Поглавар што посакува нечија смрт | Македонија | DW | 24.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Поглавар што посакува нечија смрт

Тешко е да се разбере зошто првиот духовник на ИВЗ посака нечија смрт, да не речам, се вмеша во волјата на Бога, а не во правните процедури кои му стојат на располагање? Коментар на Катерина Блажевска.

„Слушнав дека имала проблеми со здравјето, сега моментално. Но, не ја жалам, таквите нека починат, што побргу“. Тешко е да се поверува дека ваква изјава на адреса на една судијка даде лично поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, човек кој би требало да проповеда за мир, разбирање, живот и љубов меѓу луѓето. Уште потешко е да се разбере зошто таа клетва беше наградена со силен аплауз од неговото опкружување. Во цивилизирани општества, забелешките за која било судска одлука вообичаено се решаваат со жалби и со претставки за работата на судија. Тешко е да се разбере зошто првиот духовник на ИВЗ посака нечија смрт, да не речам, се вмеша во волјата на Бога, а не во правните процедури кои му стојат на располагање. 

Тешко беше да се разбере и зошто пред две недели истиот поглавар на ИВЗ македонскиот народ го нарече „див народ, кој нема идентитет и никогаш нема да го има“. Не беше лесно да се разбере ни кој го штити поглаварот на ИВЗ од неговата наводна поврзаност со некои дивоградби на Матка, за чие санкционирање сите се прогласуваа за „ненадлежни“. Или зошто ИВЗ не поднела ниту една завршна сметка од 2006 до 2017 година? Или зошто поглаварот на ИВЗ реши да ја критикува Владата за бавните судски постапки за враќање на имотот на ИВЗ, заканувајќи се дека „пред почетокот на кампањата за претседателските избори, ќе бидат принудени во 700 џамии во земјава да ги информираат верниците за таа долготрајна дискриминација“.

Mazedonien - Land und Leute (DW)

Има многу прашања што треба да бидат одговорени, откако вчера пред портите на ИВЗ се појави лицето Скендер Бузаку, со одлука од Основниот Суд - Скопје 2, кој донел решение за запишување промена во вршењето на функцијата Реис-ул Улема. Во образложението на судската одлука се вели дека таа е донесена врз основа на записник од вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ одржана на 30.03.2019 година, на која била констатирана неотповиклива оставка на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, која според документот, тој ја поднел на 25-ти март годинава. Според записникот, на истата седница на Ријасетот одржана на 30-ти март, била донесена одлука за избор на Бузаку за нов Реисул улема на ИВЗ. Мухамер Вејсели од ИВЗ изјави дека „таква одлука, со која наводно Реџепи си поднесол оставка - нема“, а поглаварот на ИВЗ по синоќшената вонредна седница на Ријасетот, даде уште една изјава: „Од оваа вечер не сме повеќе на иста страна со оваа Влада“.

Повеќе:

-Писмото на ИВЗ: имоти, или алиби за помалку изборни гласови?

Од верски поглавар не се очекува да биде на страната на ничија Влада, туку на страна верниците и на духовните вредности кои ги пропагира. Но, од она што вчера го слушнавме од устата на поглаварот, тешко е да се најде било каква допирна точка со верата. Зачудува и соопштението на ДУИ, која се постави како да не е дел од актуелната Влада, имајќи го предвид нејзиниот повик: „Апелираме и очекуваме од Владата, судовите и останатите државни институции да се однесуваат согласно уставните начела на автономност и независност на верските заедници и соодветно на тоа, во целост да ги почитуваат одлуките на органите и телата на ИВЗ“.

NO FLASH Mazedonien Islam Streit (Petr Stojanovski)

Од ова произлегува дека МВР „згрешило“ кога по добиени две пријави (и од едната и од другата страна во спорот во ИВЗ), испратило полициски службеници во седиштето на Исламската верска заедница. Таму подоцна не било констатирано нарушување на јавниот ред и мир, но зарем МВР требало да ги игнорира своите обврски ако двете страни побарале нејзино присуство?

На крајот, неспорно е дека верските заедници имаат своја автономија и во случајов надлежни за разрешување на внатрешните спорови се органите на ИВЗ. Ако записниците кои до судот ги доставила „другата страна“ не се точни, односно лажни, постојат правни процедури со кои ќе се докаже тоа. Но, дали има лек за зборовите кои ги изрече Сулејман Реџепи, и дали таков речник прилега на поглаварот на ИВЗ - одговорот треба да го дадат верниците.

 

DW.COM

Реклама