Последниот излез од вакуумот | Северна Македонија | DW | 13.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Последниот излез од вакуумот

Накратко, ни треба американска помош во наоѓање на нови авении на разбирачка и договор со Бугарија. Пишува Арсим Зеколи

Нема потреба да ги затворам очите за да се потсетам за циничното, супремацистичко клештење на европскиот невладино-неутрален соговорник, како реакција за мојот заклучок дека ЕУ во целост и земјите членки парцијално имаат создадено вакуум кој ќе биде искористен и пополнет од други фактори. Неколку месеци подоцна, белким по разговор со некој српски или грчки колега, истиот невладино-неутрален соговорник ќе ја прифати истата забелешка како новост. Пет години подоцна, истиот невладино-неутрален Европеец едноставно не умее да состави просто-проширена реченица без да предупреди за опасноста од вакумот.

Пет минути по петте години, поточно денес, време е да се апдејтира невладино-неутралната клиентела во Брисел дека заканата за ино-европејско пополнување на балканскиот вакум е веќе прашање од минатото. Поточно, пополнувањето е веќе завршено. Оценка која – ама воопшто не се сомневам – повторно ќе биде пречекана со некакво одвратно супремацистичко клештење од невладино-неутралната клиентела на Брисел. Се додека потврдата не стигне од Белград, Бања Лука или Атина. И така, од почеток, во квадратот и кругот внатре се до епицентарот на етнизацијата на ЕУ наративата. Клиентелата ќе има доволно време да после неколку месеци заклучи и со години ред дебатира дали Истокот е заслужен или Западот е виновен за најбитниот вакуум создаден на регионот – иделошкиот ориентир како последна етапа на истиснувањето на западниот фактор од регионот. 

-претходни колумни од авторот: Пак тој!

Да не се лажеме, во сите предупредувања на Брисел и Европа за опасноста од „вакумот во Балканот” и неговото заземање од Русија, Кина, Турција, Саудиска Арабија фали најбитниот фактор. А тоа е желбата на старата Европа, миопична за континентот и погубна за Балканот, да се истиснат САД, да се избрка Америка. Бидејќи, нели, „ова е Европа, ние сме Европејци, ова е наше двориште” или како веќе тераат тие препотентни, со ништо незаслужени аргументи од ЕУ, посебно од старата Европа. Протерувањето на Америка од Балканот е не помал, туку често и поголем дел од аргументариумот и мотивот на старо-Европејците во споредба со Русија, Турција или Кина како наивно претпоставен полесно совладлив предизвик од Јенките. Иако историјата и сегашноста ја демантираат и способноста на Европа и спремноста на старо-Европејците да искрено и безрезервно ги прифатат Балканците како Европејци, а некои од нив дури и со поголемо историско право на користење на тој епитет. Ерго, нивното неприфаќање на нас, не само како членки туку како полноправни Европејци е дефектот во нивниот ментален склоп кој обилно се користи од сите ривали.

Вистина, инспирацијата на старо-Европејците за бркање на Американците од регионот е во добар дел поттикната од самите САД и нивната репликна дилема на евро-германското адаџо „дали всушност за Европа веќе вреди да се трошат коските на еден единствен гренадиер од Колорадо?” Дотолку повеќе што Европа, посебно старо-Европејците, се во уште еден историски филм на замислена увереност во сопствените способности да управуваат со сопствениот континент и надмено слепи да ги согледаат делумно сожаливите делумно гневните вртења со глава на соседите од под-континентот. Кои будно следат како етнизацијата, тој балкански бауч, полека станува мизансценска сила во позадината на Бетовеновата радост. Старата Европа нема храброст, нема ни чувство на одговорност и сила да прифати дека нејзиниот етно-базиран пристап кон регионот сега се враќа како бумеранг во нивните редови. Засега со многу стил, перфидно, неприметно, завиено во флоскули, како што почнува секоја нова идеја. Или заблуда. Се до денот кога ќе бликне на површина и денешните негатори ги принуди да се запрашаат – како згазените европски вредности и станарди создадоа вакуум пополнат од етнички политики – домашни и увезени - во срцето на Европската Унија?

-претходни колумни од авторот:Тавук и Авго

Етнизацијата на самата Европа започна со етнизацијата на нејзината надворешно-политичка авантуризација од времето на Могерини-Хан-Јункер, политиките на економски колонијализам согласно религиските приоретизации и/или предрасуди ширум регионот, одмолкнувањето на фактичките идентитетско-документарни социјални инженеринзи и хистерично пренагласување на препоставени замисли. Европа не сака да се збори за тие нејзини faux pas во регионот. А регионот не може веќе да збори за Европа без да беседата ја започне со потсетување токму за овие нивни кокошкини слепила (ако не и злонамерности). Кои не даваат причина за верба дека било која нивна следна идеја и иницијатива не е или нема да биде однапред контаминирана со некоја друга фалична, етно-цивилизациска диктирана позадина. Мотивирана од некоја одмолчана но не и заборавена интра-европска традиционална меѓуетничка историска кавга. За која дури и САД, по сто и пет години присуство, не успеваат да најдат решение и ги помират неразумните европски балканоиди.

