Помош! Јавниот сервис ме дезинформира | Свет | DW | 30.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Помош! Јавниот сервис ме дезинформира

Еден Полјак одлучи да го тужи јавниот сервис во својата земја затоа што смета дека тој манипулира со информациите и со тоа го повредува неговото достоинство. Случајот предизвика големо внимание.

„Можам да се сомневам само во професионалноста на судијата“, изјави Валдемар Садовски, неколку минути откако беше донесена пресудата. Тој го тужеше полскиот јавен сервис ТВП. Сервисот, аргументираше Садовски, го повредувал неговото достоинство, затоа што манипулирал со информациите во своите информативни програми. Пресудата на судот во Варшава беше јасна: Судијата ја отфрли тужбата во вторникот по сите точки. Достоинството на тужителот не било повредено, се наведува во пресудата, затоа што не бил директно споменат во програмата.

Во изминативе недели случајот стана актуелен: Градоначалникот на Гдањск Павел Адамович беше убиен на јавна сцена. Убиецот призна дека тоа било одмазда кон опозицискиот политичар. Оттогаш во Полска се дискутира дали и поларизирачкото известување на јавниот сервис носи вина за убиството. Критичарите на владата сметаат дека ТВП сноси дел од вината. Тие обвинуваат дека телевизијата шири омраза против опозицијата и не дозволува критики против власта. По смртта на градоначалникот на Гдањск, секое утро десетици демонстранти протестираат пред централата на ТВП во Варшава.

„Адамович е еден од примерите за омразата која се шири преку јавните сервиси“, смета и Садовски. Овој дипломиран правник и бизнисмен, на сервисот Јутјуб ги прегледувал прилозите на ТВП во кои бил напаѓан Адамович. „Еден прилог беше конгломерат на неповрзани вести. Во првата половина се тематизираше новиот Совет за странци кој го оформи Адамович, а во втората беше прикажан архивски материјал за наводна корумпираност на Адамович“.

Polen Gedenken an Danziger Bürgermeister (picture-alliance/dpa/O. Marques)

Комеморација за убиениот градоначалник на Гдањск, Адамович

Според Садовски, ваквите прилози ги индоктринираат гледачите, а со тоа го повредуваат нивното достоинство. Затоа се одлучил на тужба.

Владина контрола врз јавниот сервис

Фактот дека владата влијае врз јавниот сервис во Полска, не е ништо ново. Порано беше само малку посуптилно. До крајот на 2015 година, членовите на Советите на јавниот сервис ги бираа претседателот и парламентот. Во декември 2015, национал-конзервативната ПиС донесе нов закон за медиуми. Оттогаш владин министер одлучува за пополнување на позициите во контролните гремиуми на јавниот сервис. Од јануари 2016 година на чело на ТВП е политичар на ПиС. Некои новинари беа отпуштени, други доброволно си заминаа во приватниот сектор.

Затоа, во август 2017 година, Садовски одлучи да тужи. Повод беше една студија на Универзитетот во Варшава во која се анализираа вестите на ТВП, ТВН и Полсат. Заклучокот гласеше дека ТВП не ги исполнува законски утврдените стандарди: „Плурализам, избалансираност и непристрасност, како и иновативност, висок квалитет и интегритет“.

„Тогаш знаев дека постојат објективни показатели, и дека тоа не е само мое лично мислење“, вели Садовски.
Садовски се повикува на членовите 30 и 31 од Уставот, кои ги гарантираат слободата и достоинството на граѓаните. Адвокатот на ТВП Бартомолеј Браун во целост ги отфрли наводите на тужбата. Тој тврдеше дека ТВП никогаш не објавила ништо за Садовски, па оттука не можела ниту да го повреди неговото достоинство.
Но, Садовски не делува многу разочарано од поразот пред судот. „За мене овој случај има интелектуален карактер“, објаснува тој.

„Доколку победам, тоа ќе ги научи Полјаците нешто за нивниот Устав и истовремено ќе ја стави ТВП под притисок. Правото ќе им ги засили позициите на луѓето кои протестираат пред зградата на ТВП“. Затоа, тој сега планира да продолжи понатаму. Ќе вложи жалба на пресудата, а доколку и тоа не успее, ќе се жали пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

DW.COM

Реклама