Поставен темел за ЕУ-одбранбена унија | Свет | DW | 13.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Поставен темел за ЕУ-одбранбена унија

Создавањето европска одбранбена унија напредува со големи чекори. ЕУ не сака во воен поглед да биде зависна од САД. 23 членки на ЕУ во Брисел потпишаа договор за потесна меѓусебна воена соработка.

23 членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, се обврзаа на потесна меѓусебна воена соработка. На свечена церемонија во Брисел денеска (13.11) ЕУ-министри за надворешни работи и за одбрана потпишаа документ, со кој се става темелот на европска одбранбена унија. Нејзината цел е ЕУ да биде понезависна од  САД и да води кон потесна коперација во воени проекти

„За нас од посебна важност, посебно по изборот на американскиот претседател Доналд Трамп, е да изградиме самостојност. Мораме да бидеме оперативни во случај на избивање криза во нашето соседство“, изјави германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лајен.

Германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел зборуваше за важен момент во европскиот развој.

„Ова е голем чекор во поглед на самостојноста и јакнењето на безбедносната и одбранбената политика на ЕУ“, изјави тој во Брисел.

ЕУ-претставничката за одбранбена и надворешна политика, Федерика Могерини одлуката ја оцени за „историски момент“ во европската политика.

Со ставањето потпис на документот, 23-те членки на ЕУ се согласија и на 20 конкретни услови за членство. Во нив спаѓаат редовно зголемување на буџетите за одбрана, учество во заеднички оружени проекти и ставање на располагање војници за единиците на ЕУ за кризни интервенции. Тие сили всушност егзистираат уште од 2007. година под името единици за брза интервенција, но досега не беа вклучени во некоја акција.

Во земјите кои нема да бидат вклучени во постојаната структуирана соработка се вбројуваат Велика Британија и Данска. Данска традиционално не учествува во заедничката европска безбедносна и одбранбена политика, а Велика Британија ќе ја напушти ЕУ во 2019. година. Ирска, Малта и Португалија до денеска уште не донесле одлука за свое учество. Постојаната структуирана соработка  официјално треба да стартува во декември.  Први конкретни проекти би можеле да бидат формирањето на европска санитетска команда или заеднички логистички центар за транспорт на трупи и опрема. Од германски владини кругови се дознава дека во моментов постојат околу 50 предлози за заеднички воени проекти во ЕУ.

 

DW.COM

Реклама