Последната смена во Опел во Бохум | Економија | DW | 05.12.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Последната смена во Опел во Бохум

На 100. роденден на Опел, на почетокот на 60-тите, беше отворена нова фабрика за автомобили во Бохум. Фабриката нема да го доживее 200. роденден. Денеска се става клуч на фабриката, а илјадници луѓе остануваат без работа

Вработените во фабриката на Опел во Бохум се бореа долго за своите работни места. Зад нив застана целиот град. Но одлуката да се затвори фабриката падна далеку, во Детроит, седиштето на концернот-мајка Џенерал Моторс. Ева Керкемејер, ополномоштеник на синдикатот ИГ-Метал за Бохум, знае во каква состојба се вработените:

„Ова е страшен крај, затоа што опфаќа период од 50 години од животите на многу луѓе. Луѓе кои со својата добра работа можеле да си ги хранат семејствата и кои до крај се надеваа дека Опел нема да затвори.“

Луѓето кои долги години работат за Опел, како Мајк Шчеблевски, сметаат дека е недостоинствено тоа што уште од почетокот на ноември на интернет се дадени на аукција инвентарот, роботите на фабричките ленти, се‘ до опремата во кафетеријата на фабриката.

„Мислам дека тоа е морбидно, тоа наликува на ограбување трупови. Но се‘ она што може да се претвори во пари, го претвораат во пари.“

По 52 години и над 13 милиони произведени автомобили, во Бохум завршува едно поглавје од индустриската историја. Последниот автомобил што денеска (5.12) излезе од фабричката лента беше возило од типот Зафира. Од некогашните 20.000 вработени во 1980-тите, автопроизводителот на крај вработува само 3.200 луѓе.

Од нив само 300 имаат сигурно работно место и тоа во центарот за распределба на стоката, кој во Бохум ќе остане отворен до 2020 година. Најголем дел од вработените, меѓутоа, ќе заминат на натамошно образование и обука. Меѓу нив е и Торстен Дил. Тој сепак смета дека изгледите да добие нова работа набрзо се многу мали: „Во меѓувреме имам наполнето 50 години. И не е едноставно...“

Со затворањето на фабриката на Опел, Бохум само неколку години по повлекувањето на Нокиа го губи вториот голем работодавач. До ден-денес голем дел од луѓето кои останаа без работа поради повлекувањето на Нокија немаат најдено ново работно место, особено жените. Најголем работодавач во Бохум, во меѓувреме, е Универзитетот Рур, со околу 6.000 вработени.

Сепак, црни мисли не се дел од менталитетот на луѓето во Рурската област, која се наоѓа во пресврт откако тргна надолу со јагленот и челикот.

Сега постојат надежи дека на просторот на фабриката на Опел, на површина од околу 170 хектари, ќе се населат нови претпријатија. Индустриската и трговска комора, според зборовите на Рувен Бек, става акцент на инованитивни средни претпријатија. Со уривање на зградата на фабриката и преструктуирање на површината ќе се почне уште во 2015 година, но до завршување на програмата и целосната пренамена ќе минат 10 години.

Професор Ролф Хејер, раководител на фирмата која го води проектот, а ја основаа градот Бохум и Опел, смета дека најрано за две години првите фирми ќе се населат на просторот на фабриката. Еден инвеститор, најверојатно, е веќе сигурен. Тоа е логистичкото претпријатие ДХЛ, кое има намера да отвори центар за распределба на пратки во кој ќе работат 600 луѓе. Она што ги радува надлежните во градот, според синдикалката Керкемејер е недоволно.

„Во иднина ни е неопходна индустрија, не само логистика. Еден пакет да се однесе од точка А до точка Б не е нешто што создава вредност, а и луѓето кои тоа го работат не се добро платени“, предупредува таа.

Поврзана содржина