Баучот на балканскиот вакуум без Америка веќе виси ширум регионот – како реалност или параноја, сеедно. Но наместо кукање за неминовното или верување во вечното, поупатно е да направиме обид за да се обидеме да до максимум ја искористиме сегашноста и со помош на САД го најдеме последниот излез од вакумот наметнат од етно-европските интриги. Не бидејќи САД ни го должи тоа. Не диктирано од нашата оправдана резигнација од провидните манипулации од Брисел и етничките солирања на земјите членки на ЕУ. Туку од проста пресметка дека за разлика од ЕУ, која ни го нуди она што го сакаме, а не она што ни е егзистенцијално потребно, рационалноста на САД обезбедува минимум предуслови да со нивна помош, поддршка, разбирање и шамари го обезбедиме токму тоа што сега ќе го мразиме за подоцна (како и сите Европејци) обилно го користиме додека мрчиме. Накратко, ни треба американска помош во наоѓање на нови авении на разбирачка и договор со Бугарија.

-претходни колумни од авторот:Да беше само Јанша...

Дотолку подобро доколку во таа асистенција САД ги покани и нивните братучеди од Канада, за да нивните идентитетски-соседски модели ги искористиме како скица врз која би се изградила новата наратива на односите. Но согласно приоритетите за кои и Скопје и Софија имаат потреба, а не според замислите од сопствените дневнополитички параноји. Почетна точка на надминување на нашиот спор можеме да го најдеме токму во дефиницијата на Мајк Снајдер за канадскиот национализам изграден врз премисата „идентитет базиран повеќе врз негација отколку врз афирмација” и американскиот модел на „афирмација на правото за негација”. Во овие два диспаритета лежи изворот на двата различни пристапи на САД и Канада, т.е. американскиот melting pot и канадскиот модел на културна диверзификација. Модели слични (секако не идентични) со длабинските тектоники на Бугарија и Македонија, како во однос на внатрешните односи, така и во односите со соседните – идентитетски блиски – народи.

Таквите теориски размисли се сепак само тоа, мудрувања во празно, доколку не се преточат во она што суштински недостасува во односите помеѓу Софија и Скопје. А тоа е дијалогот и разговорот помеѓу политичките субјекти од двете страни на границата. Американската администрација има доволно искуства со организирање разни Chatham House дијалози помеѓу етничките или идеолошките партиски ривали во Македонија. Кои со посредство на двете национални собранија и дискретно дипломатско-експертско посредништво на САД, можат да бидат репродуцирани и во односите Македонија – Бугарија. Со цел на започнување, одржување и култивирање на разговори за сегашноста, со цел постигнување Договор за иднината. Празнината во односите создава премногу простор за ѓаволови игри. Простор и празнина кој е поупатно да се пополнат – квалитетно и квантитативно – со редица разговори, запознавања, демантирање на претпоставките и согледување на можностите. Со цел  да финалната цел, Договорот, биде прифатен со максимум доверба на одговорните и минимум сомнеж на неупатените, т.е. граѓаните.  

-претходни колумни од авторот:Приказна за две села

За некои работи и не мора да се чека на поттик оттаде океанот. Упатно е да администрацијата во Скопје ја напушти креативната дипломатија на приватни посредници и се наврати кон класичната дипломатија на институционално оополномоштени претставници. Со цел да се стави крај на погубноста на персоналното емисарство проследено со бескрајни и фриволни интерпретации или сомнежи и се вратиме кон класичната дипломатија на егзактна информација без простор за интерпретации и солирања. На Скопје и Софија не им се потребни, ниту суштински им помагаат пристапите поставени врз претпоставени (позитивистички или негативистички, сеедно) блискости на одредени ликови кон едната или друга нација. Небаре станува збор за земји на океанска егзотична дистанца. Разговорите треба да бидат препуштени на директно соочување, разговор, полемика и дискусија помеѓу политичките, законодавни ликови од двете земји. Додека пак Договорот треба да е финален продукт на рациото на државноста лишена од емотивност.

Реално и неопходно е да се каже дека е речиси невозможно да во текот на оваа година се дојде до надминување на спорот Софија – Скопје. Билатерално, поради внатрешните изборни политики. Мултилатерално, поради зајачката етно-географска дупка во која ЕУ има веќе зацапано со двете нозе, сведувајќи го сиот претприемен процес на заводлива дестинација без квалитетна гаранција. На политичарите, посебно во Скопје, им е јасно дека дури и отварањето на преговорите не е фактор кој гарантира битен процентуален подем во рејтинзите. Без нив, моќта на нашата дипломатија е однапред хендикепирана од разбирливата нелагодност за загазување во мински полиња поставени од профит-логиката на власта и контраријанството на опозицијата. Иницијативата треба да биде превземена оттстрана, пожелно од во часот најкредибилниот фактор во ЕУ. А тоа се САД. Единствениот тег во сегашната домашна, регионална и континентална состојба на бестежинство