Посета кај ЕУ: Трамп во „пеколната дупка“ | Свет | DW | 25.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Посета кај ЕУ: Трамп во „пеколната дупка“

Американскиот претседател го нарече Брисел „пеколна дупка, дувло“, поради големиот број муслимански доселеници кои живеат таму. Трамп често искажува презир кон ЕУ, но денеска беше во нејзина посета.

Денеска во Брисел, во седиштето на ЕУ, се сретнаа двата Доналди: американскиот претседател беше пречекан од претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Насмевките и долгото ракување пред знамињата, што е инаку вообичаено при вакви посети, овојпат изостанаа. Дури по влегувањето во зградата, каде им се придружи и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, беше направена групна фотографија, на која се истакнуваа сериозните и напнати лица.

Оваа посета од почетокот имаше набој од негативни очекувања. Доналд Трамп Брегзитот го нарече „величествен“, самиот се именуваше како „мистер Брегзит“. Обратно, европските политичари си дозволија слободно манифестирање на својата одбивност кон Трамп. А десетици илјади демонтранти во Брисел на Трамп уште вчера му довикуваа: „Трамп, не си добредојден“.

Спротивностите меѓу ЕУ и Трамп не можат да бидат поголеми. Истото важи и за новиот француски претседател Емануел Макрон, кој однесе победа над десната популистка Марин Ле Пен, симпатизерка на американскиот претседател, профилирајќи се со својата проевропска програма. Со победата на Макрон, ЕУ-претставниците врзуваат надеж за преминување на зенитот на вкупното десничарско настроение во Европа, инспирирано од Трамп. 

Belgien Trump not welcome Marsch durch Brüssel | Stop Trump - Save the Planet (DW/M. Christoph)

Не баш пријателски дочек: протести против Трамп во Брисел

Судир на два света

Во овие околности,граничи со чудо што Трамп воопшто им направи посета на водечките претставници на ЕУ. Таа, за волја на вистината, беше многу кратка и без завршна заедничка прес-конференција. Трамп, Туск и Јункер имаа само еден час за брзо прочешлување на најважните проблеми во светската политика. Поголема симболика од ова не е можна.

Извесно поклопување на ставовите постои кај веројатно најургентната тема - борбата против исламистичкиот тероризам, иако на овој план Трамп инсистира речиси исклучиво на воената карта. По нападот во Манчестер, тој изјави: „Кога ќе се види вакво нешто, станува јасно колкава е важноста од победа во оваа борба. А ние ќе победиме.“ Меѓутоа, борбата од воен аспект повеќе е тема за НАТО, на следниот термин на Трамп во Брисел.

Претставниците на ЕУ не можеа да детектираат големо заедништво со американскиот претседател. Меѓу спорните теми е и заштитата на климата. Европејците стравуваат дека Трамп ќе истапи од Парискиот договор за заштита на климата, тој повеќепати навестуваше нешто во таа насока. Сепак, ЕУ се надева дека тој ќе се премисли. Истото важи и за трговската политика, Трамп планира многу поголем изолационизам од својот претходник.

Но, сеедно која тема да е во прашање, кај американскиот претседател постои ублажување во однос на првите недели во Белата куќа. За време на неговата прва претседателска турнеја во странство, секнаа неговите вообичаено жестоки твитови, отстапувајќи место на државнички изјави. По средбата со Трамп, и белгискиот премиер Шарл Мишел изјави: „Постои желба за одржување на силната оска меѓу Европа и САД.“

Trump Brüssel NATO (DW/B.Riegert)

Невидени мерки за безбедност при посетата на Трамп на Брисел

Туск: Вредностите во прв план

Заедничките вредности се токму тоа, на што првенствено апелираат и претставниците на ЕУ кај Трамп. Туск твитна дека сака да го убеди Трамп во соработката на „слободниот свет“, „заради спречување на пост-западен светски поредок.“ Туск, по кратката средба со американскиот претседател, извлече кус биланс: во основа, постои заедничка линија во однос на темите тероризам и украинскиот конфликт, но не и кај климата и трговијата. Туск ги истакнал не само заедничките интереси, туку и заедничките западни вредности - „вредностите и принципите на прво место“, изјави Туск, алудирајќи на мотото на Трамп - „Америка на прво место“.

Како седиште на ЕУ, „дувлото“ Брисел сигурно е многу повеќе од било кој друг европски град навикнат на посети на странски гости. Но, безбедносното обезбедување на исклучително неомилениот Доналд Трамп, посебно неколку дена по нападот во Манчестер, е на досега невидено ниво. Врие од тешко вооружени полицајци, бројни улици и метро-станици се блокирани. Да не е денешниот ден празник, сообраќајната ситуација ќе беше уште покомплицирана, Брисел, барем во сообраќаен поглед, ќе беше „пеколна дупка.“

 

DW.COM

Реклама