Повеќе електромобили за Германија | Панорама | DW | 27.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Повеќе електромобили за Германија

До 2020 година на германските улици би требало да има милион електромобили. Меѓутоа, моментално има само 60.000. Германската пошта од пред неколку дена започна достава на пакети и писма со електрични автомобили.

„Стритскутер можеби нема најдобро дизајнерско решение, но сигурно е практичен“, смета германската министерка за заштита на животната средина Барбара Хендрикс. Членот на Управниот одбор на германската пошта Јирген Гердез, за разлика од министерката Хендрикс, смета дека Стритскутер е „неверојатно убав“. Хендрикс и Гердез на поштата во градот Херлен, покрај Ахен, ѝ предадоа 1.000 светло жолти автомобили со кои ќе се доставуваат пакети и писма.

Визија: замена на сите 45.000 возила за достава

Соработката на поштата и компанијата „Стритскутер“ почна пред четири години. Целта е сите 45.000 возила за достава во Германија да бидат заменети со автомобили на електричен погон. Станува збор за возила кои малата фирма ги изработува исклучиво според желбите и потребите на германската пошта. Проектот засега вреди 27 милиони евра. Германското министерство за заштита на животната средина го поддржува овој проект со 9,5 милиони евра.

Успешната приказна за тоа како поштата дава големо внимание и значење на електричните автомобили би можело да ѝ биде од полза на германската влада. Имено, пред неколку години владата изрази желба на улиците во Германија до 2020 година да има милион електромобили. Меѓутоа, досега во употреба има само околку 60.000. Од неодамна постојат државни субвенции за купување на автомобили на електричен погон. Ваквите мерки во други земји, како Јапонија и Норвешка, постигнаа големи успеси. Германската автомобилска индустрија, без оглед на нејзиниот голем потенцијал, едноставно го „преспа“ производството на големи серии на електрични автомобили.

Barbara Hendricks SPD E-Zustellerauto der Post

Министерката Барбара Хендрикс вели дека Стритскутер е практичен

Бохум предничи по користењето на е-возила

Германската пошта и Стритскутер од почетокот свесно ги избегнуваат големите производители. „Нив не ги интересираат малите серии на автомобили кои нам ни се неопходни на почеток“, изјави Кристијан Штајнборн од компанијата „Стритскутер“. Планирано е производството да се зголеми од наредната година. Така, годишното производство ќе изнесува до 10.000 електрични автомобили, а за пет години целиот возен парк со кој поштата доставува пакети и писма, би требало да биде заменет со автомобили на електричен погон. „Бохум е првиот град во кој сме присутни со 65 електрични скутери и автомобили“, вели Александар Еденхофер, претставник на поштата.

„Кога говориме за електромобилноста речиси секогаш мислиме на автомобилите, а ретко на комерцијалниот превоз. Токму на тоа поле се случуваат многу работи“, вели Барбара Хендрикс. Очигледно е дека министерката Хендрикс и поштата повеќе се залагаат за иновативни идеи отколку големите автомобилски концерни.

DW.COM

Реклама