Попис 2021: Околу 20.000 македонски жители имаат и бугарско државјанство | Северна Македонија | DW | 29.04.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Попис 2021: Околу 20.000 македонски жители имаат и бугарско државјанство

Нов сет податоци од ДЗС: околу три проценти од жителите на С. Македонија се со двојно државјанство. Половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години

Во согласност со планот за објавување податоци од пописот на населението, домаќинствата и становите 2021, Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска објави нов сет податоци, според кои околу три проценти од вкупното резидентно население во Северна Македонија  имаат двојно државјанство. Најголем дел од нив, околу 37 проценти освен македонско имаат и  бугарско државјанство,  додека половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години и активно население од 35 до 49 години, покажуваат податоците од Пописот 2021, објавени денеска од  Државниот завод за статистика.

Од вкупното резидентно население, 1 778 725 лица се  државјани на Република Северна Македонија,  53 201 се  државјани на Република Северна Македонија и друга држава, 4203 се државјани само на друга држава, а 584 лица немале  државјанство.

Интересно е тоа што, додека двојно државјанство повеќе имаат мажите – 30 003, отколку жени – 23 198,  државјани  на друга држава кои живеат во Северна Македонија се повеќе жени – 2824, од мажи – 1 379.

По старосни групи, најголем дел од резидентното население со двојно државјанство се на возраст од 35 до 39 години – 5 190 лица. Половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години – 11 768 или 22 отсто и активно население од 35 до 49 години – 15 171 или 28,5 проценти.

Од вкупно 53 201 граѓанин со двојно државјанство, најголем дел - 19 645 освен македонското, имаат и бугарско, по што следат 10 909 и со српско, 3819 и со хрватско, 2393 и со косовско и 2164 и со албанско државјанство.

Според етничката припадност, најголем дел од граѓаните со двојно државјанство се Македонци – 58,8 проценти, потоа Албанци - 16,04 отсто и Срби – 10,7 проценти.

Пописот беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година.