„Позициите на Белград и Приштина уште се оддалечени“ | Свет | DW | 16.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Позициите на Белград и Приштина уште се оддалечени“

Белград и Приштина мораат сами да се договорат околу темите кои се на маса и решенијата, вели за ДВ европратеникот Дејвид Мекалистер, ЕУ ќе зачува стриктно посредничка улога.

По речиси две години затишје, добро е што претставниците на Белград и на Приштина повторно разговараат, но не треба да се очекуваат брзи решенија, вели за Дојче веле претседателот на Надворешнополитичкиот одбор на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.

„Овој состанок на највисоко ниво може да биде само почеток на нормализацијата на односите", наведува Мекалистер за состанокот на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти денеска во Брисел.

„Позициите се многу оддалечени и сега е неопходно двете страни да покажат политичка волја и ангажман", додава Мекалистер.

ЕУ е само посредник

Тој истакнува дека во интерес на ЕУ е да поттикнува разговори и да ги поврзува со „јасна перспектива за пристапување кон ЕУ". 

„Нерешената ситуација меѓу Србија и Косово останува потенцијален фактор за дестабилизација на цел Западен Балкан, а со тоа и за цела Европа е од политичка и посебно безбедносна важност", вели Мекалистер.

Повеќе:

Србија и Косово - нов почеток или стара приказна?

Нов обид за дијалог на Србија и Косово

Тачи се надеваше дека Вашингтон ќе го спаси

Размена на територии - опасен погрешен пат

Овој бивш премиер на германската сојузна покраина Долна Саксонија и известувач на Европскиот парламент за Србија додава дека Белград и Приштина мора да се спогодат окоу темите кои ќе бидат на маса и околу решенијата.

„ЕУ ќе чува стриктно посредничка улога. Му оддавам високо признание на специјалниот пратеник Мирослав Лајчак зашто му успеа, покрај иницијативата на Франција и Германија, повторно да ги доведе двете страни на преговарачка маса."

Мекалистер потсетува дека Брисел го поздрави укинувањето на косовските царини за увоз на стока од Србија и БиХ, „зашто тоа беше услов да ги вратиме двете страни на преговори. Во тој поглед одлуката на премиерот Хоти заслужува признание."

Несогласувања со САД

На прашањето за идејата околу размена на територии, Мекалистер одговара дека резултатот мора да биде „согласност на две страни", а дека „косовската страна категорички исклучи можност размената на територии да се најде на агендата."

Германскиот политичар наведува дека „американските посреднички активности" меѓу Србија и Косово не биле на таков начин договорени со ЕУ. Според зборовите на Мекалистер, вратата за европско-американската соработка во решавање на косовското прашање останува отворена „доколку се поклопуваат интересите." Но, дијалогот меѓу Србија и Косово го водеше ЕУ и таа и ќе го води и натаму.

На прашањето на новинарот на Дојче веле зошто нема и натаму визна либерализација за граѓаните на Косово, Мекалистер потсетува дека Европскиот парламент со убедливо мнозинство се изјасни за либерализација. „За жал, има држави-членки на ЕУ кои продолжуваат да ја блокираат одлуката и затоа можам да го разберам разочарувањето на Косово."

„Отсекогаш сметав дека кога ЕУ поставува барања и нашите партнери ги исполнат, тогаш ние мораме заради нашата веродостојност да го исполниме нашиот дел од договорот", заклучува Дејвид Мекалистер.

Реклама