Поморска инвазија на Словенија? | Свет | DW | 10.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Поморска инвазија на Словенија?

Иако хрватскиот воен ветеран Петар Јањиќ Тромблон ретерираше и за 3 февруари најави мирољубива протестно-комеморативна регата во Пиранскиот залив, од Словенија предупредуваат од „хрватска поморска инвазија“.

Воениот ветеран и пензиониран полковник на Хрватската војска значително ја ублажи својата реторика. Наместо најавениот конвој од стотина хрватски бродови кон Пиранскиот залив, Петар Јањиќ Тромблон за 3 февруари најави „регата за разум“. Но и покрај тоа, во Словенија и натаму реaгираат бурно и акцијата на Јањиќ ја нарекуваат „поморска инвазија на Словенија“. Јањиќ минатата недела на премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ му даде 78 часа да го реши проблемот во Пиранскиот залив или во спротивно тоа ќе го стори тој со својот конвој. А потоа, спроти истекот на ултиматумот во саботата, тој го продолжи рокот до понеделник.

Премиерот Пленковиќ не реагираше на провокацијата на Јањиќ, но го прокоментира сличниот повик на европратеничката Ружа Томашиќ во Пиранскиот залив да испрати војска и полиција, порачувајќи дека Хрватска нема да војува со Словенците. „Да бидеме реални - да скијаме“, опуштено рече Пленковиќ. Се чини дека и неговите соработници го одработија своето, бидејќи Јањиќ во меѓувреме ретерираше. По истекот и на вториот ултиматум првобитно воинствениот Јањиќ стана помирољубив, објавувајќи дека конвој кон Пиранскиот залив би бил премногу опасен и прескап.

Повеќе на темата:

-Југословенското наследство ѝ носи на ЕУ нови непријатности

-Граничен спор: Словенија и Хрватска одат кон судир

-Арбитража: Во Хрватска лути, во Словенија незадоволни

Демонстранти со платена влезница

Затоа Јањиќ одлучи да организира „Регата на разум“, во која би требало да учествуваат три поголеми туристички бродови. Тие би требало да допловат до средишната црта во заливот, каде во морето ќе бидат спуштени венци за загинатите хрватски бранители. Сите учесници во регатата (бранители, рибари, па дури и навивачки групи) ќе мора да платат влезница од 50 куни.

Јањиќ притоа децидно истакна дека не станува збор за повик за насилство, туку за повик за разум. Сепак, тој ја предупреди словенечката полиција да не ја попречува акцијата, или во спротивно ќе сноси одговорност за несаканите случувања.

Иницијативата на Тромблон предизвика бурни реакции на социјалните мрежи во Словенија, а медиумите ги цитираат неговите зборови дека акцијата е апсолутно поддржана и од хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ. На опасноста од нови инциденти и национализам спроти состанокот со претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер предупреди и словенечкиот претседател Борут Пахор. Љубљанскиот весник Дело потсетува на сличните акции во Пиранскиот залив во 2009 година, кои ги иницираше тогашната новинарка на ХТВ, Бранка Шепаровиќ. Акцијата во која учествуваа 50-тина бродови беше насочена против арбитражниот договор.

Kroatien Präsidentin Kolinda Grabar-Kitarovic (Reuters/D. Sagolj)

Колинда Грабар Китаровиќ

„Политизација врз националистичка основа“

Најсериозна реакција на најавената регата на Јањиќ пристигна од европратеникот и поранешен словенечки премиер Алојз Петерле, кој во писмото до лидерите на главните европски институции порачува дека почитувањето на меѓународното право е подобро од поморска инвазија на Словенија. Тој притоа предупредува дека Европската комисија мора да реагира, бидејќи во спротивно е можно отворање на Пандорината кутија на Балканот.

Петерле во писмото уште истакнува дека во Хрватска, половина година по објавата на арбитражната одлука, дошло до нова политизација врз националистичка основа. Во изјава за Словенечката елевизија Петерле дополнително објасни дека доаѓањето на хрватски бродови до средишната црта на Пиранскиот залив ќе претставува инвазија, бидејќи според арбитражната одлука тој дел од заливот ѝ припаднал на Словенија.

„Егзотични типови“

Словенечкиот колумнист и професор по социјална и политичка психологија Владо Михељак забележува дека „бизарните спорови“ како хрватско-словенечкиот за Пиранскиот залив по правило привлекуваат егзотични типови и од едната и од другата страна. „Такви случаи сензибилизираат личности, кои реагираат неконвенционално, без оглед дали станува збор за Јошко Јорас на словенечката или ветеранот Јахиќ на хрватската страна. Станува збор за луѓе кои живеат или од сеќавања или од будалаштини“, смета Михељак. Тој притоа нагласува дека најголемиот проблем на хрватско-словенечките односи не се таквите „егзотични типови“.

Vlado Miheljak Kolumnist und Professor in Slowenien (DW/D. Romac)

Владо Михељак

„Тие не ги закомпликуваа односите, а особено тие не можат ниту да ги решат. Проблем е што зад кулисите кои создаваат такви типови постои сериозен проблем, а тој проблем секако не е проблемот на нерешената граници, бидејќи тоа всушност и не е сериозен проблем. Најголем проблем во односите е неспособноста на политиката. Дури мислам дека политичарите на едната и на другата страна - иако не сум поддржувач на теории на заговор - многу добро живеат од нерешавањето на граничниот проблем“, вели угледниот словенечки аналитичар.

За неспособноста на политичарите, според него, сведочат бројните досегашни неуспешни обиди на претставниците на двете држави да го решат проблемот. Како што гледаме, заклучува Михељак, политичарите овде се наш најголем проблем, а не егзотични типови, како што се Јањиќ или Јорас.

DW.COM