Пораз за Ердоган | Свет | DW | 18.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Пораз за Ердоган

САД решија Турција да биде исклучена од воената програма за борбени авиони – Ф35. Причината е турската набавка на рускиот противракетен систем С-400. Реакцијата на Вашингтон е шок за Анкара, смета Еркан Арикан

Вашингтон донесе одлука која е логична и доследна. Во иднина Турција ќе биде исклучена од воената програма за борбени авиони – Ф35. Логично? Да, бидејќи не може земја НАТО партнер да прави бизнис со „поранешен непријател“ од Студената војна – без разлика колку е развиена довебата меѓу двете земји? Доследно? И тука одговорот е јасно да, бидејќи САД подолго време го предупредува Ердоган да ја повлече одлуката за купување на рускиот одбрамбен ракетен систем. Со оглед на фактот дека Анкара беше глува на ваквите предупредувања, одлуката на Пентагон беше логичен чекор. Турција која со децении си го чува воздушниот простор со борбени авиони од НАТО партнерот САД, сега мора да бара нови авиони. Исто така турските војници кои се вклучени во проектот мораат во догледно време да ги напуштат САД. Тоа што Москва им ги нуди нивните борбени авиони СУ-35, во моментов повеќе личи на шега.

Турција нема избор

Гледајќи го развојот на оваа речиси бескрајна приказна, до некаде може и да се разберат потезите на Ердоган. Турција геополитички е сместена во еден опасен регион. Особено поради соседите на истокот, Иран, Ирак и Сирија. Очигледно е дека на Турција не и е потребен функционален одбрамбен ракетен систем само поради граѓанската војна во Сирија. Како НАТО партнер на располаѓање и е американскиот систем Патриот, но само на „заем“.

Повеќе:

-Како С-400 ќе ѝ помогне на Турција?

-На Турција ѝ се закануваат санкции и од САД и од ЕУ

-Зошто Турција го купува рускиот одбранбен систем С-400?

Erkan Arikan Kommentarbild App (DW/B. Scheid)

Еркан Арикан, автор на коментарот

Во минатото пропаднаа повеќето обиди на Анкара да го купи системот. Поради тоа Ердоган проба да купи ваков систем од Кина. Преговорите меѓу Пекинг и Анкара започнаа во 2013 година, но во 2015 беше објавено дека се неуспешни. Владините претставници изјавија дека притисокот од САД тогаш бил толку голем, поради што Ердоган се откажа и најави дека Турција сака да развива свој систем за противракетна одбрана.

Остри критики од Анкара: „Голема грешка!"

Очигледно е дека Турција не е среќна поради исклучувањето од Ф35 програмата. Ердоган се коцкаше и загуби. Неговата цел беше да го купи рускиот систем С-400, ама и да го задржи договорот со САД за борбените авиони од типот Ф-35. Анкара беше приднудена да прави бизнис со Русија. Кога во времето на американски претседател Барак Обама започнаа преговорите меѓу турскиот министер за одбрана и Пентагон за купување на системот Патриот се чинеше се ќе оди мазно. Но, САД и Турција не можеа да се договорат. Така дојде до оддалечување од Американците. Девизата гласеше - ако не успева со Вашингтон, тогаш одиме во Москва. Турските опозициски политичари ја критикуваа владата на Ердоган дека ги уништил преговорите.

Економски загуби за Турција

Тоа што Турција е исфрлена од Ф-35 програмата ќе има и економски последици. Турските претпријатија кои лиферуваа делови за борбените авиони ќе загубат важен извор на финансии. Во опозициските кругови се шпекулира дека Турција испорачувала речиси 900 делови за овој систем. Со други зборови станува збор за извоз вреден 12 милијарди долари. Истовремено се потенцира дека со ова ќе им бидат доведени во прашање работните места на над 30.000 луѓе. Исто така е нејасно како и дали овие луѓе би можеле да бидат вработени во други сектори.

НАТО без Турција?

Останува отворено прашањето дали Турција може да излезе од северноатлантскиот сојуз. Одговорот е јасно не. На НАТО му треба Турција, а и обратно. Турција се потпира на Алијансата и нејзините партнери. Во минатото Турција се има повикано на колективна самоодбрана, така што Германија, САД, Велика Британија или Шпанија и Италија застанаа на страната на Турција – индикатор дека на Анкара и е потребно НАТО. Ова јасно го нагласи и генералниот секретар на Алијансата Столтенберг за време на неговата посета на Турција во мај. Едно е јасно – ако Анкара не се откаже од рускиот одбрамбен ракетен систем, нема да има борбени авиони Ф-35 за Турција. Но тешко веројатно е и дека Ердоган ќе се повлече, бидејќи веќе минатата недела во Турција пристигнаа првите делови од Москва. Најдоцна до март 2020 година треба да се заврши исклучувањето на Турција од програмата Ф-35. Сепак ова не треба да влијае врз односите меѓу двата партнери. Еден портпарол на американската влада нагласи дека САД се уште ги ценат стратешките односи со Турција. Утеха за Ердоган, која и не е баш утеха.


 

DW.COM

Реклама