Полска: Зелено светло за изградба на ѕид на границата со Белорусија | Свет | DW | 30.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Полска: Зелено светло за изградба на ѕид на границата со Белорусија

Полскиот парламент одобри изградба на трајно утврдување на границата со Белорусија. Сѐ повеќе мигранти сакаат оттаму да стигнат во ЕУ.

Во август годинава полските војници започнаа со изградба на привремена ограда на границата кон Белорусија

Во август годинава полските војници започнаа со изградба на привремена ограда на границата кон Белорусија

Полскиот парламент одобри во петокот да се изгради ѕид на границата со Белорусија како одговор на зголемениот прилив на мигранти, главно од Блискиот исток.

Законот беше усвоен пред две недели од Сејмот, првиот дом на полскиот парламент. Потоа отиде во Сенатот кој го усвои синоќа. За стапување во сила сега е потребен потпис на претседателот Анджеј Дуда, кој веќе најави оти тоа ќе го стори во наредните денови.

Конзервативната влада во Варшава реагира на зголемениот прилив на мигранти на надворешната граница на ЕУ со проектот кој ќе чини околу 353 милиони евра. Граничниот ѕид треба да биде долг над 100 километри и висок 2,5 метри.

Бегалци од Ирак опкружени од полски полицајци и граничари на полско-белоруската граница

Бегалци од Ирак опкружени од полски полицајци и граничари на полско-белоруската граница

Полската влада го обвинува белорускиот лидер Александар Лукашенко дека организирано испраќа мигранти и бегалци од кризните подрачја на надворешната граница со ЕУ. На крајот на мај, како одговор на построгите санкции на Западот против неговиот режим. Лукашенко најави дека нема да им пречи на мигрантите во својата земја на патот кон земјите од ЕУ.

Некои мигранти главно од Ирак и од Сирија, починаа од исцрпеност во близина на границата меѓу Полска и Белорусија, која е долга над 400 километри  и минува низ шума, мочуришно подрачје и по должината на реката Буг.  Полска подигна привремена ограда со бодликава жица кон Белорусија и таму испрати илјадници војници и полицајци, но мерките не успејаа да го запрат приливот на мигранти, иако граничарите имаат, според новиот полски закон, овластување веднаш да ги враќаат мигрантите назад преку границата.