Попчева: Во ненормални времиња сите чувства се нормални | Северна Македонија | DW | 04.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Попчева: Во ненормални времиња сите чувства се нормални

Бројот на лица кои имаат потреба од психолошка помош е во постојан пораст. Ефектите од пандемијата врз менталното здравје ќе бидат долгорочни и со трајни последици, вели психологот Лидија Попчева

Lidija Popceva

Психологот Лидија Попчева

Заврши пописот, тече кампањата за локалните избори, јавноста е бомбардирана со ветувањата на кандидатите за градоначалници... Навидум, сѐ наликува како во периодот на „старите добри времиња“, пред пандемијата на Ковид-19. Но, дали е навистина така? Во заднината на дневно-политичките настани, последиците од билансите на ковид кризата индицираат дека преодот кон „новото нормално“ ниту ќе биде лесен, ниту ќе помине без длабоки лузни. За животот во време на епидемија и за влијанието на ковид- кризата врз менталното здравје на луѓето, разговаравме со Лидија Попчева, психолог - гешталт терапевт.

ДВ: Госпоѓо Попчева, како се одразува на менталното здравје променетиот социјален ритам до кој нѐ доведе пандемијата – голем број заразени, загуба на животи, работата од дома, рестрикции во движење, намалени контакти?

- Ситуацијата во која се наоѓаме веќе година и половина, а која е предизвикана од пандемијата со Ковид -19, има многу карактеристики на кризна ситуација. Кризни ситуации се оние ситуации кога сме соочени со опасност со која за прв пат се соочуваме и која не можеме да ја разрешиме со познатите начини на решавање. Кризните ситуации кај луѓето често можат да предизвикаат силни емоции и реакции со кои понекогаш тешко можат сами да се носат: чувство на збунетост, страв, паника, неверување, лутина, беспомошност. Ова го нарекуваме психолошка криза, состојба која се јавува после долготрајна изложеност на кризната ситуација. Во текот на кризните ситуации луѓето се под висок степен на стрес при што причинителите на тој стрес, т.н. стресори можат да доведат до различни последици кои се детерминирани од сложената интеракција на различни фактори: структурата на личноста, начините на соочување и справување со стресот, уверувањата за природата на стресорот, сликата за себе, оптимизмот или песимизмот на личноста и степенот на социјална поддршка која ја доживуваме во текот на психолошката криза. Како и да е, сите сме погодени на еден или друг начин. Импактот на ковид кризата врз менталното здравје е огромен, а последиците се забележуваат дури сега, година и пол од почетокот на пандемијата. Всушност, јас првиот аларм дека пандемијата ќе има сериозни последици по менталното здравје го забележав во првите два месеци од избувнување на епидемијата. Повиците на лицата кои имаат потреба од психолошка помош и поддршка нагло се зголемија и тој тренд ќе продолжи и понатаму.

ДВ: Голем дел од оние кои прележале Ковид-19 страдаат од инсомнија. Но, несоница ги мачи и оние кои не се заразиле - живеат во страв од инфекција која би можеле да им ја пренесат и на други. Како да се надмине тој страв?

-Прва емоција со која се соочуваат луѓето кои бараат психолошка помош е стравот. Стравот е една од примарните, вродени емоции која е неопходна за одржување на човештвото. Стравот е нормална и функционална емоција која ни помага да се заштитиме во ситуации кои може да не загрозат. Меѓутоа, понекогаш стравот може да ни избега од контрола, како што се случува сега во периодот на пандемијата. Дури и во ситуации кога не сме изложени на голема опасност, стравот кој го доживуваме може да се зголеми до таа мерка да нѐ преплави, односно да нѐ можеме да го исконтролираме. Тоа е знак дека стравот преминал во паника, состојба која многу тешко може да се контролира и го оневозможува секојдневното функционирање.

Symbolbild | Frust am Arbeitsplatz

Пандемијата ќе има сериозни последици по менталното здравје

Страв  да не се заразиме, страв за најблиските, страв за иднината, сите овие стравови заедно влијаат, нѐ притискаат секојдневно и кај различни личности се јавуваат со различен интензитет. Очекувано беше овие стравови да се појават кај оние лица кои и по природа се почувствителни, исплашени, меѓутоа за помош се јавуваат и лица кои никогаш досега не пројавиле вакви тенденции или пак ги држеле под контрола. Мене ова ми е разбирливо, пред сѐ, затоа што за многу од нас ова е ново искуство и како што коментираат некои мои клиенти, имаат доживување како да го изгубиле тлото под нозете.

ДВ: Ковид кризата предизвика болка и тага од многу загуби - на човечки животи, на сигурноста, на работни места. Има ли лек за тие лузни?

-Освен стравот, емоција која исто така ни е постојан придружник во овој период - е тагата. Многу луѓе со кои се контактирам се тажни затоа што имаат некои загуби: го изгубиле чувството на сигурност, социјалните контакти, некои од нив работното место, блиски личности. Дури и да немале некоја лична загуба во оваа пандемија, многу од нив се тажни затоа што се погодуваат со сѐ она што се случува во пандемијата, од личните загуби на луѓето што ги познават или не ги познаваат, со кои секојдневно се допират. Како и да е, ние сите нешто сме изгубиле и секој ден губиме се повеќе, а тие загуби некаде се складираат и оставаат своја трага. Ја изгубивме нормалноста на нашето секојдневие, ја изгубивме рутината по која се движиме во животот, го изгубивме чувството на сигурност, со што се зголеми неизвесноста и стравот од катастрофични последици. Психолошките лузни нема да можат така лесно и брзо да се надминат.

