Посета на „најужасното место на светот“ | Информации и анализи за Германија | DW | 21.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Посета на „најужасното место на светот“

За време на еднодневната посета на Полска, германскиот министер за надворешни работи Мас, како прв шеф на германската дипломатија по цели 26 години го посети поранешниот нацистички концентрационен логор Аушвиц.

Стигнавме на „најужасното место на светот“ - вака Хајко Мас, германскиот министер за надворешни работи го опиша овој концентрационен логор кога стигна во Аушвиц. На капијата, на која стои циничниот натпис „ Arbeit macht frei“, ( „Работата ослободува“)  го поздрави еден преживеан 92-годишен поранешен логораш.

Маријан Турски, кој во Полска важи за морална инстанца, сѐ  уште од сопственото помнење сведочи за ужасите во Аушвиц. Со задоволство, како што кажа, за време на посетата на германскиот министер ќе го придружува поради неговата лична мотивација која особено ја цени. Бидејќи, Мас еднаш кажа дека „поради Аушвиц станал политичар“.

Во Аушвиц систематски се убиени над еден милион луѓе, пред сѐ европски Евреи. Маријан Турски, како што вели, имал среќа. Стоејќи покрај рампата во Биркенау, му раскажува на политичарот од СПД за клучните моменти и за сцените кои и денес го следат: како нацистите ги одвојувале оние кои „се вредни да живеат“ и оние кои тоа не се. Подоцна Турски даде потврда за зборовите на министерот, оти оној кој ќе дојде во Аушвиц не добива одговори, туку уште повеќе прашања.

На лицето на германскиот министер можеше да се забележи видна вознемиреност кога со делегацијата ја напушти зградата со единствената преостаната гасна комора. Длабоко дишејќи и по кусите разговори седна на масата на која се наоѓа книгата со впечатоци. „Пекол на земјата - тоа е германското здание наречено Аушвиц“, напиша во книгата и додаде: „Потребно ни е ова место, бидејќи на нашата одговорност ѝ нема крај“.

Посебно патување

Првиот германски политичар кој го посети ова место во 1977 година беше тогашниот канцелар Хелмут Шмит. „Ова е местото за кое се налага да се молчи, но мислам дека еден германски канцелар за него не смее да молчи“, рече тогаш Шмит. Тој зборуваше за германската вина и за одговорност за милиони убиени луѓе за време на Втората светска војна и што тоа би требало да значи за идните генерации. Зборовите на Шмит и денес влијаат на германската политика. Кога Хајко Мас денес, како претставник на повоената генерација, зборува за германската одговорност, не може ни да се замисли оти децении ги делат неговите и зборовите на Шмит.    

Германските политичари не патуваат често во концентрациониот логор Аушвиц, и тоа никогаш не е рутинска посета. И сите главно доаѓаа по повод определени годишнини. Мас е исклучок, бидејќи дојде без посебен повод, туку повеќе поради лични причини.

За тоа тој по посетата на логорот разговараше со младите. Хајко Мас седеше во средината на салата и повеќе беше расположен да слуша, слично како и при средбата со Маријан Турски. Кога пак беше прашан за впечатоците, рече: „Тешко ми е. Се соочувам со сомнеж во Бога и со недоверба во луѓето“. Потоа слушаше како една млада Германка зборуваше за учесниците во проектот кој се организира за младите: најголемиот дел од нив на возраст меѓу 16 и 18 години и „често се стекнува впечаток дека оваа тема во училиште навистина се обработува, но недостасува лично искуство и посета на автентичното место“.  Во средби со сведоци од тоа време младите треба „почувствуваат зошто воопшто треба да се ангажираат за културата на сеќавање“, истакна оваа млада Германка.

Со оглед на растечкиот антисемитизам и расизам во Германија неодамна беше изнесена идеја дека посетата на концентрационите логори би требало да биде обврзувачка за учениците. Но, германскиот министер Мас на заедничката прес-конференција со својот полски колега Јацек Чапутович ја отфрли таа идеја. „Јас сум за тоа Аушвиц да биде посетен од што е можно повеќе луѓе. Но тоа треба да биде автономна одлука на секој поединец“, истакна министерот. Дали тоа сѐ уште ќе функционира и за 10 или 20 години? „Кој ги затвора очите пред она што се случило, ризикува минатото да се повтори! На иднината ѝ е потребно сеќавањето!“, напиша Хајко Мас во книгата за гости во центарот за средби меѓу младите.

DW.COM

Реклама