Полицијата во Хонгконг првпат употреби оружје против демонстрантите | Свет | DW | 26.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Полицијата во Хонгконг првпат употреби оружје против демонстрантите

Полицијата во Хонгконг ја оправдува употребата на водени топови и солзавец како нужно средство против „екстремно насилните демонстранти“. Полицаец пукал од службен пиштол - прва употреба на вистинско оружје на протестите

Полицијата во Хонгконг соопшти дека вчерашната масивна употреба на сила била неопходна за да се запрат насилните демонстранти. Еден полицаец паднал под ударите на група демонстранти и наоѓајќи се во животна опасност, испалил предупредувачки куршум, се вели во полициското соопштение. Постапката е на удар на огромна критика на социјалните мрежи. Полицијата тврди дека во насилствата на викендот се повредени 15 припадници на безбедноста, а се уапсени десетици демонстранти.

На викендот илјадници луѓе повторно излегоа на улиците на Хонгконг за да демонстрираат против управата на градот и влијанието на кинеската политика. На крајот на мирните демонстрации повторно дојде до насилство, кое овојпат достигна нов степен. Радикалните демонстранти и полицијата влегоа во жестоки пресметки. Група демонстранти фрлаа камења и молотови коктели, одреден број ги нападнаа директно полицајците со безбол палки. Првпат од почетокот на протестите на почетокот на јуни, еден полицаец испали предупредувачки куршум од својот службен пиштол за да ги запре демонстрантите. Инцидентот е снимен од една репортерка на „Утрински весник на Јужна Кина“ и може да се види и чуе.

Полицијата на Хонгконг првпат употреби водени топови против учесниците на протестите, поточно против оние кои по одобрената и мирно протечена демонстрација, во квартот Цуен Ван подигнаа барикади.

Повеќе: 
„Џганот во Хонгконг“- кинески поглед на демократските протести

Цената на воена интервенција во Хонгконг

Кина ги влече конците во Хонгконг

Фронтовите во Хонгконг се заострени. Полицијата ги обвинува радикалните демонстранти дека се одговорни за ескалацијата на насилство. Антивладините демонстранти пак ја обвинуваат полицијата за прекумерна употреба на сила, поткрепувајќи ги тврдењата со видео-снимки од вчерашен протест. На нив се гледа како полицајците држат уапсен демонстрант за рацете и го влечат преку улицата. Човекот е очигледно беспомошен во ситуацијата, на нозете веќе нема чевли и неговото тело е полуголо. Двајца полицајци го влечат преку асфалтот и го удираат со гумени палки. 

Но, без оглед на ваквите слики, најголем дел од протестите во саботата и неделата во Хонгконг поминаа мирно. Во нив учествуваа луѓе од сите општествени слоеви со различни акции на отпор против управата на градот. На пример, беше организиран мал протестен марш на писатели и автори, кои поминаа низ градскиот центар, а еден од организаторите беше Тами Хо, претседател на Пен-клубот на Хонгконг, кој истакна:

„И други групи професии изминатите недели организираа протести, па сметавме дека тоа треба да го направат и писателите.“

Градоначалничката на Хонгконг, Кери Лам, соопшти дека на викендот се сретнала со 19 претставници од политиката и стопанството за да разговара околу наоѓањето излез од политичката криза во кинеската специјална управна зона. Весникот „Утрински весник на Јужна Кина“ од Хонгконг известува дека повеќемина од учесниците на средбата побарале од Кери Лам да направи отстапки кон демонстрантите. Тие ја советуваат Лам целосно да го повлече спорниот закон за екстрадиција на криминални лица во Кина, како и да организира независна истрага за употребата на полициска сила на протестите во изминатите недели. 

DW.COM

Реклама