ДВ: Што открива вашето искуство од разговорите со луѓето кои бараат психолошка поддршка: со какви проблеми најчесто се соочуваат?

-Големиот број заболени, загриженоста за пренесување на вирусот, психолошкото влијание од самоизолацијата и карантините, загуби на животи, работа од дома, загуба на работно место, доведоа до нарушување на менталното здравје кај голем број луѓе. Она за што најчесто се јавуваат луѓето кои бараат психолошка помош најчесто се невротичните растројства, како депресијата, анксиозните пореметувања, паничните напади, опсесивно-компулсивните пореметувања и цела лепеза на психосоматски симптоми.

Symbolbild Laptop Frau Home Office Erschöpfung Stress Zoom Meeting Fatigue

Многу луѓе имаат чувство како да го изгубиле тлото под нозете

Моето искуство покажува дека опсесивно-компулсивното растројство е во пораст, особено по прележување на Ковид-19. Можноста за појава на страв од болести кај овие личности е зголемена, затоа што на некој начин доживеале трауматично искуство, било лично или на некој близок во околината. Кај некои луѓе кои имаат генетска предиспозиција за некое од облиците на опсесивно-компулсивно пореметување (на пример, опсесија кон зарази или компулсивна потреба за миење раце, дезинфицирање и постојано чистење), големи се шансите да се појават или влошат со Ковид-19. Многу од нив ќе имаат потреба за адекватна терапија за својата ментална состојба. Освен опсесивно-компулсивното пореметување, општата анксиозност е исто така проблем со кој се соочуваат. Многу од оние кои и досега се соочувале со анксиозност, поради пандемијата веќе се соочуваат со поголема анксиозност. Важно е да напоменам дека кај личности кои во минатото поминале низ болно животно искуство, кај нив пандемијата може да остави посилни траги врз психата и менталното здравје. Било на свесно или несвесно ниво, би можело да се вратат сеќавањата на доживеаната траума.

ДВ: И луѓето кои беа, и сѐ уште се на првата линија во битката со Ковид-19, секојдневно се соочуваат со стресни ситуации во битка за животи, а во многу случаи, за жал, и со изгубени животи. Колку и ним им треба психолошка поддршка?

-Пандемијата внесе многу промени во секојдневниот живот и работата на медицинските лица  кои се на првата линија на борбата со вирусот. Изложеноста на вирусот на работното место и опасноста за пренесување на вирусот во своите семејства, честите и долги отсуства од дома и одвоеноста од нивните деца, чувството дека не се поддршка на своето семејство поради преоптовареноста и прекувремената работа, се огромен притисок на медицинските работници, кои и така веќе се изложени на висок степен на стрес. Овие луѓе секојдневно се во допир со сериозно болни пациенти, секојдневно се сведоци на многу смртни случаи, трауматични искуства на луѓе кои губат свои блиски личности.

Гледај видео 01:24

Борба за живот во тетовската болница

Како последица на сето ова, крајната исцрпеност на психофизичките капацитети, не е редок симптом кај здравствените работници и ако на време не ги препознаат овие симптоми, долгорочно може да развијат клиничка слика на посериозно психичко пореметување, како депресија или анксиозност. Сигурна сум дека повеќето од нив немаат време да размислуваат за својата ментална состојба и приоритет им се пациентите. Меѓутоа, како што овие лица се грижат за здравјето на сите нас, сметам дека е потребно некој да се погрижи за нив и нивното ментално здравје и на институционално ниво да им обезбеди психолошка помош и поддршка.

ДВ: Дали последиците за менталното здравје најсилно се чувствуваат во екот на пандемијата или ќе „испливаат“ уште повеќе по нејзиното завршување?

-Ефектите од пандемијата врз менталното здравје ќе бидат долгорочни и со трајни последици. Тоа не учи и историјата на досегашните светски пандемии - негативните последици по менталното здравје влијаат и ќе влијаат на многу луѓе и траат многу подолго од последиците по физичкото здравје. Веќе сега бројот на лица кои имаат потреба од стручна психолошка помош и поддршка е во постојан пораст и се очекува, за жал, тој тренд да се движи по нагорна линија, со оглед на тоа што проблемите со менталното здравје се многу сензитивни и комплексни. Важно е да прифатиме дека во ненормални времиња сите чувства се нормални. Во вакви „ненормални“ времиња сите чувства и доживувања се нормални, вклучувајќи ги и оние кои во некои помирни времиња лесно сме ги окарактеризирале како ненормални. Така што, немојте да се изненадите ако вашите емоции, размислувања и однесување не се онакви како што биле до пред пандемијата, ако почувствувате посилен стрес или нервоза, ако почесто изреагирате несоодветно кон другите, ако се почувствувате беспомошно, исплашено или тажно. Сето тоа е нормално. Тоа е нормална човечка реакција на ненормалната ситуација во која се наоѓаме сите ние. Тоа е очекувано, тоа е човечки, тоа е во ред. Она што не е во ред, е ако се препуштите на таа ситуација и на тие реакции и не преземете ништо во насока да си помогнете. Главна задача и главна одговорност во ова време е да се сочува физичкото и менталното здравје.