1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичар – професија опасна по живот

Астрид Пранге
19 октомври 2021

Убиството на британскиот парламентарец Дејвид Ејмс предизвика шок и запрепастување ширум светот. И повторно фрли светло на еден опасен тренд – зголемување на заканите кон политичарите во светот.

https://p.dw.com/p/41oGJ
UK Leigh-on-Sea | Premierminister Johnson | Trauer im Mordfall David Amess
Британскиот премиер Борис Џонсон оди на комеморација за убиениот пратеник Дејвид Ејмс (16.10.2021)Фотографија: Alberto Pezzali/AP/picture alliance

Смртни закани, пораки со говор на омраза, анонимни повици – во многу земји на политичарите им е неопходна полициска заштита при извршувањето на своите должности. Ова се дел од познатите случаи низ светот во последниве години.

Велика Британија

Парламентарецот од редовите на конзервативците, Девјид Ејмс, е втор британски политичар убиен во последниве пет години. Во јуни 2016 година, во пресрет на референдумот за Брегзит, беше извршен атентат врз пратеничката на лабуристите, Хелен Џоан Кокс, која беше прободена со нож и застрелана од страна на 52-годишен маж за време на средба со граѓани. Тој за време на нападот извикувал „Британија на прво место“.

Großbritannien Tory-Politiker David Amess getötet
Девјид Ејмс е втор британски политичар убиен во последниве пет годиниФотографија: Matrix/imago images

Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател изјави дека пратениците не треба да бидат заплашени од атентатот врз Дејвид Ејмс. Полицијата ќе ја засили безбедноста на пратениците.

„Продолжуваме понатаму. Не смееме да дозволиме ова да нѐ обесхрабри да продолжиме да ѝ служиме на демократијата. Ние сме отворено општество,“ изјави министерката за Би-Би-Си.

Но, стравот е голем. Пратеничката на Лабуристите, Дајен Абот изјави дека идните средби со граѓаните порадо би ги држела зад заштитно стакло. И сестрата на убиената пратеничка Џоан Кокс, Ким Лидбитер, која исто така е пратеничка, за Би-Би-Си изјави дека сопругот ја молел да се откаже од пратеничкиот мандат.

Холандија

Во Холандија политичарите се под закана од организираниот криминал и политичките поделби. Често добиваат мејлови со говор на омраза и закани со смрт. Кон крајот на септември весникот „Де Телеграф“ пишуваше дека премиерот Марк Руте се нашол во визир на „Мокро Мафијата“ (Мароканска мафија). Обезбедувањето на премиерот, кој многу сака да оди со велосипед на работа, е значително засилено. Против мароканската мафија се бореше и истражувачкиот новинар Де Врис. Тој заедно со други клучни сведоци беше убиен во јули годинава, бидејќи сведочеше против нивен наркобос.

Niederlande Mark Rutte auf dem Fahrrad
Обезбедувањето на премиерот Руте, кој многу сака да оди со велосипед на работа, е значително засиленоФотографија: Robin Utrecht/dpa/picture alliance

Во 2002 година беше убиен десничарскиот политичар Пим Фортејн, познат по контроверзни ставови. Тој го прогласи мултикулурното општество за пропаднато и полемизираше против заштита на животните. Кусо пред парламентарните избори во 2002 година, на кои настапи со слоганот „Гласај ме и ќе можеш да си ја носиш бундата од природно крзно“, беше застрелан од активист за заштита на животната средина.

Германија

Германија со години веќе ја тресат низа политички атентати. Во Келн, независната кандидатка Хенриете Рекер, дента пред првпат да биде избрана за градоначалник на градот, на 17 октомври 2015 година беше тешко повредена  од атентатор со десноекстремистичка позадина. Рекер го преживеа атентатот.

Deutschland Prozess Attentat Henriette Tatort
Хенриете Рекер го преживеа антентатот и продолжи со својот политички ангажманФотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Две години подоцна жртва на ваков напад беше градоначалникот на Алтена. Андреас Холштајн, кој беше на позиција од 1999 до 2020 година, на 27 ноември 2017 беше нападнат со нож во сендвичарница од алкохолизиран 56-годишен маж кој бил против прием на бегалци во градот. Напаѓачот го совладале сопственикот на сендвичарницата и неговиот син. Холштајн го преживеа атентатот.

Колку се опасни деснорадикалните мрежи покажува и атентатот со смртоносен исход врз претседателот на округот Касел, Валтер Либке, на 1 јуни 2019. Политичарот на ЦДУ беше застрелан пред неговиот дом од десниот екстремист Штефан Ернст.

Еден месец подоцна, во јули 2019 година, сите градоначалници од цела Германија на затворена средба со претседателот Валтер Штајнмајер му се пожалиле на зголемен број на закани, мејлови со говор на омраза, напади и недоволна полициска заштита.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во 2020 година во Германија биле пријавени 1534 напади врз политичари и членови на партии, што е за 9% повеќе отколку во 2019.

Бразил

Лично обезбедување во Бразил за многу политичари е нормално секојдневие, како на локално, така и на сојузно ниво. Во најголемата латиноамериканска држава, пред претседателските избори во 2018-тата се случија две брутални убиства. На 14 март Мариеле Франко, членка на градскиот совет на Рио де Жанеиро, беше застрелана во нејзиниот автомобил. Политичарката, членка на бразилската „Партија на социјализмот и слободата”, со години се бореше против произволното насилство од полицијата и вонсудските егзекуции. Таа во 2016 година повторно стана член на градскиот совет. Убиството до денес е неразрешено.

Weltspiegel 15.03.2021 | Brasilien Sao Paolo | Jahrestag Mord an Marielle Franco
Сеќавање на Мариеле Франко, членка на градскиот совет на Рио де Жанеиро, која беше застрелана во нејзиниот автомобилФотографија: Amanda Perobelli/REUTERS

Затоа пак извршителот на нападот врз претседателот Жаир Болсонаро веднаш беше уапсен откако на 6 септември 2018-тата, за време на предизборната кампања, му забоде нож во стомакот. Сторителот беше припадник на левицата и рече дека делото го сторил „по божја волја”.

САД

Во САД поделеноста на општеството доведе до насилен потенцијал кај левицата и десницата. Припадничката на Демократите, Габриел Ди Гифордс, на 8 јануари 2011 година беше нападната со огнено оружје во сојузната држава Аризона од страна на 22-годишен маж.

При нападот што се случи за време на јавен настан загинаа шест лица, меѓу кои и деветгодишно девојче. Гифордс по оздравувањето се повлече од политиката и оттогаш се залага за построги закони за оружје.

USA Washington -  Repräsentantenhaus - Paul Ryan bei Verkündung ihres Haushaltsentwurfs
Републиканецот Стив Скалис преживеа (на фотографијата: Скалис со електро-количка оди на гласање во парламентот)Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/J. S. Applewhite

Републиканскиот конгресмен Стив Скалис од Луизијана исто така преживеа политички мотивиран обид за атентат. На 14 јуни 2017 во него беше пукано на безбол турнир.

Сторителот бил припадник на екстремната левица. Скалис важи за поддржувач на Трамп и до денес не ја признава победата на Бајден.