1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

251009 Grüne Afghanistan

26 октомври 2009

Дали германските војници треба да се повлечат од Авганистан и доколку да - кога? Делегатите на Партијата на Зелените, на конгресот на викендот се согласија да побараат војниците да се повлечат до 2013 година.

https://p.dw.com/p/KFIc
Клаудија Рот бара што поскоро повлекување на Бундесверот од АвганистанФотографија: picture-alliance / dpa

Мисијата на четирите илјади германски војници во Авганистан не може да продолжи како во моментов, смета шефицата на Зелените, Клаудија Рот:

„Сакаме во 2010 година да направиме план за повлекување и да создадеме конкретна перспектива за повлекување на војниците во текот на актуелниот легислативен период, така што меѓународните трупи би се повлекле чекор по чекор.“

Повлекување да, но не избрзано, гласи ставот на раководството на партијата. Се‘ уште е рано за Авганистан да се препушти сам на себе, аргументира познавачот на состојбите во таа земја, Том Кенигс:

„Но, преку јасни задачи мораме и да ја обврземе авганистанската влада да преземе одговорност и постепено, се‘ повеќе самата да се грижи за безбедноста.“

Günenparteitag-in-Rostock.jpg
Од конгресот на зелените во РостокФотографија: AP

Во Авганистан веќе владее граѓанска војна

Малцинство од делегатите на конгресот на Зелените се заложи за брзо повлекување на Бундесверот. Ули Кремер аргументира дека и покрај тоа што НАТО испраќа се‘ поголем број војници во Авганистан, талибанците контролираат големи делови од земјата. Оваа војна не може да се добие, па со оглед на тоа, Бундесверот би требало да се повлече од Авганистан до наредното лето.

„Постојано се вели - ако се повлечеме, ќе избие граѓанска војна. А, што се случува сега? Тоа е граѓанска војна и прашање е само дали таа војна ќе се одвива со или без учество на НАТО и Бундесверот. Тоа е прашањето пред коешто сме исправени, а не дали допрва ќе избие граѓанска војна.“

Застапниците на барањето за брзо повлекување на крајот не можеа да го наметнат својот став. Пратеничката група на Зелените во парламентот од новата влада ќе бара таа да стори повеќе за обновата на земјата и за подобра заштита на авганистанското население. Истовремено, би морало да бидат поставени насоките на планот за повлекување на германските војници.

Автор: Нина Веркхојзер/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска