1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Како да се зголеми подготвеноста за вакцинирање?

Ралф Бозен
13 јули 2021

Делта сојот се шири сè повеќе а Германците сѐ помалку се одзиваат на повикот за вакцинација. Сега политичарите и експертите се расфрлаат со креативни идеи за тоа како да убедат што повеќе граѓани да се вакцинираат.

https://p.dw.com/p/3wP5R
Deutschland Corona-Pandemie Impfkampagne | Frankfurt am Main
Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Всушност, ништо не стои на патот за засилен интензитет на вакцинацијата против коронавирусот во Германија: има доволно вакцини, и во фрижидерите на лекарските ординации и во центрите за вакцинација. Сепак, подготвеноста на граѓаните за вакцинација опаѓа, и покрај брзото ширење на Делта варијантата на коронавирусот. Накратко: вакцината е тука, но недостасува волјата на граѓаните.

Сè помалку граѓани резервираат термин за вакцинирање, а многумина, кои го направиле тоа не се појавуваат на закажаниот термин. Можно е за тоа да е виновна сезоната и на годишни одмори и тоа дека многумина повеќе би сакале да се сончаат некаде на Средоземното Море отколку да се појават на терминот за втората вакцина.

Кампањата за мотивирање на граѓаните за вакцинирање со плакати, билборди, телевизиски спотови и информации на интеренет, која започна во февруари и ја чинеше  германската влада 25 милиони евра, очигледно не вроди со плод. Според министерот за здравство Јенс Шпан, во моментов во Германија дневно се вакцинираат толку малку граѓани како на почетокот на кампањата во февруари. Но, тогаш виновник беше недостатокот на вакцини. Сега, меѓутоа ги има повеќе од доволно.

Symbolbild I Coronavirus I Impf-Müdigkeit
Фотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Да се разбуди „подзаспаното“ општество

Најновите податоци од државниот епидемиолошки институт Роберт Кох (РКИ) не се охрабрувачки: само 43 проценти од германските граѓани се целосно вакцинирани. Според сегашните предвидувања, меѓутоа, дури 85 проценти од граѓаните на возраст меѓу 12 и 59 години мора да бидат целосно вакцинирани за да се спречи четвртиот бран на Ковид-19. Кај постарите од 60 години, тој процент мора да изнесува дури 90.

Првобитно, односно пред појавата на позаразниот сој Делта на коронавирусот, Светската здравствена организација (СЗО) проценуваше дека 70% вакцинирани граѓани се доволни за имунизација на општеството.

Повеќе:

-Вакцинација во Германија: Термини за сите, но и апел за трпеливост

-Доктори се жалат дека Германците стануваат агресивни во потрага по вакцина

-Вакцинален јаз во ЕУ: Бугарија на дното, Белгија на врвот

Затоа експертите и политичарите во Германија, во моментов се загрижени и се натпреваруваат со креативни идеи за тоа како да ги поттикнат граѓаните да се вакцинираат. Но, идеите како онаа на покраинскиот премиер на Сарланд,  Тобијас Ханс,  вакцинацијата, слично како во САД, да се поврзе со лотарија со огромни добивки, не наидоа на воодушевување.

Повеќето германски покраини сè уште ја вложуваат целата своја енергија во информативни кампањи и мобилни центри за вакцинација.

500 евра награда за вакцинирање?

Најнаселената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија штотуку ја започна „Неделата на вакцинација“ за време на која засилено се нудат вакцинации не само кај лекари или во центрите за вакцинација, туку и на многу фрекфентни места во градовите, како улиците за шопинг, трговските центри , спортските објекти. Граѓаните можат да примат вакцина дури и во прочуената катедрала во Келн. Други општини и градови во Северна Рајна-Вестфалија планираат или веќе спроведуваат други креативни идеи за поттикнување на имунизацијата. Некои градови, на пример, вакцинираат со диско музика и бесплатни безалкохолни коктели.  Министерот за здравство на оваа покраина, Карл-Јозеф Лауман зборува за „пресвртницата на кампањата за вакцинација“. „Креативноста не треба да има граници“, вели Лауман. Ваквиот став го поддржуваат и бројни други политичари во земјата.

Економистката од Институтот за технологија во Карлсруе, Нора Шех дури предлага и парична награда. Таа вели дека нејзините истражувања покажале дека подготвеноста за вакцинирање расте со понуда на парична компензација. Со награда од 100 евра, подготвеноста за вакцинација се искачува на 80 проценти од граѓаните. Таа, дури, се залага за награда од 500 евра. Тогаш, подготвеноста за примање вакцина достигнува до 90 проценти.

Цела година во комплетна изолација

Таа упатува на експертските проценки дека вредноста на секоја целосна вакцинација за општеството е 1.500 евра. „Значи, инвестицијата се исплатува“, вели економистката и предлага оние што веќе биле вакцинирани да бидат наградени ретроактивно.

И здравствените работници исто така предупредуваат дека се потребни натамошни залагања за повисоки стапки на вакцинација. „Тука се бара поголема креативност од локалните власти“, вели Сузане Јона, претседателка на лекарскиот синдикат„ Марбуршки сојуз“. Според неа од одлучувачко значење е да се допре до оние, кои досега сѐ уште се колебаат или сакаат да бидат убедени во неопходноста на вакцинацијата.

Претседателот на Германското здружение за интензивна и итна медицина (ДИВИ) Гернот Маркс смета дека нема простор за паника дури и ако има четврти  бран на пандемијата. „Гледам со респект, но без паника кон есента и кон можниот четврти бран“, вели тој. Но, сепак: сето говори дека трката против четвртиот бран штотуку започна.