Повторно консензуален Фикус | Македонија | DW | 08.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Повторно консензуален Фикус

Македонија има судбинска потреба за претседател кој ќе биде народен и граѓански симбол на борбата против корупцијата и криминалот, против нееднаквоста, против партиокрацијата, против елитизмот и стабилократијата.

Штотуку започнатата кампања за избор на нов претседател на Републиката однапред ветува шест-месечна предвидлива општествена збунетост и изглумена политичка драматичност. И додека лисјата на стариот фикус венеат и паѓаат со есенските температури, низ медиумските ливади веќе ораат партиските сејачи на магли. Фрлајќи семе за новите поколенија на новата реколта на свежи, зелени, декоративни фикуси.

Медиумската владина врева ќе сака да нѐ убеди дека со заминувањето на Ѓорге Иванов и доаѓањето на нивниот фикус, Македонија ќе направи уште еден храбар исчекор кон бла-бла. Дека Македонија зад себе ќе остави еден мрачен период на неразумие и ќе настапи силно светнат ден на дрн-дрн. Дека сите ќе здивнеме со олеснување за заминувањето на симболот на ретроградноста и со полни бели дробови ќе вдишеме од свежината на априлскиот воздух на труч-труч. Сцената е поставена, флоскулите испечатени, играчите навиени, младите зелени фикуси изгланцани, публиката – не смее да излезе од салата додека не запее дебелата дама.

Да не беше горкото искуство со бојкотот на референдумот и безобразието на гласачите да се дрзнат да покажат среден прст, таа претстава и би поминала како сите други изборни карневали досега. Логично, поради еден бојкот не е упатно да се вадат заклучоци дека исклучокот ќе стане правило. Исто како што е и логично дека повторените обиди за наметнување лудило како мудрост можат сосема лесно кај гласачите да предизвикаат мерак за повторување на бојкот – но во некоја друга форма. Затоа, следните претседателски избори ќе бидат демонстрација на способноста на партиите не да ја предводат јавноста, туку да ги следат граѓаните кои ја имаат откриено демократијата пред тоа да го направат партиите.

Познати профили

Начинот на кој владејачките партии пристапуваат кон претселекцијата на кандидати за шеф на државата не само што наликува на претходниците, туку и најавува неволност и неспособност да се излезе од матрицата наследена од стариот пост-титовистички комунистички систем. Затоа, иако самите имиња на кандидатите за Водно се битни сами по себе, она што е многу поважно за согледување е генерички посакуваниот и партиски наметнуваниот профил на шеф на државата Северна Македонија.

Според тој генерички склопен калап, кандидатот за претседател треба да биде: стар, мудар, академик (не интелектуалец), искусен, умерен, молчалив, благо-националистички настроен и алузивно мултиетнички претставен, со познавање на меѓународните односи, укочено држење и десексуализирана појавност. Во тој неслужбен и непишан темплејт, истиот таков кандидат не смее да биде: зрел, храбар, зборлив, независен, ноншалантен, љубопитен,  дрзок и со силни економско-социјални познавања за земјата која треба да ја предводи. Во кратко, претседателот на Македонија мора да биде повеќе појава отколку личност. Токму според параметрите наследени од стариот систем и мантрата за „И по Тито – холограм.”

Mazedonien Land und Leute Residenz des mazedonischen Präsident Vila Vodno in Skopje (Petr Stojanovski)

Гледајќи наназад, искуството на Македонија со нејзините претседатели (со донекаде исклучок на Борис Трајковски) само ја потврдува доминацијата на наведените параметри при селекцијата и изборот на кандидати за шеф на државата. Впрочем, следењето на подемот и падот на нашите државници прецизно ја отсликува нивната употребно испланирана вредност сходно дневно политичките приоритети на државата, т.е. елитата. Почнувајќи од употребната вредност на Глигоров како белградски кадар задолжен за развод од Југославија и зачувување на интересите на Белград во Македонија. Наследен од Борис Трајковски како проектирано домашно дете на пост-комунизмот и човек од народот (а не граѓаните). Пост-конфликтното решение во ликот на Бранко Црвенковски како реставратор на системот и реституција на граѓанското осветништво кон народот. И на крај, Ѓорге Иванов, делегиран да со својата парадерска вревливост против ОРД ја одигра улогата на громобран за тивките деструкции на Груевски и Ахмети.

Следејќи го генеолошкото стебло на нашите државници, неминовно ќе се согласиме дека форматот за предизборна селекција на профилот на новиот шеф на државата би требало драматично да се разликува од калапот употребуван од независноста па до април 2019. Впрочем, новите времиња, новите предизвици, новите реалности како и топењето на разликата во ставовите помеѓу народот и граѓаните упатуваат кон таков сосема логичен аргумент и потреба. Притоа, колку и да тоа звучи непопуларно денес, колку и да сев мотивите непристојни и нахални, спремноста на Иванов до максимум да ги искористи инструментите на канцеларијата, кај граѓаните има создадено нова визура за улогата и обврската на претседателот во рамките на и над системот на администрација со државата. Сосема е друго прашањето за мотиците, целите и начините на кои Иванов ги има употребувано таквите инструменти. Но тоа не ја намалува поуката дека тие и такви инструменти можат да се употребат и во попозитивни и конструктивни цели за добро на севкупното општество и државата.

Други колумни од авторот: 

Христијани и Селани

Про-Западен Анти-Демократски Фило-Путинизам

СИД го затвора кругот

Испробани рецепти

За жал, првичните назнаки од страна на СДСМ и ДУИ не наговестуваат ниедна причина за оптимизам дека во нивната селекција ќе се водат од општото добро и дека нема да се воздржат од користење на стариот калап при селекцијата на нов претседател по име и стар модел по делување. Она што е очигледно е дека нивниот фокус на избор е редуциран врз најнискиот именител на контроверза и селекција на лик кој нема премногу да се меша во водењето на државата и најмалку во интересите на партиите и клановите кои го имаат насадено во Водно. Како таков, несомнено дека од СДСМ-ДУИ протежираниот кандидат за претседател на Македонија ќе ужива огромна популарност кај истите медиумски врескачи кои хистеризираа против Иванов, и нескриен презир и потсмев кај медиумските хистерии за кои Иванов беше симбол на асли-Башбакан. 

Доколку граѓаните очекуваат од Заев и Ахмети да им испорачаат претседател кој доследно и достоинствено ќе ги преставува, ќе го добијат она што им следува на оние кои веруваат во медиумски кроенки и вештачки дизајнирани профили. Едно големо, огромно, шарено, дебело разочарување. Но доколку Македонија сака да има сопствен претставник соодветен на времињата и предизвиците, достоен да се справи со реалните проблеми на земјата и граѓаните, тогаш првиот чекор кој граѓаните треба да го превземат е да ги одбијат калапите наведени погоре и ги отфрлат кандидатите кои ветуваат просперитет а притоа седат во скутовите на коруптократите на СДСМ, ДУИ, ВМРО. Вократко, клучниот предуслов за прифаќање на било чија кандидатура како релевантна, достоинствена и вредна за доверба е демонстрацијата на неинволвираност во криминал, корупција, непотизам.  И тоа како на личен аспект, така и од аспект на оние кои го предлагаат. Па било да се тоа политички партии или некои нови квази-шарени револуционерни паради за предизборна употреба.

Македонија има судбинска потреба за претседател кој ќе биде народен и граѓански симбол на борбата против корупцијата и криминалот, против нееднаквоста, против партиокрацијата, против елитизмот и стабилократијата. Кандидатите на СДСМ и ДУИ тоа едноставно нема да сакаат и нема да си дозволат да испорачаат. Па колку и нивниот Фикус да биде обоен во сино и украсен со жолти звезди. 

 

DW.COM

Реклама