Политиката ќе им пресуди на финансиските зони?! | Македонија | DW | 02.03.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Политиката ќе им пресуди на финансиските зони?!

Дали политичките игри можат да се испречат пред реализацијата на според многумина контроверзниот проект за отворање меѓународни финансиски зони во Македонија?

Се проблематизира ли реализацијата на владината идеја за формирање на меѓународни финансиски зони? Проектот кој таргетира меѓународни финансиски и осигурителни компании за бизнис во Македонија “виси“ во воздух откако на политички терен ДУИ ја проблематизира поддршката на владиниот партнер за уставните измени за чие носење е потребно двотретинско мнозинство во парламентот.

По забелешките и сугестиите од Венецијанската комисија, нацрт амандманите меѓу кои е и оној за формирање на зоните се повлекоа за да се направат измени. Статус кво ситуацијата сепак не ја демотивира Владата која на меѓународна сцена го промовира проектот за финансиските зони за кој ако се суди според изјавите на министерот за финансии Зоран Ставрески веќе има и првичен интерес и тоа од британски инвеститори.

Дали политичките игри можат да му пресудат на според многумина контроверзниот проект засега никој барем јавно не сака да коментира. Од ДУИ велат дека во тек е усогласување на деталите околу амандманскиот пакет по забелешките од Венецијанската комисија, но не кријат дека освен технички постојат и политички причини поради кои процесот е заглавен.

Паралелен финансиски систем?

Во вакви услови не е за чудење што во јавноста се отвораат дилеми околу оправданоста или неоправданоста на проектот. Дали станува збор за финансиска пералница на нечист капитал, или бизнис модел што ќе значи дополнителен извор за поддршка и промоција на македонската економија, се тезите околу експерти и бизнисмени веќе подолг период спорат:

„Мислам дека проектот со финансиските зони не е добар проект, да потсетиме тоа е проект во кој во Македонија паралелно треба да функционираат два финансиски система, еден за сите и еден за оние кои Владата ќе ги избере од странство да имаат привилегиран статус во Македонија. Од мој агол гледано политичката блокада во собранието која ја внесе ДУИ во врска со уставните измени добро се рефлектира на ова прашање затоа што ќе оневозможи да се создадат уставни предуслови за формирање на финансиските зони. Тие сега гледаме како се развиваат работите, се потпираат на искуства кои не постојат, сакаат да се копираат некои држави но не за сите туку само за оние кои ќе влезат. Кулоарите кои обично се добро информирани веќе знаат и за кои од светските финансиски магнати се подготвува да се направи тоа во Македонија за да може на полесен начин да ги остваруваат своите финансиски трансакции. Целата таа приказна не е добра и мислам дека дури и да поминат уставните амандмани во собранието тие одредби треба да отпаднат, но за среќа сега имаме една поинаква политичка состојба и не само помеѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ во врска со уставот, па се надевам дека нема да поминат. Не мислам дека Македонија ќе избере добра солуција доколку направи паралелен финансиски систем еден за домашните физички и правни лица, а друг за странските кои ќе ја третираат земјава како некаква финансиска оф шор зона, тоа не е добро, особено што Македонија се подготвува, безуспешно но се подготвува да биде дел од ЕУ„, коментира универзитетскиот професор Никола Поповски.

Економски и социјални придобивки

Дел од аналитичарите пак предупредуваат дека Македонија ќе загуби доколку евентуално не се создадат услови за реализација на проектот:

„Не знам што се крие зад политичката завеса, но знам кои се придобивките. Она што мене ме интересира како граѓанин е заштитата на суверенитетот на државата, што е побитен од финансискиот дел. Ако дојдат разни финансиски институции да отвораат претставништва со пари и сметки, нивните матични земји ќе гледаат да ја штитат оваа држава, така што тоа во дел ми делува заштитнички на некој начин од разни политички потреси што можат да се случуваат. Инаку самиот проект има економски, социјални, стратешко политички придобивки.

Во буџетот нема да има кој знае колкав директен прилив, но индиректно преку вработувањата, активностите на странските финансиски куќи, банки кои што оттука ќе насочуваат одредени делови на средства и оддовде да се врши таканаречена диспозиција на парите низ светот каде што имаат потреба да инвестираат тие дефинитивно ќе се одрази и врз буџетот. За нас би било интересно да влезат да прават трансакции и на тие трансакции да се плаќа одреден такса или данок, како би се определило тоа ќе видиме. Индиректно тие треба да донесат вработувања, на лица кои би се занимавале со сметководителски финансови работи како адвокати, сметководители, нотари. Би се потвориле нови работни места кои индиректно би придонесувале за буџетот. Исто така ќе има бенефит и во дело на туризмот од луѓето што ќе доаѓаат во зоните“, коментира универзитетскиот професор Томе Неновски.

Клучниот бенефит според Владата е што финансиските зони ќе го подобрат кредибилитетот на државата и ќе отворат нови работни места. Дополнително, што се нудат подобри и поповолни услови за компаниите во споредба со трошоците на пример во Велика Британија или Луксембург. Веќе е одредена и локација на која би се изградила финансиската зона, на дел од просторот на Касарна Илинден во Скопје.

Реклама