Се брои ситно до пописот | Северна Македонија | DW | 24.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Се брои ситно до пописот

Од понеделник почнува првата фаза на пописот со која ќе бидат опфатени дијаспората, армијата, дипломатските претставништва, бездомниците и затворениците.

За помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето на населението. Министерот за правда, Бојан Маричиќ утрово бил информиран од Државниот завод за статистика дека подготовките за пописот одат во најдобар ред.

„Тоа што е многу важно е дека „Евростат“ и директно потврди дека Законот за попис и методологијата се во согласност со ЕУ-законодавството, односно највисоките стандарди за спроведување на ваква статистичка операција“, објави на Фејсбук министерот за правда.

Тој смета дека треба да престанат сите деструктивни обиди за саботирање на пописот. „Потребно е да се обединиме и конечно да почнеме заеднички да работиме за доброто на државата. Апелирам сите чинители својата политичка енергија да ја трошат во развојот и просперитетот на земјата. Тоа им го должиме на граѓаните“, порача Маричиќ. 

-повеќе на темата: Еден попис - триста дилеми

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на прес-конференција повтори дека пописот е неопходен на државата. Тој го пренесе ставот на Владата дека секој граѓанин треба да придонесе да се спроведе оваа значајна статистика операција која ќе даде податоци важни за проектирање стратешки планови за натамошен развој на државата.

„Методологијата е дефинирана, сите подготовки се во тек. Од 1 март почнува попишувањето на нерезидентното население, така што она што е извесно е дека оваа статистичка операција ќе се спроведе“, изјави Арсовски. 

АРМ, дипломати, затвореници и бездомници...

Еден месец пред останатите ќе започне попишувањето на неколку категории граѓани – припадниците на армијата, вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, затворениците, бездомниците, како и на дијаспората.

Постапката ќе трае од 1 до 15 март, а ќе ја спроведат триесетина вработени во Државниот завод за статистика. Лицата што се на привремена работа или престој во странство, а имаат живеалиште или престојувалиште во С. Македонија, од 1 до 20 април сами ќе се евидентираат преку апликација којашто ќе биде објавена на веб-страницата на Државниот завод за статистика. Веќе е објавен конкурс со кој се бараат кандидати за реонски попишувачи и реонски инструктори, кои во периодот 1-21 април ќе го спроведуваат попишувањето на терен. „На конкурсот можат да се пријават сите полнолетни државјани на Северна Македонија кои се невработени, кои имаат завршено најмалку средно образование и имаат компјутерски вештини“, велат од ДЗС.

Deutschland Symbolbild Volkszählung

Од 1 март почнува попишувањето на нерезидентното население

Критичен момент

Полноќ помеѓу 31 март и 1 април е критичниот момент за претстојниот попис, а тоа значи дека починатите граѓани и родените бебиња по овој критичен момент нема да влезат во статистиката. Ова го изјави за медиумите директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски. Тој посочи дека семејствата или блиските роднини на починатиот ќе треба да дадат информации за него, но пред да пристигнат попишувачите во нивниот дом.

„Ние имаме критичен момент и ја гледаме состојбата заклучно со тој датум. Ако лицето било живо до тој момент, но починало пред да пристигнат попишувачите, тогаш тоа лице ќе се брои и ние ќе земеме податоци за тој човек. Од друга страна, ако се роди дете по критичниот момент, тогаш тоа бебе нема да влезе во статистиката. Тоа се прави за да се утврди точната состојба до одреден датум. Тој момент е полноќ помеѓу 31 март и 1 април, па сите податоци се собираат само до тој ден“, објаснува Симовски.

-повеќе на темата: Власта се подготвува за попис, опозицијата бара одложување за 2022 година

Тој уверува дека пописот ќе се одвива под строги протоколи. Државниот завод за статистика ќе ги обучува попишувачите за ничие здравје да не биде загрозено, а на дневна основа ќе добиваат информации за ковид-позитивните и самоизолираните граѓани кои треба да се попишуваат. 

Deutschland Ausstellung Angst. Eine deutsche Gefühlslage? im Haus der Geschichte in Bonn

Пописот на целото население ќе се спроведе од 1 до 20 април

Потписи

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ собира граѓански потписи во повеќе градови за поништување на Законот за попис. Како што информираа од партијата, досега собрале над 65 илјади потписи. Тие изминатиов период излегоа со повеќе барања - пописот да биде електронски, се бараше да се набават апарати за земање отпечаток од прст, но се повикуваше и на одложување на пописот за следната година. Од партијата велат дека законот не е европски, иселениците кои се повеќе од една година надвор од Македонија не треба да се попишат, а спорен за нив е и врзаниот потпис. Лицата кои се попишуваат ќе треба да одговорат на 50-60 прашања, а дел од нив се однесуваат на верската и етничката припадност. Токму за нив се крена најголема врева изминатиот период, околу што се кршеа копјата. 

-повеќе на темата: Ќе покаже ли пописот колку луѓе се иселени од Македонија

„Дали има закон за попис каде било во регионот или во Европа во која т.н. најинформирано лице - поим кој нема врска со правото, може да ги даде сите податоци за отсутните, па дури и да ја декларира нивната етничка припадност, иако во сите меѓународни и европски документи само лично може да ја изразите етничката и верската припадност“, вели пратеничката Гордана Силјановска Давкова.

Пописот на целото население ќе се спроведе од 1 до 20 април. Шест месеци потоа, се очекуваат и официјалните резултати и од пописот.