Полилатерала и Балканска Шенгенијада | Информации и анализи за Балкан | DW | 01.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Полилатерала и Балканска Шенгенијада

Колкави и да се очекувањата од балканскиот „Мини Шенген“, регионот е сепак далеку од разрешница на минатото за стапнување во иднината. Пишува Арсим Зеколи.

Неодамна објавениот повик на поранешниот Генерален Секретар на ООН Бан Ки Мун за враќање кон мултилатералата во разрешувањето на глобалните предизвици не предизвика поголема дебата во јавноста и моќните глобални фактори. Обидот на поранешниот прв Амбасадор на светот е секако за почит, иако и тој самиот знае дека процутот на мултиатералата е зависно определена од мирнодобието, а не од премрежието. Од Европскиот Концерт на 19 век, преку Лигата на Народи, Обединетите Нации, до Советот на Европа, зародишот на секој мултилатерален проект и институција бил определен од мирнодопскиот период на баланс на силите кои се чувствувале доволно моќни и безбедни да стапат во диалог со реалните или перцепирани ривали. 

Иако засенета, мултилатералата не е заборавена, уште помалку отфрлена. Таа едноставно е ставена во состојба на stand-by очекување на смирувањето на состојбите и реставрација на свеста дека и најкрвавите судири мораат да завршат во детант, диалог, компромис и соработка. Но исто така, таа свест е зависна од сознанието дека мултилатералата во досегашната форма неминовно ќе биде соочена со предизвици на современието и потребата за нејзино реформирање и апдејтирање. Што впрочем веќе и се случува, под напливот на модерните реалности, слични на времето во кои и самата се има родено.

Колку за потсетување, мултилатералата е последната во нишката на латерални еволуции од унилатерализмот и билатерализмот. Нејзиното родно место, Европа, беше природен амбиент за нејзиниот подем по крајот на Наполеоновите војни и последователниот Виенски Конгрес (1815) како прва мултилатерална институција. Која низ времето ќе биде користена како модел за сродните институции, од Лигата на народите, ООН, ИМФ, СБ, НАТО ОБСЕ итн. Парадоксално, гледано од денешна перспектива, златната ера на мултилатерализмот се поклопува со децениите на Студената војна. По која доаѓа до нејзина забрзана ерозија како последица на надмоќта на победниците над комунизмот и одбивањето да се испочитуваат акти и договори склучени во претходниот период. Подемот на Кина, рефакторизацијата на Русија, процутот на регионално моќни центри и кризата на транс-атлантицизмот се чинители кои укажуваат на тоа дека се создава нов простор и потреба за реактуализација на мултилатералата.

Други колумни од авторот:

-Американскиот експеримент на изборен тест

-Договори и Уговори

-Маршал-Трамповиот план

Вклучитено и нејзина адаптација кон новите трендови во меѓународните односи. Како што е појавата на Полилатералата, термин кој го означува вмешателството и учеството на не-државни актери (non-state actors) во меѓународните односи. Засега, единствениот конкретен пример на полилатерала е тнр. „Кимберли процес” (2003г) со цел спречување на трговија со „крвави диаманти” и нивно користење за финансирање на вооружени групи и обиди за подривање на легитимни национални влади. И покрај отворените критики и сомнежи за ефективноста на овој процес, воглавно фокусиран во Африка, тој е сепак првиот таков акт на ефективна еволуција мултилатерализмот  и прифаќање на реалноста на полилатералата. 

Иако сеуште не сосема вклопени во смислата на полилатерализмот, тековната заинтересираност и загриженост за влијанијата на технолошките магнати врз регионалните и глобални политички текови е предвесник на еволуцијата кон полилатералата. Колку за илустрација, можеме да ги наведеме паралелните повици од двете страни на атлантикот за уредување и подобра контрола на Амазон, Фејбук, Гугл, Јутјуб, засилена контрола врз трговијата со наркотици и бело робје, одговорноста на угледните банковни системи во перењето пари и нивната севкупна поврзаност со светот на политиката и влијанието врз меѓународните односи. Силуетата на полилатералата веќе се назира на хоризонтите и преку засилената загриженост на САД за влијанијата на кинеските комуникациски системи, иако засега сеуште под контрола на државниот апарат на Пекинг. Но, како што мултилатералата беше продукт на свеста за комплицираното влијание и поврзаност на трети страни во и врз билатералните односи, така и полилатералата ќе еволуира како реперкусија на новите времиња во кои мултинационалните компании ќе ја наметнуваат сопствената моќ и интерес.

Вториот предизвик за мултилатералата е аморфизацијата на регионализмот, т.е. регионалната соработка. Предизвик кој е поблизок да нашите реалности отсликани низ примерот на тнр. „Мини Балкански Шенген“. Кој е инаку само еден од многуте слични примери на регионални групировки ширум стариот континент, навидум во спротивност со воспоставената визура за обединета Европа во рамките на ЕУ. Најстариот облик на таа регионална соработка е секако Бенелукс, како политичко-економски сојуз на Белгија, Холандија и Луксембург воспоставен во 1948. Нордискиот Совет на Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска датира од 1952г. Следната таква група е Балтичката Асемблеја формирана во 1990 од Латвиа, Литванија, Естонија, кои се исто членки на групацијата Нордик-Балтик Осум. Од поновите формации, прва е ЕУ-Медитеранскиот Клуб на Шпанија, Италија, Португал, Грција, Кипар, Малта, Франција формиран во 2013г. Иницијативата на Трите Мориња е најмасовната групировка формирана во 2015г, со учество на дванаесет држави. Последната на листата, Крајова Групацијата, е формирана во 2015г од Бугарија, Србија, Романија и Грција. На крај, иако не по формална линија, но со осетливо влијание, може да се спомнат и неформалните групировки како Штедливата Четворка (Frugal Four) на Австрија, Шведска, Холандија, Данска, или Длабинската Шесторка (Inner Six) на земјите оснивачки на ЕУ.  

Формирањето на ваквите групации со претежно ЕУ и НАТО земји членки е диктирано од историските искуства, политичко-економски мотиви, географски реалности, јазични сличности и/или етно-религиски блискости. Она што е дискутабилно е перцептираниот диспаритет помеѓу евро-центрирчните мотиви и динамики на зружување во рамките на споделената политика на регионализација на ЕУ и надворешно-спонзорираните иницијативи, како што е Иницијативата на Трите Мориња подржана од САД и Кина.

Од историски аспект, таквите групирања на европскиот континент неминовно потсетуваат на т.н. Сан Франциско Систем (попознат како „чвориште и краци”-‘Hub and Spokes') воспоставен од страна на САД на крај на Втората Светска Војна. При што САД се чвориштето, додека пак Јапан, Јужна Кореја, Филипините, Тајван и Австралија се краците. Системот се состои од политичко-воени и економски обврски помеѓу САД и наведените земји и до ден-денешен е сеуште најдоминантната безбедносна архитектура во Источна Азија. Таквиот систем овозможува да САД -  без никаква видлива поврзаност -  одржуваат асиметрично, но мошне ефективно влијание врз помалите сојузници во регионот, како механизам на превенција на воени судири. Слично како и во односот кон Германија во поствоениот период, рационалноста на Сан Франциско Системот беше диктиран од намерата да се уверат земјите во регионот за безопасноста од возобновување на амбициите на Токио и воедно се обезбеди да Јапан израсне во двигател на економското зајакнување на регионот и превземе водство во мировните операции во Источна Азија. Амбиција на САД која беше спречена од Доктрината на премиерот Јошида Шигеру за домашна реконструкција на економијата, безбедносна зависност на Јапонија од САД и „вечно откажување од војната како суверено право на нацијата”. Иако не секогаш со потполно дефинирана смисла и цел, ваквите групировки се сепак прифатени како реален одраз на регионалните интереси и израз на свеста за лимитите на унилатералноста во современиот свет диктиран од глобалните интереси на суперсилите.

Наведените податоци– напишани во и помеѓу речениците – можат, но не мораат да бидат поврзани со овдешните час еуфорични, час недопечени и најчесто пропагандни согледувања на регионалните групировки. Во конкретниот случај, тоа се однесува на смислата, функцијата и очекувањата од формирањето на Балканскиот Шенген, мотивите на подршката и задршката од партнерите од САД и ЕУ, предностите и поволностите, предизвиците и опасностите за кои недоволно се дискутира во јавноста и уште помалку во парламентите на засегнатите земји. Впечатокот е дека проектот се турка на сила, со убедувања кои се граничат со принуда. Примерите со сличните проекти и искуства, наведени погоре, укажуваат дека нивната успешност е предетерминирана од потврдената самобитност, доброволност и позитивна волја на владите и општествата на земјите членки како гарантори на функционалноста на проектот и со јасно дефинирани очекувања. Нешто што не може да се каже дека го краси домашниот регионален потфат и може да предизвика повеќе напнатост отколку отвореност, посебно во овие времиња на ерозија на мултилатералата и појавата на полилатералата.

Повеќе на темата „Мини Шенген“:

-Има ли Западен Балкан потреба од „Мини Шенген“?

-Мини Шенген: Прв чекор до Балкан без граници

-„Мини-Шенген“: Од геополитичка крстосница до слепа улица?

Колкави и да се очекувањата, регионот е сепак далеку од разрешница на минатото за стапнување кон иднината. Промените во Црна Гора, очекувањето на разрешницата на односите помеѓу Србија и Косово, прашањето на интеграциите на Македонија и Албанија кон ЕУ, се погласните најави за ревизија на Дејтонскиот Договор и тензиите во соседството се политичките прашалници кои треба да бидат разрешени како предуслов за било какво поврзување на регионот во кој – како што укажува примерот со Вучиќ – сеуште тлеат идеите кои ја компромитираат ионака кревката доверба за соработка. Притоа, регионот во кој единствената функционална и профитабилна организираност е онаа на криминалот и клиентелизмот, треба да се замисли над опасноста, мотивот за негово поврзување да не заврши како пазар на поинакви сили  и фактори со дијаметрално спротивни аспирации од оние на сегашните подржувачи. Земјите од регионот се веќе навикнати на чекање за членство во ЕУ или НАТО. Токму таквото членство може да биде поттик за ефектуирање на замислата во рамките на ЕУ, слично како и со останатите регионални групировки. Во спротивно, извесно е дека позитивната замисла за „Мини Шенген“ за европски модел на соработка ќе деградира во уште попежоративен облик на Макси Балкан, територија на граница помеѓу светови.

Поврзана содржина

Реклама