1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно слаба туристичка сезона?

9 јуни 2010

Во годината на јубилејот-три децении под заштита на УНЕСКО, Охрид се соочува со една од најслабите туристички сезони. Фалат модерни патишта, ефтини летови, брза железница, па дури потоа скапи реклами, тврдат хотелиерите.

https://p.dw.com/p/NlsV
Фотографија: Petr Stojanovski

Светската криза го зеде данокот и во охридскиот туризам. Првото тримесечии тотално ги затвори хотелите. Лошата слика започна да се подобрува со будењето на пролетта, но, е далеку од добро. Најновите проценки на Дончо Танески, претседател на Хотелско-туристичката асоцијација на Македонија се оптимистички. Тврди дека Охрид ќе извлече „жива глава“ и иако не е за фалење, ќе има приближно туристи и промет како и лани: „Се надеваме на чартерот кој доаѓа од Ираел, Турците кои доаѓаат во регионов. Останува варијантата со Холанѓаните кои имаат потпишано договори со некои хотели. Во принцип тие ќе бидат странците.“

Hotel Hotel Desaret Ohrid
ОхридФотографија: IMPORT

Фали модерна инфраструктура и ефтини авио летови

Од соседството и ова лето најмногу се очекуваат гости од Србија. На тамошниот саем Охрид пролеттва беше прогласен за најгостопримлив град. Се чини скапите спотови кои ги плаќа државата на светските медиуми нема брзо да донесат гости. А и да се заинтересираат, сигурно ќе се откажат откако ќе разберат, колку е тешко да се стигне до Македонија и посебно до Охрид. Танески отворено вели: „Имаме лоша железничка инфраструктура, не поврзаност со светските центри. ТАВ е добро што влезе, ама нема ниско буџетни компании. Цените на авио-билетите во Скопје се двапати или трипати поскапи од цените во Тирана. Автопат Охрид – Скопје нема. Гостите кои патуваат со авион и со автобус до Охрид треба да минат осум часа во пат и нормално стануваат нервозни“.

Туристите се пребирливи, Охрид нуди нови форми

Морските дестинации во соседството ги спуштија цените, Охрид јавно не го стори тоа. Но, се чини аранжманите сепак се поефтини. Охрид учи од грешките. Од сезона во сезона нуди се’ подобро сместување и дополнителни услуги. Никнаа нови приватни хотели, вили и плажи. Будимир Соколовиќ е еден од оние кои само една година се во овој бизнис и знае дека треба да се вложи, па тоа повеќекратно да му се врати: „На гостите им нудиме и фитнес сала, и тоа гратис. На иницијатива на некои ресторани имаме по 10 одсто попуст за лицата кои се сместени во вилата ’Мал Св. Климент’. Годинава имаме и промоција, на пет пансиони, даваме по еден ден бесплатно.“

Galicica Nationalpark Mazedonien
Националниот парк „Галичица“Фотографија: DW

Се нудат и нови форми на туризам. Предначи Националниот парк „Галичица“ Оливер Аврамоски открива: „Ние сакаме да привлечеме гости, кои ќе ја откријат природата во друго светло. Посебно исклучителното богатство со видови, живеалишта. Тоа би биле туристи кои сакаат да набљудуваат птици, богати и ретки растителни видови, искачување, планинарење.“

УНЕСКО целосно не е искористен како бренд

UNESCO United Nations Educational, Scientific and Cultural Organization Logo

За жал УНЕСКО како бренд не е доволно искористен. Со децении се мислело дека активностите ќе дојдат сами од себе, дециден е Антонио Балески, експерт по туризам: „Општината Охрид со своето активно лобирање, последниве години успева во неколку наврати да обезбеди присуство на претставници на УНЕСКО на работилници и во изработката на Нацрт-верзијата на Планот за управување со културното-природното наследство во регионот.“

Од туризмот директно или посредно во Охрид егзистираат над 15.000 лица. Факт е дека градот се „дави “ во проблемот со паркинг места, и се’ уште неуредена централна транзитна артерија која води до автобуската станица. И ова лето, тие што ќе дојдат ќе се соочат со дивите станоиздавачи и нивното: „Дал ви требит соба?“ и она на кајчарите: „Требит кајче?!“

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска