Полицаец од Гошинце хоспитализиран, инцидентот „монтиран“ и инструментализиран!? | Северна Македонија | DW | 21.04.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Полицаец од Гошинце хоспитализиран, инцидентот „монтиран“ и инструментализиран!?

Жители од Липковскиот регион велат дека не се изненадени од инцидентот, бидејќи речиси цел месец во тој реон „се движела група и вршела одредени притисоци“.

„Состојбата во општина Липково е мирна“, вели градоначалникот Садула Дураку, чија канцеларија се наоѓа на 10 километри од Гошинце, односно на 20 километри од полициска станица која рано утрово, според МВР, била нападната од 40-тина лица во маскирани униформи на УЧК, а четворицата дежурни полицајци - врзани и потоа избркани.

„Добро е што состојбата е мирна. Засега нема никаква вознемиреност, но факт е и дека многу од граѓаните се уште не знаат што се случило. Генерално, во целиот изминат период состојбата на ова подрачје беше мирна и без никакви инциденти досега“, вели Дураку, нагласувајќи дека сите информации треба да се бараат од полицијата, бидејќи тој нема никакви сознанија за настанот.

Патот кон полициската станица е блокиран за новинарските екипи, но од утрото досега кон кризната локација постојано се движат и се враќаат бројни полициски едници, како што велат локалните жители, „во конвој, со панцири, маски и полна опрема“.

Спротивно од тврдењето на градоначалникот, за нив не е изнендување ова што се случило, бидејќи речиси цел месец во тој реон „се движела поголема непозната група и вршела одредени притисоци“. Слични информации обелоденуваат и поранешни команданти на ОНА од липковскиот крај, кои денес се маргинализирани, отфрлени и без никаква можност за ресоцијализација и интеграција во системот. Тие тврдат дека целиот настан е „местенка“ од страна на владејачките елити, со цел да го оттргнат вниманието од скандалите во кои се вмешани, а ги обелоденува опозицијата преку т.н. „бомби“.

Освен зголемени полициски сили кон Гошинце, видливо е зголемено присуство на полицијата и во општината Куманово. Претпладнево во тамошната болница му била укажана помош на Маријан Величковиќ, еден од четирите полицајци, кој се здобил со повреди од тешко физичко малтретирање при преземањето на полициската станица од страна на вооружената група. Засега нема информација дали е задржан или пуштен на домашно лекување.

Иванов повторно молчи

Дали инцидентот во Гошинце е последица од длабоката политичка криза или на „ладни проби“ за дефокусирање на вниманието од опозициските „бомби“? Владејачката ВМРО-ДПМНЕ молчи, во ДУИ „се консултираат“, а шефот на државата Ѓорѓе Иванов не одговори на прашањето на Дојче веле, дали овој инцидент ќе иницира потреба од одржување на седница на националниот Совет за безбедност.

Безбедносните експерти во недостиг на целосни информации за мотивите на нападот на полициската станица, не сакаат јавно да даваат оценки за безбедносните аспекти и за контекстуализација на овој случај во рамките на актуелната политичка криза. Сепак, дел од нив стравуваат дека вакви инциденти „може да ја внесат Македонија во уште поголем хаос на меѓусебни обвинувања (blame game) меѓу ВМРO-ДПМНЕ и СДСМ“. Според нив, „целата ситуација води и кон создавање основа за интернационализација на македонските оригинарено внатрешни проблеми, како единствен начин меѓународната заедница посериозно да почне да се занимава со кризата во Македонија“.

Според аналитичарот Артан Садику, инцидентот во Гошинце мора да се гледа преку контекстот во Македонија, особено од почетокот на годината до денес.

„Оваа година е најмирна на меѓуетнички план и за разлика од 2014 година, од јануари до денес не сме имале ниеден меѓуетнички инцидент. Појавата на ваков чин не кореспондира со никаков тек на каква било етничка ескалација. Но, имајќи ги предвид другите случувања, а тоа е потполното делегитимирање на власта на ВМРО-ДПМНЕ и ескалацијата на политичката криза, можеме да заклучиме дека инцидентот во Гошинце е резултат на таа ескалација, што значи тој е продукт на одреден обид за преместување на теренот на ескалација. Од друга страна, во 2015 година се случи масовно мобилизирање на граѓаните надвор од етничките линии на поделба. Почнаа студентите, па хонорарците, наставниците, сега и средношколците, што покажува дека етничките поделби не се ни блиску до клучните 'приоритети' на граѓаните. Таквиот развој не им оди во прилог на политичките елити, кои секогаш се користеле со креирање на етнички тензии за да спроведат катастрофални социо-економски политики и да зграбат од народниот буџет. Реакциите на јавноста, особено на социјалните мрежи укажува дека таа игра е одамна прочитана и дека граѓаните имаат сенс многу вешто да ги исмејат таквите обиди на одредени групи со мрачни интереси“, оценува Садику.

Коинциденции или...?

Времето кога е извршен нападот врз полициската станица во Гошинце, 2 часот и 30 минути, коинцидира со времето кога пред 14 години беше извршен напад врз полициската станица во Теарце. Нападот, кој исто така беше извршен во 2 часот и 30 минути со два проектила и стана „уверира“ за конфликтната 2001 година, ја однесе првата жртва - полицаецот Момир Стојановски (30), а ранети беа полицајците Лика Јахи, Борче Ѓуровски и Давор Евросимовски, кој почина пред неколку години.

За надминување на ситуации кои можат да ги вратат немилите сцени од блиското минато, со апел денеска се огласи весникот на албански јазик, „Лајм“.

„'Лајм' уште од поодамна најавува за можноста од формирање на вооружени албански структури кои би ја провоцирале полицијата, за да и даде повод да интервенира. За жал, инцидентот кој денеска се случил во село Гошинце, наликува како дел од такво сценарио. Поради ова, жителите на општина Липково треба итно да се организираат и да ги изолираат овие групи, пред евентуалната интервенција на полицијата, бидејќи потоа ќе настане хаос кој тешко дека може да се контролира“, се вели во апелот на „Лајм“.

Весникот ги повикува и државните институции во Косово да не дозволуваат злоупотреба на нивната граница и територија, бидејќи големи се шансите целта на овие групи да е создавање конфликт кој нема да им наштети само на Албанците во Македонија, туку и на имиџот на Косово како држава. Притоа, апелира и до преставниците на меѓународната заедница, да преземат се што е во нивна надлежност, за да не дозволат пред наши оќи да се случи инсцениран конфликт, чија цел може да биде бришење на трагите на валканите пари со човечка крв.

Поради влошената безбедносна ситуација, одложен е фудбалскиот натпревар помеѓу „Шкендија“ и „Вардар“, кој утре требаше да се одигра во Куманово.

Реклама