Политички „штети“ од поплавите
24 август 2010Владата, всушност, треба да им помогне на луѓето, вели еден богат земјопоседник од провинцијата Панџаб кој на својот имот прими двесте бегалци од поплавите. Властите во Пакистан ретко ги исполнуваат ветувањата на претседателот Азиф Али Зардари. Зардари даде ветување дека ќе стори се` за да им помогне на погодените од катастрофата откако се врати од едно продолжено патување во странство чие траење не го скрати поради поплавите. Ова уште повеќе ја продлабочи недовербата на Пакистанците кон политичарите во земјата, смета политичкиот истражувач Тајаб Сидик: „Токму поради ова, мнозинство од Пакистанците би донирале многу помалку за своите сограѓани кои се погодени од поплавите, отколку за време на земјотресот во Кашмир.“
Добриот имиџ на војската се потврди
Од друга страна, добри оценки од граѓаните доби војската. Додека властите се препукуваа околу надлежностите, армијата ги мобилизира сите капацитети и логистика за непречена евакуација и транспорт на средства за основна употреба. „Воените сили беа најефективни во давањето помош за настраданите“, коментира еден полицаец.
Нарушената репутација на и онака слабата влада и добриот имиџ на војската, според многу познавачи, нема да имаат последици за земјата. Моќта во државата, во секој случај, е кај армијата. Освен тоа, мнозинство од истражувачите не веруваат дека исламските екстремисти кои учествуваа во акциите за помош ќе профитираат на политички план. Нивната помош е несистематска и исто толку неодржлива како онаа на власта и граѓанското општество.
Меѓународната заедница пружа помош, опозицијата критикува
Сепак, некои политичари од опозицијата упорно сакаат да се профилираат во јавноста, како на пример, некогашниот шампион во крикет, Имран Кан, кој постојано го подгрева гневот кон странство: „Не видовме ни долар од Западот!“, изјави Кан минатата недела кога повика на поддршка во неговата донаторска акција „Движење за праведност“.
Обединетите нации и други добротворни организации од целиот свет се ангажираат ревносно за помош на погодените подрачја. САД, по воздушен пат, во повеќе наврати пренесоа лекови, шатори и брашно до тешко достапните места на северот од земјата. Политикологот Ајша Сидика смета дека кризата во Пакистан е добра шанса за Западот: „Колку повеќе Западот се ангажира, дотолку повеќе помага да се подобрат односите и да се отстранат било какви недоразбирања.“
Одбивноста, особено кон Америка е цврсто вкоренета во Пакистан. Дали укажаната помош ќе смени нешто, останува да покаже времето.
Автор: Сабина Матај / Далибор Стајиќ
Редактор: Александра Трајковска