Попоски: Изборите зависат од СДСМ | Македонија | DW | 24.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски: Изборите зависат од СДСМ

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски вели дека датумот за предвремените парламентарни избори зависи исклучиво од опозициската СДСМ.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски вели дека опозицијата е таа која треба да го одбере датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. На денешната прес-конференција Попоски оцени дека Договорот од Пржино е жив.

Во интервју за ДВ во понеделникот Попоски ја обвини опозициската СДСМ дека бара изговори за да не излезе на избори.
„Тоа е одлука која зависи од најголемата опозициска партија, бидејќи ние во минатото заклучивме дека услови за спроведување на демократски избори има. Сите претходни избори во РМ биле и ја изразувале волјата на граѓаните и не гледам дека така не треба да биде и на следните парламентарни избори. Но барањето изговори ни нанесе сериона штета во изминатиот период и затоа остануваме на ставот дека во оној момент во кој најголемата опозициска партија ќе се чувствува подготвена за да се соочи со волјата на граѓаните, тоа треба да го потврди, да каже јавно дека се исполнети условите и потоа да оставиме на граѓаните да одлучат која политичка гарнитура ќе ја води РМ во следниот период. Мислам дека тоа е фер и демократски“, рече Попоски.

Во однос на евентуалното барање од Турција за израчување на конкретни лица кои биле вмешани во неуспешниот воен удар во таа земја, Попоски вели дека не добил такво барање. Сепак, во интервјуто за ДВ тој рече дека Турција испратила барања до 60-ина земји, меѓу кои и Македонија, „во повеќе сегменти“ а кои се поврзани со неуспешниот воен удар.
„Во однос на сите оние последици после тој неславен и за среќа неуспешен државен удар Турција има барање до повеќе од шеесетина земји кои се однесуваат на врски со сите оние кои беа фактори во неуспешниот воен обид. Ние на Турција гледаме како на стратешки партнер, соработуваме со Турција, но се разбира дека сите одлуки ќе бидат носени во согласност со законите на РМ и со нашите стратешки интереси“, рече Попоски.

Попоски во разговорот рече и дека во неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се разговара за евентуален наследник на Никола Груевски на функцијата, ниту тој е кандидат за такво нешто.

DW.COM

Реклама