Попис некогаш ќе има, но со поинаков „рецепт“ | Македонија | DW | 07.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попис некогаш ќе има, но со поинаков „рецепт“

Без попис нема ниту релеватна политика во сите општествени сфери, а планирањето во државата е неефикасно. Македонија, по неуспехот на пописот во 2011 година, размислува за промена на методологијата на попишување.

Македонија размислува за напуштање на традиционалниот метод на правење попис. По фијаското во 2011 година, надлежните институции размислуваат за промена на методологијата во обид поефикасно да се дојде до точни и релевантни податоци за населението, домаќинствата и живеалиштата како главна поддршка за анализирање, планирање и одлучување за се` што е поврзано со населението во една земја. Недостигот на овие витални податоци е видлив на терен и им создава потешкотии на статистичарите и останатите кои се приморани да користат други, пред се‘ административни извори на податоци со кои располагаат дел од институциите за демографските, образовните и економските промени кај населението. Ваквите процеси, според надлежните во Државниот завод за статистика, придонесле да се посвети поголемо внимание на податоците и евиденциите и да се планираат, воспоставуваат и развиваат различни видови административни регистри:

„Во таа насока се и размислувањата на Државниот завод за статистика, според кој следниот попис треба да се планира и реализира со напуштање на традиционалниот метод на прибирање податоци (одење на терен и посета на секое живеалиште и домаќинство) и користење на комбиниран метод: административни регистри во комбинација со други извори на податоци или методот на административни регистри и електронско прибирање на дополнителни податоци за населението.

Mazedonien Zensus Statistisches Amt

По фијаското во 2011 година, надлежните институции размислуваат за промена на методологијата

Следниот попис ќе може да се спроведе тогаш кога ќе биде оценето дека имаме добро развиени административни регистри од кои ќе може да се користат одредени податоци за населението, домаќинствата и живеалиштата, а другото да може да се дополнува со други извори на податоци или со дополнителни методи на попишување, на пример спроведување попис само за мал број на прашања за кои нема податоци во расположивите административни регистри. Овој метод за попишување се најавува како главен и за најголем дел од земјите во светот при планирањето на следните пописи на населението и со сигурност ќе остане само мал број на земји кои ќе го користат традиционалниот метод на попишување“, изјави за Дојче веле Благица Новковска, директор на Државниот завод за статистика.

„Капацитет за попис има, но нема политичка волја“

Македонија е единствена земја во Европа и една од малкуте во светот кои немаат направено попис на населението. Последната статистичка операција е изведена во 2002 година. Експертите предупредуваат дека ваквата состојба ги прави нерелевантни политиките во сите општествени сфери и неефикасни планирањата во делот на економскиот развој, образованието, здравството, социјалната заштита, земјоделството, инфраструктурата. Исто така фрла сомнеж и врз релевантноста на избирачкиот список. Претставниците на невладиниот сектор кои во последниот период активно на терен заговараат и лобираат околу нужноста од спроведување на пописот предупредуваат дека статистичката операција не е само етничка бројка:

Zensus in Mazedonien

За да го подготвиме пописот ќе ни биде потребно минимум една година,вели Герасимовски

„Нашата основна цел е да ја поттикнеме јавната дебата и да го засилиме јавниот притисок врз власта за нужноста од спроведување попис на населението во Република Македонија. Пописот не смее да остане заложник на политиката заради која оваа исклучително значајна и обемна статистичка операција пропадна во 2011 година. Свесни сме дека без политичка волја односно политички консензус во власта, во Македонија не може и нема да се организира попис. Пописот го нема во буџетот за оваа година, а го нема ни во програмата на новата Влада. Очигледно, ниту еден партнер во власта не сака пописот да биде спроведен. Од една страна, тие целата оваа статистичка операција ја исполитизираа, ја сведоа на етничко пребројување на населението, а од друга страна, ’бегаат’ од неа затоа што реалноста на бројките веројатно не им одговара на нивните политики. Само фактот дека Светската банка тврди дека од Македонија се иселиле над 400.000 граѓани, а Евростат – дека 230.000 македонски граѓани веќе регулирале престој во некоја од земјите членки на Европската унија, говори дека тие не се подготвени да ја дознаеме вистинската состојба на теренот. Затоа, не станува збор за тоа дали Македонија има капацитет за попис, туку за тоа дека нема никаква политичка волја во власта за негово спроведување“, коментира за Дојче веле Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот.

Дел од експертите предупредуваат дека квалитетните мерења на терен може да се постигнат исклучиво со деполитизиран попис. Стручноста не е проблем, туку политичкиот консензус, смета Дончо Герасимовски, поранешен прв човек на Државниот завод за статистика:

„Проблемот е дали ќе се најде политички консензус, а има и дополнителен проблем во однос на етничкиот состав и вработеност. Меѓутоа за да го подготвиме пописот ќе ни биде потребно минимум една година. Законската процедура согласно законот за попис налага тој да биде подготвен шест месеци пред и по пописот не треба да се вршат одредени активност околу територијалната поделба, население. Значи ние сега да почнеме не можеме до крајот на 2015 година да го реализираме пописот за кој потребата е голема. Сакаме стручен релевантен квалитетен попис за спроведување како и што го правиме. Тој е обемен и прибира големи податоци за планирање на иднината. А не како што сега правиме со податоци стари повеќе од 12 години кои се проблематични во сите сфери“, коментира Герасимовски.

Deutschland Symbolbild Volkszählung

Статистичарите тековно ги следат и активно се вклучени на меѓународно ниво во подготовката на методолошките основи за попишувањето на населението, тврди Новковска

Заводот за статистика е подготвен

Ако е за утеха - иако нема политичка волја, во делот на стручноста земјата е подготвена за спроведување попис:

„Од методолошки и стручен аспект Државниот завод за статистика бил и е подготвен за реализирање на вакви сеопфатни и обемни активности. Потврда за тоа е што претставници на Заводот веќе втора година активно учествуваат во работна група на UNECE која работи на подготовка на методолошките основи за спроведувањето на пописите околу 2020 година, во делот на методологијата која се однесува на миграциите. Тоа значи дека статистичарите тековно ги следат и активно се вклучени на меѓународно ниво во подготовката на методолошките основи за попишувањето на населението. Но истовремено, на национално ниво, ги следат и поддржуваат и интензивните активности кои веќе се одвиваат за позабрзан развој на повеќе веќе воспоставени административни регистри, но и за воспоставување на некои нови регистри. Сите овие регистри треба да бидат главната поддршка при спроведувањето на следниот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија“, коментира директорката на Државниот завод, Новковска.

По Втората светска војна во Македонија се реализирани вкупно девет пописи: 1948, 1953, 1961,1971, 1981,1991,1994, 2002 и последниот во 2011 кој не заврши целосно, иако траеше десетина денови. Операцијата заврши со оставка на сите членови на Државната пописна комисија, со реакции дека се подготвува фалсификат. Деталите сепак останаа неразјаснети, исто како и дилемата - колку од одобрените 14 милиони евра во буџетот за спроведување на пописот беа потрошени.

Реклама