека светот, барем оној (нео)либерал демократскиот, се распаѓа по идеолошки основи. Без да навлегувам во опсежна анализа на веќе утврдените теоретски позиции и пракса на оваа тема, ќе се задржам на неколку пред-идеолошки артикулации кои се основа за стабилен и функционален систем.

Убаво е да си играме идеологии во Македонија, убаво е кога левицата претендира на левичарските идеали а десницата на конзервативните позиции. А центарот...па нема центар, или се’ е центар и се е ставено во центрифугата наречена постидеологија. Со години укажувам дека во Македонија е бесмислено да се говори за идеологии во отсуство на либерална општествена база. Тоа значи дека идеолошката разгранетост ја губи смислата кога во државата не се определени или не се зацврстени основните претпоставки за идеолошко живеење. Тука пред се’ мислам на базичното функционирање на либералната демократија: владеење на правото, независно судство, ефикасна и непартизирана администрација, функционална пазарна економија, независни и силни медиуми итн. Овие праоснови на демократскиот систем се основата на било што понатаму.

Оттука, јасно е зошто главните политички партии во државава постојано идеолошки лавираат од еден крај на друг и кокетираат со гласачите по потреба. А кога ќе треба јавно да соопштат за кои политички идеали се залагаат, или невешто жонглираат со излитените теми (заштита на работниците и сиромашните, солидарност, потоа изразено национално чувство, ниски-високи даноци итн.) или се правдаат со големите теми кои ѕиркаат зад аголот (ЕУ интеграции, безбедност, антиквизации и конфискации на „народните добра“). СДСМ, покрај јасно изразениот посткомунистички идентитет по независноста, се обидуваше идеолошки да се профилира некаде во 2011-та година. Дел од тие позиции се гледаат и денес, особено во однос на економијата и политиката на прогресивен данок и посилна социјална компонента, но во целокупниот општествен (и идеолошки како последица) хаос кој ни се случи во времето на Груевски, многу е тешко, дури би рекол и бесмислено, да се говори за идеологија во македонското општество. Еве, благородната дебата за прогресивно оданочување е веднаш торпедирана со најавата за поставување на заменици директори на повеќе јавни институции низ државата (читај пазар меѓу СДСМ и ДУИ за вдомување на кадри). И како после оваа епизода да се правда еден добронамерен министер за финансии кога крилјата дадени пред изборите му се сецнати веднаш по изборите. Баталете идеологија, има време со тоа да се забавуваме, конечно идеолошките позиции во сегашниот либерал-демократски простор станаа еден обичен микро fine tunning и останаа во фонот на другите новодојдени егзистенцијални но и измислени теми и прашања: функционирањето на правната држава, корупцијата, имиграцијата, изолационизмот, тероризмот, климатските промени итн. Бидејќи Македонија е на периферијата на овие прашања кои го мачат западниот свет, потребата од претходна стабилизација на системот е повеќе од очигледна.

Дриги колумни на Гордан Георгиев:

-Мерак и љубов во 2019

-За 24 декември, без емоции

-Историјата е опасна

Деновиве од неочекувани агли се реафирмира потребата од идеолошки позиции на политичките партии во Македонија. Имам порив да искажам едно одлучно НЕ за смислата на оваа дебата. Дали СДСМ можела да оди во лево и на тој бран да ги спроведува реформите, дали ВМРО-ДПМНЕ ќе успеела да се реформира во европска демохристијанска партија, дали албанските партии конечно ќе добиеле некаква идеолошка глазура надвор од „албанското прашање“. Не, во државата која по повеќе основи се однесува како пред-политичко општество, базирано на кланови, клиентелизам и севозможни пазари, идеологијата не вирее. И конечно, самата дебата околу идеологиите ја оставаме за 20-от век. Денешното „име на играта“ е снајди се како можеш, донеси гласови и победи на избори. Ако е така, а така е, тогаш на СДСМ и премиерот им останува да изиграат на картата “шок“ за да се обидат да си го вратат револуционерниот патос кој толку вешто го киднапираа од (сепак лажните) шарени револуционери.

Оваа очигледност која ни стои пред очи веќе 25 години станува балван во нашите очи кој дури и не' спречува да ги видиме трошките во туѓите очи. Ако можеме да ја прогласиме 2018-та година како година на решавање на егзистенцијалните прашања (името, безбедноста, процесирањето за настаните на 27-ми април, висока корупција и криминал), 2019-та треба да биде година на поставување на темелите на системот. Но темели има повеќе, а власта, во недостаток на ресурси, знаење и коалициски препреки, треба да се одлучи кои темели ќе ги гради, ако воопшто се одлучува за нешто.

Поттикнат од големите очекувања (ах, тие очекување што ги рушат и најдобронамерните идеи!), премиерот и владата најавуваат дека 2019-те ќе биде година на економијата. Но 2019-та не може да биде година на економијата. Дури и во идеолошка смисла, во економијата станува бесмислено претераното потенцирање на разликите во економските пристапи на меинстрим левицата и десницата, особено ако како репер или споредбено мерило ги земеме десните и левите популисти. Ако во сеопштиот пазар кој ни се случуваше во 2018-та година премиерот не направил и некаков економски „дил“ со нашите стратешки партнери (брзо инјектирање на свежи пари во македонската економија на пример), македонските граѓани нема да почуствуваат опипливи економски придобивки на краток рок. Ние ќе се бавиме со претседателските избори (каде економијата и да сакаме не може да биде врвен фокус) некаде до средината на 2019-та, а истовремено ќе се бавиме со протоколи за НАТО прием, европски избори и бавноста на бриселската бирократија, евентуален почеток на преговори и слични остатоци од ручекот од 2018-та година. Не мора да ни го соопштува нам тоа, но премиерот и целокупниот капацитет на владата треба својата енергија да ја фокусираат на две други теми: јавната администрација и судството. Другите клучни столбови на еден политички систем (економија, образование, здравство, култура) повторно ќе бидат ставени на маргините живуркајќи и чекајќи подобри времиња и посоодветна кадровска инфраструктура.

За „шок“ реформи во јавната администрација и правосудниот систем постојат објективни претпоставки и објективна нужност. Мрсната фактура која Месијата е подготвен да ја плати како политичка цена треба да стигне токму на овие две адреси. Срамежливите најави за департизација на администрацијата можат да бидат пункт околу кој ќе се обединат (милом или силом) сите политички фактори во државата. За едните (власта) тоа ќе биде пукање во едната, или двете, партиски нозе, а за опозицијата ќе биде неволно глумење демократичност во недостаток на друга политичка игра. Што се однесува до судството, во пакет со СЈО, тоа и во 2018-та си ја заврши нечистата работа која така галантно му беше доделена уште во времето на Михајло Маневски. За судството, тој професионален ликвидатор кој премногу знае, не смее да има амнестија. Како во старите добри трилер филмови, кога извршителот на злосторството ќе си ја заврши својата (благородна) работа, неговото постоење како такво станува излишно и штетно. Завршете ги овие две работи во 2019-та, или барем стресете им ги темелите, и однапред ќе ја прогласиме за успешна годината што доаѓа.

Би било убаво и новиот преседател на Република Северна Македонија да има своја ролја во оваа важна епизода. Тој или таа може да биде реален духовен мотор на овие две клучни реформи. За почеток, нека ја искористи стекнатата уставна моќ кој така обилно ја користеше претседателот Иванов, иако најчесто во негативна смисла. Би било добро идниот татко или мајка на нацијата, без пород и поколенија, и веројатно последниот претседател избран на непосредни избори да биде конечно достоен претставник на оваа изумирачка функција.

 

DW.COM

Реклама