1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Поезијата разместува кандилца со светлина во мракот“

Свето Тоевски21 март 2012

Новите поетски гласови во РМ творат силна и оригинална поезија на македонски јазик, како во времето на Рацин и Конески, оценуваат истакнати поети по повод 21 март, Светски ден на поезијата.

https://p.dw.com/p/14OMk
Фотографија: Fotolia/Alcerreca

Поетесата Лидија Димковска, која е една од петте автори номинирани на штотуку завршениот меѓународен саем на книгата во Лајпциг за високата книжевна награда „Берлински мост“, на прашањето на ДВ - има ли македонската поезија нови животворни струи, нови млади поетски поколенија, способни за натамошни квалитативни исчекорувања, одговара:

„Секако дека има. Не верувам дека постоел период во историјата на македонската книжевност кога немало такви моќни поетски гласови. Поетските објави на новата поетска генерација не смеат да се запостават, туку, напротив, да се следат, да се читаат и колку е можно повеќе на квалитетен начин да се промовираат и во земјата и во странство.“

Mazedonische Dichterin Lidija Dimkovska
Лидија ДимковскаФотографија: Lidija Dimkovska

Веле Смилевски, поет и претседател на Собранието на Друштвото на писатели на Македонија, се надоврзува:

„Антологијата на современата македонска поезија на руски јазик во превод на Олга Панкина, штотуку објавена во Москва, започнува со стиховите на Кочо Рацин, а завршува со најмладите, со Јовица Тасевски – Етернијан. Тоа зборува дека тековите на македонската поезија имаат животворност. Имаме една нова генерација, која остава силен печат врз најновиот тренд во македонската поезија со своите специфики, со своите мотивско-тематски и стилско-изразни особености.“

„Песната се раѓа во душата на поетот“

Весна Мојсова-Чепишевска, професорка по современа македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, коментира:

„Најмладата македонска поетска сила ги манифестира своите објави низ силен 'номадизиран' дискурс, произлезен од самите форми на егзистенцијалната, но и на духовната 'патувачка' иницијација. И оваа млада книжевна сила се залага за една своевидна хармонија на творечката и техничката страна во процесот на создавањето или откривањето на песната/расказот, онака како што тоа го правеше и големиот Блаже Конески. Нивните книги допрва ќе почнат да се отвораат.“

Ivan Antonovski, Dichter aus Mazedonien
Иван АнтоновскиФотографија: I.Antonovski

Иван Антоновски, едно од поистакнатите имиња во најмладата поетска генерација во оваа земја, вака го објаснува своето поетско „кредо“: 

„Песната се раѓа во поетовата душа, тогаш кога во неа ќе навлезе дел од она што поетот го носи во себе како своја внатрешна, индивидуална светлина, за потоа, под нејзино влијание, стиховите да бараат излез низ дамарите на свеста. Палестинскиот поет Махмуд Дарвиш има речено: 'Како повозрасен сфатив дека поезијата е тешка, но, сепак, можна работа. Но, и работа што не може да го смени светот. Наместо тоа, поезијата може да размести кандилца во мракот'. Иако идејата дека поезијата може да го смени светот ни се потврдува како утопистичка, сè уште се надевам дека со она што го создавам ќе разместам барем неколку кандилца, кои барем за еден миг ќе светнат во овој духовен мрак во кој живееме. Сакам да верувам дека еден ден творештвото ќе може да го спаси светот, или барем да го направи подобар одошто е.“

„Во Лајпциг никој не ја нарече Македонија поинаку“

Како се третира македонската поезија во светот во овој момент, кога идентитетот и јазикот на македонскиот народ се судираат со одредени негирања?

Димковска одговара:

Leipziger Buchmesse, Autoren aus Mazedonien
Димковска: На Саемот во Лајпциг никој поинаку не ја нарече МакедонијаФотографија: DW

„На Саемот во Лајпциг никој поинаку не ја нарече Македонија и претставувањето на македонската книжевност беше сосема рамноправно со книжевностите на останатите земји. Веќе извесно време сум убедена дека само радикалната политика има проблеми со македонскиот идентитет, име и јазик. Умните луѓе, па и нации, немаат тешкотии со поставувањето на македонската култура на картата на светската култура. Македонската поезија е се‘ поприсутна во светот, но не доволно, а тоа зависи не само од надвор, туку и од внатре, од сопствената културна политика кон сопствената култура.“

Смилески заклучува:

„Македонската поезија е интегрирана со европските литературни и поетски текови. Високите резултати што се постигнуваат на планот на уметноста и конкретно во поезијата покажуваат дека стоиме рамноправно со највисоките дострели во Европа и светот. Тоа на најавтентичен начин го потврдува нашиот идентитет како Македонци.“