Победуваме, или не? | Македонија | DW | 10.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Победуваме, или не?

Дали македонските локални маријачи разбираат дека двете стани на победата се испреплетени, и дека меѓу политички ризик и добивка има една тенка, често незабележлива, линија? Колумна на Петар Арсовски

Политиката е, во најмала рака, превртлива. Така, често, она што сега изгледа како победа, може лесно да се претвори во пораз, и обратно, сегашниот пораз може да доведе до некоја идна победа.  Не знам дали нашиве локални маријачи разбираат дека двете стани на победата се испреплетени, и дека помеѓу политички ризик и добивка има една тенка, често незабележлива, линија, но еве неколку примери кои можеби истото можат да го илустрираат.

Првиот пример е како поразот на Ердоган на локалите избори во Турција, всушност не е пораз.  Прво, иако Ердоган ги изгуби Анкара, и (по последните информации) Истанбул, беговиот вкупен рејтинг е намален за само 2 проценти, од 54 на 52.  На други избори имал и поголеми падови, од кои се опоравувал.  Всушност, владејачките партии, а Ердоган особено, имаат историја на брзо и сериозно опоравување после вакви транзиторни порази.  На пример, во 2009 и 2014 АКП има изгубено повеќе поени одошто сега, за веќе на наредните избори да добие уште поголема поддршка.  Второ, Ердоган сеуште има мнозинство во најголемиот број од општинските совети, каде владеењето на новите градоначалници од опозицијата (што сме гледале и кај нас) може да биде многу проблематично и без шанса за пробив или сериозен резултат.  Трето, Ердоган сеуште ги контролира централната власт, судството и медиумите, па опозицијата мора многу повеќе да се потруди ако сака да му ја разниша вкупната позиција на “султанот”.  Четврто, новите промени на уставот на Турција му даваат можност на Ердоган директно и дискреционо да додели пари на која сака општина – се сомневам дека Истанбул и Анкара ќе добијат многу.  На крајот, признавањето на поразот му овозможува да претстави дека демократијата не е мртва во Турција, и да поентира со привиден плурализам во локалната власт.  Така, иако овој пораз претставува порака дека електоратот има забелешки на неговото владеење, сеуште е рано да се прогласи пораз – ако се следат историските трендови.

Вториот пример е оваа, навидум значајна, но никако трајна, победа на Трамп, која доаѓа по поднесувањето на извештајот на Милер до јавното обвинителство на САД.  Иако обвинителството засега не објавува детали од содржината на извештајот, првата изјава на обвинителот Бар е секако индикативна.  Тој вели дека иако содржината на извештајот не го имплицира Трамп директно во наводите дека соработувал со Русија за време на претседателските избори во САД, не го ни ослободува од сомнежите.  Трамп, после првичните најави дека нема директни докази за негова вмешаност во таа оска, побрза да прогласи политичка победа, со фамозните ”твитови” и јавни изјави.  Ваквата прогноза, имајќи предвид во кој правец се одвива истрагата во моментот, очигледно била прерана.  Сега, после доставениот извештај, согледувајќи го тоа, Трамп веќе почна превентивни напади кон демократите, тврдејќи дека тие со ништо не би биле задоволни и дека ќе има нови сомнежи.  Дали е тоа факт, или само заштита против оваа закономерност – дека победата ќе му се претвори во пораз?

Други колумни од авторот:

-Фоторобот за претседател

-Од тука е сѐ надолу

-Помеѓу Руска салата и Кока Кола

Брзината со која Трамп се преориентира кон нов напад на Милер и Бар, е индикатор дека има политичка проценка дека победата никако не е сигурна.  Првичната оценка дека Бар се однесувал коректно во текот на истрагата, која беше официјално изнесена од Белата куќа, сега се претвори во напад кон него, заедно со сериозна кампања да се дискредитира целиот извештај.  Брзината со која Трамп ги нападна и Бар и Милер, беше повод демократите да побараат сведочење на Милер, како и целосна објава на извештајот.  Сепак, изгледа дека прогласувањето победа од страна на кампот на Трамп сепак е политичка тактика, која ќе направи било каква содржина од извештајот да може да биде прогласена како политикантство.  Со други зборови, Трамп, прогласувајќи победа, го подготви теренот за евентуален пораз, кој потоа би можел да го портретира како нефер игра. 

Се прашувам дали и Мицковски го прави истото?  Тој е растрчан по државата и една од неговите најгласни пораки, и на партиските собири и во јавните настапи, е дека Силјановска сигурно победува.  Тој веќе ја прогласи за иден претседател.  Се прашувам како штабот, и Мицковски, дојдоа до тој заклучок?  Во јавноста не проструи ниедна анкета (дури ни партиска) во која Силјановска води.  Напротив, и најоптимистичките анкети за ВМРО ДПМНЕ покажуваат дека таа губи со најмалку 40,000 гласови во првиот круг, а најверојатно со поголема разлика во вториот, имајќи предвид дека ниту еден албански гласач не се изјаснил дек би гласал за неа.  Така, ако нешто под половина од гласовите на Река во првиот круг, во вториот круг гласаат за Пендаровски, таа разлика би се зголемила значајно.  Оттаму, се прашувам дали Мицковски подготвува терен за обвинување дека победата му е украдена?  Тоа токму личи на еден небулозен наратив кој би можел да излезе од тој штаб.  Значи тезата би била дека тие победата ја имале во раце (што не е точно), па некој им ја украл (што, по аналогија, е исто така неточно).  Значи на што мисли Мицковски кога вели дека ќе победат?  Можеби мисли на бојкот – можност да се спречи изборот на Пендаровски, имајќи предвид дека Силјановска не може да победи.  Можеби смета дека (ако се откаже од бојкот) резултатот би бил доволно добар да му овозможи сериозна шанса да победи на наредните парламентарни избори.  И на крајот, можеби смета дека резултатот ќе му овозможи да го диктира темпото на парламентарните избори.  Сепак, мислам дека проблемот со резултатот на опозицијата кај електоратот не е во претседателските избори, туку во нивниот вкупен наратив, кој наместо на економијата и реформите, се фокусира на националистички романтизам.  Така, тие си ги намалуваат шансите, иако во моментот се “бодрат” дека победуваат.  Не гледам како би биле реална алтернатива ако се држат до небулозите кои ги “верглаат” сега: (1) Груевски, Јанакиевски, Јанкуловска и другите се невини, (2) 27 април беше спонтан собир на патриоти и судењето е политички прогон, и (3) преспанскиот договор треба да се поништи, а ЕУ и НАТО ќе почекаат.

 

DW.COM

Реклама