Политички земјотрес по брегзит | Свет | DW | 27.06.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Политички земјотрес по брегзит

Нови избори пред истекот на годината, политичка борба за моќ меѓу лабуристите и конзервативците, повици за независност на Шкотска: овој викенд многу Британци ги фати паника.

Со денешната (27.6.) посета на Лондон и на Брисел на шефот на американската дипломатија, Џон Кери, пост брегзит ситуацијата и официјално стана глобална криза. Вашингтон е очигледно загрижен за слогата во западниот свет и стабилноста, како во Велика Британија, така и во Европската унија.

Во- се’ уште - Обединетото кралство деновиве на некој начин изби национална паника. Земјата доживува колективен нервен слом, а младите бесно реагираат против постарите со прашањето: Зошто ни го сторивте тоа?

"

„Ригретзит“ или „брегрет“?

Двата поима со кои се опишува расположението во Велика Британија овој викенд се: „ригретзит“ и „брегрет“. Двата поима опишуваат покајнички чувства по гласањето за брегзит, чии последици воопшто не се разгледуваа. „Тоа е како каење по пијанство. Тогаш човек се замислува наредното утро: што направив?“ Така многу Британци и во меѓувреме ги опишуваат своите чувства, кога ќе погледнат на политичкиот хаос кој ја зафати земјата.

Многумина, истотака, се шокирани, бидејќи дури сега разбираат дека заговарачите на брегзит не можат да ги одржат ветувањата: нема да има стотици милиони во инвестиции во здравствениот систем, емиграцијата нема значително да опадне, нема да има повеќе риба за британските рибари и нема веќе субвенции од Брисел за британските селани. Избирачите веруваа во лагите за подобар живот по ЕУ за време на брегзит кампањата. Враќањето во реалноста, меѓутоа, тешко ги погоди.

Конзервативците ги снема

Од водечките фигури меѓу конзервативците за време на викендот не се слушна ни збор. Земјата остана сама со своите немири. И премиерот Дејвид Камерон молчешкум се затвори во Даунинг стрит. И Борис Џонсон, водечката фигура на брегзит кампањата и потенцијален наследник на премиерот, исчезна. Новинарите, додуша, го најдоа во неделата пред неговата куќа но не кажа ниту збор. Во неделните ток-шоуа, во кои во неделите беше константен гостин, мораа да настапуваат личности од втор план. Тие се држеа до, во меѓувреме, познатите фоскули од референдумската кампања, а на непријатните прашања не сакаа да одговорат: како понатаму? Министерот за надворешни работи, Филип Хемонд, кусо прокоментира дека ќе биде катастрофа доколку Велика Британија го изгуби пазарот во ЕУ. Но, тоа не придонесе за смирување на нервите.

Зад кулисите се одвива целосна борба за моќ на ториевците: Дејвид Камерон сака министерската за внатрешни работи, Тереза Меј, да ја прогласи за противкандидат на Борис Џонсон за местото премиер и за своја наследничка. На тој начин тој сака земјата барем да ја зачува од Џонсон, кога веќе во историјата ќе влезе како некој кој Велика Британија ја изнесе од ЕУ. Тој веќе долго не му верува на својот поранешен сопатник, а посебно не на највисоката функција во земјата. Камерон сега се обидува политичката моќ барем да ја предаде во сигурни разце. Но дали ќе успее во тоа, останува да се види. Бидејќи, Тереза Меј досега во партијата немаше голема поддршка.

Хаос кај Лабуристите

Што се однесува до опозицијата, ситуацијата е малку подобра. Лидерот на Лабуристичката партија (Џереми Корбин) среде ноќ го отпушти својот министер за надворешни работи во сенка Хилари Бен, кој претходно го поддржа предлогот за гласање недоверба на шефот на партијата. Го следеа уште четири пратеници од првите партиски редови. Во меѓувреме речиси половина од владата во сенка на Лабуристите му се приклучат на тој предлог и поднесоа оставки. Противниците го обвинуваат Корбин дека кампањата за „останување“ во ЕУ ја поддржал со половина срце и со тоа придонесол за поразот на референдумот.

И навистина гласачите, пред сѐ оние во традиционалните лабуристички упоришта на северот, во голем број не се обзрнаа на партискиот став и гласаа за излегување од ЕУ. Сѐ уште е неизвесно каков ќе биде исходот на оваа борба за моќ. Тоа би можело да внесе раздор во партијата или во најмала рака да ја ослаби во критично време.

Шкотско вето?

Премиерката на Шкотска Никола Старџен во меѓувреме најави дека ќе ги употреби сите расположиви средства за да спречи Шкотска да мора да ја напушти ЕУ. Стручњаците за уставно право спорат околу тоа дали шкотскиот парламент навистина има моќ да го блокира гласањето во британскиот парламент во Вестминстер. Истото би можело да важи и за регионалниот парламент во Севeрна Ирска. Во овие два региона граѓаните со големо мнозинство гласаа за останување во ЕУ.

Старџен не сака да се откаже а претходно да не се обиду дури и со организирање на нов референдум за независност или со други средства да го осигура останувањето на Шкотска во Унијата. Таа имено веќе воспоставила директен контакт со Брисел.

Наскоро нови избори?

Во меѓувреме се претпоставува дека политичката ситуација е толку експлозивна , така што уште пред крајот на годинава ќе има нови избори. Ниту една од двете големи партии не е подготвена за тоа а ниту еден лидер на партијата или потенцијален кандидат за премиерското место не би бил во состојба да ја обедини длабоко поделената земја.

Покрај тоа се почести се извештаите за ксенофобични испади. На пример, на полски мигранти на вратите од домовите им се лепат пароли исполнети со омраза. Премиерот Камерон денеска за првпат по најавувањето на оставката, преку својата портпаролка остро ги осуди ваквите и сите други расистички испади. Многу Британци се шокирани со лицето, кое го покажува во моментов нивната земја. И полека сваќаат каков земјотрес го потресе нивниот наизглед стабилен остров.

Реклама