Полска и Италија: десничарска алијанса пред ЕУ-изборите | Свет | DW | 09.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Полска и Италија: десничарска алијанса пред ЕУ-изборите

Италијанскиот вицепремиер Салвини денеска се среќава со шефот на ПиС, Качински во Полска. Она што ги поврзува се социјалните ветувања и визија за една Европа без бегалци. Од Варшава, Моника Ширацка

Средбата меѓу италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини со првиот човек на ПиС, Јарослав Качински во Полска е зајакнување на десничарските алијанси кои веќе постојат во Европа. Со години главната идеологија на национал-конзервативната полска партија „Право и правда" ја следи онаа на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Двајцата одбиваат прием на мигранти и зборувајќи дека тие се наводна опасност за традиционалните христијански вредности.

Со доаѓањето на власт во Рим на коалиционата влада на Лега Норд и движењето Пет ѕвезди, пролетта 2018 година популистичките сили во Источна Европа добија нови сојузници. На една средба во август 2018 година во Милано, Матео Салвини го пофали унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговиот план за поставување на бодликава ограда на унгарско-српската и унграрско-хрватската граница. За Орбан, лидерот на десно-популистичката Лега Норд важи за „херој и партнер" бидејќи ги спречува мигрантите преку Средоземното море да влезат во Италија. Од десничарската италијанска влада можеше да се слушне и тезата дека миграните ќе донесат болести во Европа. Ваквите тврдења Јарослав Качински во голема мера ги користеше како главна тема во својата предизборна кампања уште пред четири години. Италијанскиот премиер Џузепе Конте најде заеднички јазик и со чешкиот колега Андреј Бабиш, кој на своите сонародници им вети дека нема да преземе бегалци со што ќе ги „одбрани европските цивилизациски вредности".

Социјалната агенда на десничарите

Покрај ксенофобијата националистички ориентираните популисти во Италија и Полска ги спојуваат и големи социјални ветувања. Ваквата социјална агенда им донесе и победа на изборите. Во Полска за првпат воведениот месечен детски додаток се смета за предводник на социјалната политика на националконзервативците. Дополнително намалена е старосната граница за пензионирање и воведена е државна помош за станови за млади парови. Во моментов во Варшава се разговара и за дополнителна помош за пензионерите. Благодарејќи на добрата економска ситуација во Полска, вакви проекти со кои граѓаните ќе добијат повеќе пари во џебот, може лесно да се спроведат. Со фокус на социјалните прогами ПиС ги презема традиционалните политички теми на слабите левичарски партии.

Заедно против ЕУ

И италијанските десничари имаат социјална агенда: во перизборната кампања најавија воведување на основен доход и пониска граница за пензионирање, која Рим сака да ја спроведе со зголемување на државниот дефицит. Со оглед на тоа дека Европската комисија се заканува со постапка против дефицит, по неколку месечни натегања десните популисти конечно попуштија во декември 2018 година. Анти-европската реторика на Италијаните во оваа дебата беше позитивно коментирана во про-владините полски медиуми, бидејќи е слична на тврдата позиција на Варшава во спорот со Брисел околу реформите во полското правосудство. Во двата случаи се протестира против „диктатот од Брисел". При тоа Полска се покажа помалку попустлива од Италија, бидејќи Варшава продолжува систематски да ги спроведува контроверзните судски реформи, и покрај сите критики.

На ПиС му е потребен успех

Внатрешно политички, идеолошката поддршка од Италија доаѓа во вистинско време за полската ПиС, бидејќи итно и е потребен успех. Партијата се најде под голем притисок по еден голем корупциски скандал во највисоките финансиски власти во Полска. Според медиумските извештаи, шефот на Комисијата за финансиска супервизија (КНФ), Марек Крзановски, сакал да спаси од колапс сопственик на една банка, но финансискиот советник кој го препорачал требало да добие огромна сума пари. Шефот на КНФ си даде оставка, но тоа беше само почеток на најголемиот скандал до сега од доаѓањето на власт на ПиС.

КНФ во ова била поддржана од Адам Глапински, шефот на Националната банка, пишува либералниот Газета Виборка. Глапински, кој важи за човек од доверба на шефот на ПиС, Јарослав Качински, оттогаш бара сите написи на оваа тема да бидат избришани од интернет, а на новинарите им се заканува со тужба. Сега тој е на ставен „на тапет" и мора да објаснува и да се брани поради неосновано високите плати на неговите вработени. Еден државен службеник да заработува над 15.000 евра месечно не поминува добро ни во ПиС, ниту пак се совпаѓа со посакуваниот социјален имиџ кој владеачката партија го носи во името „Право и правда."

Радикалите станаа општествено прифатливи

Во 2019 нема да се одржат само Европски избори, туку и парламентарни избори во Полска. Секако според анкетите ПиС води, но зголемена е загриженоста за нивниот имиџ и борбата за нови гласови. Заради тоа маргинализираните радикални националисти станаа општествено прифатливи. Неодамна владата заедно со нив ја славеше 100 годишнината од независноста на Полска. Неделава еден ксенофобичен 28 годишен пратеник од радикалниот националистички табор беше избран за државен секретар во Министерството за дигитализација. Со оглед на тоа дека е познат по неговите про-руски ставови тоа предизвика бура реакции во Полска. Се чини на ПиС ова не и пречи и покрај нивната официјална анти-руска реторика, исто како што не и пречат ни про-руските симпатии на Виктор Орбан и Матео Салвини.

Кога европски политичари како италијанскиот вицепремиер одат на „аџилак“ во Варшава, Јарослав Качински може само да си честита самиот себе си. Полската ПиС и унгарската партија Фидеш со години се гледаат како предводници на една Европа со силни нации, кои заедно ќе настапат против „диктатот од Брисел". Внатрешно-политички, новата италијанско – полска алијанса е доказ за важната улога на Полска во Европа. На европско ниво тоа е една нова коалиција на десничарски популисти кои сакаат да ги консолидираат своите сили пред предстојните избори во ЕУ.

 

DW.COM

Реклама