Последиците од бугарското вето | Северна Македонија | DW | 27.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Последиците од бугарското вето

Одложувањето на преговорите со ЕУ го прави неодржлив и Преспанскиот договор и го оспорува и дискредитира целокупниот ангажман и успех на ОН, ЕУ и САД за разрешување на еден со децении, нерешлив спор. Пишува Ерол Ризаов.

Одлуката на Бугарија да стави вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ би предизвикала далекусежни последици кои не ги засегаат само односите меѓу двете држави и целиот регион, туку многу пошироко, посложено и поопасно, отколку што пресметале стратезите на радикалните националистички политики.

Злоупотребата на статутарното право на една членка на ЕУ од позиција на сила да ја оддолжи и да ја направи неизвесна европската иднина на земја - безмалку дводецениски кандидат за членство во ЕУ - поради билатерални спорови, не само што го доведува во прашање угледот и заложбите на Брисел, туку го прави неодржлив и Преспанскиот договор со Грција и го оспорува и дискредитира целокупниот ангажман и успех на Обединетите нации и на САД за разрешување на еден со децении, нерешлив спор, како што беше меѓу Грција и Македонија.

Се разбира, ратификуваниот договор во парламентите на Грција и на Македонија не може да се поништи поради ветото на Бугарија, гледано од правен аспект, но може да го направи неспроведлив и неодржлив. Според Договорот, двете земји преземаа обврски кои треба да се реализираат на подолг период додека траат преговорите со ЕУ. Одложувањето на преговорите ги пролонгира и преземените обврски кај двете страни, што ќе ги засили радикалите и екстремите со теориите на заговор: дека сето ова било обмислено и договорено за обезличување и дестабилизација на Македонија до нејзина поделба. Ветото на Бугарија ги потопува во вода ангажманите на ОН и на медијаторот Метју Нимиц, на светски државници и на бројни европски и американски дипломати, да се најде заеднички прифатливо решение, и што е најстрашно - ги обезвреднува компромисите меѓу Грција и Македонија до кои се дојде со болни отстапки и со храбрите одлуки на владите на Алексис Ципрас и на Зоран Заев.

Во период кога поголемиот дел од јавноста и во Грција и во Македонија дојде до сознание и се увери дека Преспанскиот договор навистина е одржлив и дека не ги засегнува идентитетските посебности на Македонците со географската додавка „северна“, дека се зачувани македонската национална припадност, македонското државјанство и македонскиот јазик и дека односите меѓу двете земји се во нагорна линија, без оглед на промената на власта во Грција, кога и опозицијата во Македонија се откажа од негово поништување и правење нов подобар договор, стаса заканата на бугарското вето кое е многу поригидно и понеочекувано од грчките црвени линии.

Други колумни од авторот:

Бугарија ја зајакна посебноста на Македонците

Бугарите не се Македонци

Минатото како оружје против иднината

Непријателски удар

Ултимативните барања на Бугарија за промена на еден дел на историјата, на националната и револуционерна припадност на историските личности, со проблематизирање на македонскиот литературен јазик, со фалсификување на историските настани во Втората светска војна, окупацијата да се прифати како ослободување со привремена админстрација, а НОБ и АСНОМ да бидат изучувани како антибугарско војување и собрание, погромот на македонските Евреи да се префрли како одговорност на македонските Бугари, не остава простор ниту на историските комисии, ниту на политиката, ниту на граѓаните на двете држави Договорот за доброседство да биде реализиран како што приличи на две соседни земји членки на НАТО и на ЕУ. Односот на Бугарија во исклучително значајни историски моменти за иднината на Македонија ќе влезе во колективното паметење на Македонците како тежок непријателски удар. Реализацијата на Договорот за добрососедство мораше да тргне од сестрана и интензивна политичка, економска и културна соработка, со воспоставување на меѓусебна доверба. Заедничката историја и националната и револуционерна припадноста на историските личности како жешки теми во вакви ситуации се оставаат за еден сосема друг пријателски амбиент на воспоставена меѓусебна доверба и почитување. Проблематизирањето на НОБ и на АСНОМ, посебноста на македонскиот јазик, не можат да бидат теми на преговори.

И во Бугарија и во Македонија и во Европа се добро познати овие универзални права на самопределување стекнати по крвавите светски револуции.

Тешките последици по стабилноста на Македонија, и за односите меѓу двата народа и за угледот на Бугарија како членка на НАТО и на ЕУ, го прави невозможно бугарското вето ако преовладуваат интересите и здравиот разум. Меѓутоа, на Балканот никогаш не вели НЕ.

Излезни решенија

Кое е излезното решение во една ваква ситуација, кога решението е доведено до точка на вриење на двете страни, кога секое попуштање би било сметано како национално предавство и пораз на политиката? Пооптимистичката варијанта би била Бугарија сепак да не ги попречи преговорите на Македонија со ЕУ да почнат во декември со меѓувладина конференција, а Македонија да прифати во понатамошниот тек на преговорите во еден поинаков, пријателски амбиент, делови од заедничката историја и заедничка припадност на историски личности. Притоа да не се навлегува во универзалните придобивки на самоопределување. Тоа ќе им олесни на членовите на Комисијата за историја да најдат одржливи решенија кои можат да се преточат во учебниците, кои нема да предизвикуваат меѓусебна омраза на денешните генерации Македонци и Бугари.

Втората, песимистичка варијанта, која исто така е изгледна, е бугарската актуелна политика да се одлучи за вето, или Европа да посегне кон соломонско решение за да го одбегне ветото да ги одложи преговорите додека не се најде решение меѓу двете земји. Во двата случаи- и на вето и на одложување на преговорите - тоа ќе биде голем пораз на Европската унија, на Македонија, на Бугарија и на Грција, и на сите кои овие три децении работеа на евроатланските интеграции на Македонија, почнувајќи од ОН, членките на ЕУ и САД.

Во секој случај наближуваат деновите кога Македонија ќе се соочи со уште едно големо премрежие на патот кон Европа.

Реклама